За празнење на џебовите на сопствените граѓаните, нашата влада стана експерт, тоа се гледа по животниот стандард, по процентот на невработеноста, по цената на струјата и по се’ друго, што ја прави Македонија „трета најјака економија“ во Европа или во светот, веќе никој не знае каде? Бидејќи државниот буџет е празаен (тоа го призна и министерката за финансии: од планираните 5,9 милијарди евра, собрани се 5,4 милијарди или 470 милиони евра помалку), па сиромавата држава се претвора во жив ѓавол и се’ нешто ќе измисли како да ги измолзе сопствените жители. Така е тоа во држави со слаби притоки на приходната страна, со ламји на расходната, со танка и тесна даночна основа, а и со самоволно трошење преку разни магионичарски трикови.

Сите европски агенции го кажуваат тоа дека сме најисромашни, дека сме последни во се’ и во стандардот на живеење. Што сакате поголем доказ од тоа? Странските служби и агенции повеќе знаат за нас и од самото лидерство, но тоа се фаќа во кавга со Државниот завод за статистика дека неговите податоци се злонамерни, а причината за неуспесите ја префрла на опозицијата - ова го има само во цраните филмови.

Кога виде дека македонските џебови во домашна валута се празни, пред Нова година, (каква честитка!) власта посегна по девизните приливи на нашите граѓани, и тоа од пред 6 години (од 2020 година) пратени од земјите во кои власта не сака да ја однесе Македонија, а во кои младите итаат да избегаат од сопствената хаотична татковина и таму да заработат, за да пратат нешто назад на родителите и на роднините. Какви политички и животни судбини и апсурди: западот не го сакаме, ама неговите пари ги сакаме и штом ќе влезат во нашите банки, ги грабаме и тоа без опомена со крајно решение да се уплатат на сметката на УЈП заостанати некакви обврски, па дури и парите на тие што поголемиот дел од годината живеат во странство.

Директорката на УЈП се „фали“ дека граѓаните не биле добро информирани, како да е тоа обвска на граѓаните, a   не на Управата. Граѓаните велат дека на време прашувале дали тие пари подлежат на даночење, службениците им одговарале дека тие пари не се оданочуваат. Сега никому не му е јасно со која динамика ќе се наплаќат даноците на тие пари, дали сите одеднаш или година за година во наредните години, а парите се потрошени за суровиот живот.   

Луѓето се во шок, особено тие што живеат само од тие пратки на нивните деца. Во нив спаѓаат заработките со пот и со мизерување, со одвоен живот, со природна инфериорност во однос на тамошното население поради незнаење на јазикот, честата омраза кон странците што се зголемува во некои западни земји, а најмногу со страв да не бидат отпуштени поради глобалната економска криза која не е санирана уште од 2007 година, а немаат ни каде ни зошто да се вратат.  

Голем број граѓани се уплашени и револтирани и се прашуват дали државата нема да посегне и по парите од пред 2020 година. Револтот се сведе на еден мал протест во Куманово на работници што работеле во странство, на реакции во неколку прилога и коментари во мал број меидуми, па можеме слободно да речеме дека работата се стиша на задоволство на власта, дека народот се помири со уште една репресија, слична на тие во турското ропство, во кое за бунт против секојдневните товари на имотот на рајата, многу лесно се сечела главата или била набивана на колец. Никој не смее да писме, ќе се умира, ама ќе се молчи и ќе се плаќа. Од каде? Пак од парите што треба да ги пратат нашите деца од странство, ако успеат да заштедат за своите роднини-гревови во сопствената земја. 

Да, во законот пишува дека граѓаните што имаат девизни прилви од странство треба да бидат оданочени, но во Законот за ДДВ има 20-тина ставки според кои граѓаните можат да бидат ослободени од таа обврска, но тие одредби не им се јасни ни на службениците на УЈП, а не на обичниот граѓанин, кој секогаш се надева дека во тие ставки спаѓаат и нивние дивезни крпенци.

Дали некој може да каже дали и во кои медиуми е водена јавна расправа за начинот и за динамиката на плаќање, на роковите, на казнените одредби за тие средства. Овој закон бил донесен 2006 година, но никој не се сеќава дека е популаризиран соодветно на товарот што го носи тој. Е, па сега, кој го има прекршено законот? Да не зборуваме за лавиринтите во зградата на УЈП.

Всушност, нашите граѓани бегаат во странство, од мака затоа што не можеат да ги заработат дома, но нашата држава им дише во вратот, постојано им е зад петиците и им ги зема парите. Од друга страна, со истата леснотија со која им ги празнат џебовите на граѓаните, пратениците дигаат рака „за“ надоместоци за себе по разни основи, де за коефициенти, де за патни трошоци, де за разни собраниски комисии, „проекти“ итн. и на крај никогаш за зголемување на минималецот со образложение дека нема пари за тоа. Половина од домашниот буџет лани се трошел за храна, што зборува дека цените се астрономски, па речиси ништо не останува за други потреби! На секое домаќинство му недостасуваат по 5 илјади денари за да ги задоволи минималние потреби.

Од друга страна нашата држава последниве децении се фали како, на основа на девизните дознаки од странство, во земјава има годишен прилив од милијарда евра со кои се полнат девизните резерви и на тој начин се држи курсот на денарот, зашто, како што знаеме, Македонија со извозот стои катастрофално.

Како и да е, кога нешто се применува од денеска за вчера, тоа е јасен показател дека нешто не е во ред, дека нешто и гори на власта, а се’ што гори е од немање пари, зашто ако имаш пари, ништо не е тешко и страшно. Демек, сега се исправа некоја летаргија на претходната власт која има заборавено да го применува Законот за даноци на личните доходи, ама само во делот за приливите од странсто, во странска валута. Значи има некои работи што граѓаните навистина не можат ниту да ги сфатат, ниту да ги поднесат.

Уште покарикатурално звучи поканата иселениците да се вратат и дека некои се вратиле, дури немало карта за авион, се чекало во редови. Многу познати излитени фрази од нашето северно соседство.

Со фронталниот напад за одземање на дел од приливите од странсто (10%) за 6 години наназад, државата ги освестува граѓаните дека треба да ги кријат, односно да не ги  праќаат по легални канали, туку по нелегални, од рака на рака, во скриени пазуви, во панталони или в гаќи, за да нема никаква трага од нив. Зошто наплатата не почнала да се реализира на време, за да не им се трупаат обврски на граѓаните и сега во оваа крајно тешка економска, животна и безбедносна ситуација да бидат доведени до таков страв за одземање на нивниот имот.

Стравот предизвика дел од граѓаните да го платат износот за 2020 година, назначен во решенијата на УЈП и тоа во нејтешките зимски месеци пред нова година, а што ќе прават тие што немаат платено и што нема да можат да платат, дали ќе им следуваат казни?

Многу пати сме пишувале дека македонската даночна инвалидност е рамното оданочување - сите со ист процент, а на криминалот воопшто никој не може да му застане на патот, тоа што ЕУ кај нас го именува како „корупција“. Додека една власт е во скутот на олигархијата, обичниот човек не може да се надева на подобар живот и на чист воздух. Само пензионерите се во „ќар“, ги чека зголемување од 1000 ден, дури не прашуваат дали можеле да добијат повеќе, споед принципот на процентуално зголемување на пензиите.