Најголемиот македонски музички амбасадор е незапирлив! Multi-platinum award на Хрватска дискографска удруга, најголемото дискографско признание во Хрватска, за исклучителни дискографски достигнувања во музиката му беше врачена на единствениот Влатко Стефановски, еден од најзначајните гитаристи и кантавтори во регионот. 

Престижното признание на Влатко му беше врачено на концерт во Загреб, во „Ватрослав Лисински“, каде со својата екипа настапи на 7-ми декември, и тоа лично од рацете на Желимир Бабогредац, председател на Хрватска дискографска удруга и директор на Croatia Records. 

Ова е уште една во низа награди на човекот кој безмалку половина век ја промовира македонската песна. 

Влатко на регионална музичка сцена, а и пошироко, е познат како водач на култните „Леб и сол“, по што изгради успешна соло-кариера. Освен на полето на рок музиката, Стефановски е успешен и како композитор на театарска и филмска музика, но и како учесник во многубројните проекти со регионални и светски музичари. Од Теодоси Спасов, преку Стефан Миленковиќ, Џибони..., до Јан Акерман, Ману Каче... На концертот во Загреб Влатко го промовираше актуелниот албум „Taftalidze Shufle“, настапувајќи со своето Трио, во кое се неговиот син Јан Стефановски (тапани) и Иван Кукуќ (бас гитара). По неколку песни, на Триото му се приклучи и Дамир Имери на клавијатури и Хемонд оргуљи, па во еден миг истото стана квартет. 

Два и пол часовниот концерт започна со легендарната „Успаванка за Радмилу М.“, а во македонскиот традиционал „Елено, ќерко“, на сцената ненајавено им се придружи и Раде Шербеџија, кој, зборувајќи за соработката со Влатко, кажа: „Искреното пријателство е најважно од се“. А нивното пријателство трае цели 40 години... На концертот во Загреб Влатко и неговиот подмладен тим ги исполни најголемите хитови од неговата богата кариера. Од „Влатково оро“, „Сеир“, „Кандилце“, „Верба, надеж, љубов“, „Не си го продавај Кољо“, до „Gipsy Song“, „Калајџиско оро“, „Перистерско оро“..., вешто балансирајќи меѓу комплицираните македонски ритми и нови аранжмани, поинакви од она што го работеше со „Леб и сол“, особено во вториот дел од концертот.

- Публиката дословно беше доведена до целосна екстаза, за што придонесоа виртуозноста на Влатко и неговиот син Јан – стои во една рецензија по концертот.

Иако концертот беше најавен како unplugged, Влатко рече дека хибридот е некако најдобар во се, па посегна по својата сега препознатлива „безглава“ електрична гитара, што му ја направи Мирослав Тадиќ и го започна електричен сет на песни. Тогаш ги изведоа пред се песните од актуелниот албум „Taftalidze Shuffle“, покрај насловната „Огледало“ и „Funky Junkie“, а потоа публиката ја вратија во времето на една од најдобрите групи на нашите простори, на сите времиња – „Леб и сол“ - „Ја нисам твој“, „Чувам ноќ од будних“, „Мамурни људи“, „Као какао“, „Чукни во дрво“ и „Бистра вода“ беа повеќе од доволни... 

Иако Влатко често знае да каже дека по „Бистра вода“ нема смисла да се изведе било што, на повик на публиката која го награди Триото/ квартетот со овации, екипата се врати на сцената и после долги години имаше можност да ја слушне монументалната „Абер дојде Донке“ во полн капацитет. 

„Абер дојде, Донке“ е песна со која Влатко и „Леб и сол“ во втората половина на 70-те ја воодушевија цела тогашна Југославија. Тогаш почна магијата... 

Со оглед на тоа дека ова беше музичка и македонска вечер, најдобар можен крај беше со песната „Скопје“, поради која дел од публиката стана од столчињата, за да заигра и да запее. 

И, за да се биде шампионски, како што заслужува човекот кој толку многу направи за македонската музика, за големата армија на обожаватели, во Фабриката за музика Croatia Records се подготвува компакт-диск и двојно винилно издание, со хитови од целата негова соло-кариера. 

Колекција од 17 песни, кои Влатко лично ги одбрал. Од „Cowboys & Indians“ и „Кандилце“ со кои започна соло-кариерата, до актуелната „Огледало’, од лани објавениот албум „Taftalidze Shuffle“. 

И, додека винилот ќе го имаме некаде напролет, CD-то се очекува да излезе до крајот на ова година, како специјален подарок од музичкиот шампион за сите почитувачи на неговото големо музичко дело.

Иван Беќковиќ фото: Самир Цериќ Ковачевиќ