Во Белград има многу пријателски кафулиња, ресторани, барови за миленичиња... Има и многу каде вашите миленици не се добредојдени. Но, има само едно место во главниот град на Србија каде шест мачки ве пречекуваат на врата со желба да си играте со нив и да им обрнете внимание, но и тие на вас, доколку се расположени.

На Врачар, некаде во средината на „Цар Николај II“, се наоѓа автентично Cat-caffe, прво од ваков вид во Белград. Тоа е место каде што не можете да дојдете без закажaн термин, место каде шест мачки ги пoставуваат правилата и каде во нивно друштво можете да пиете кафе и да си играте со нив.

Во ова пријателско кафуле на мачките уште на самиот влез секој посетител мора да стави навлаки за еднократна употреба на обувките и да ги дезинфицира рацете. И додека не се исуши средството мачките не смее да се допираат.

Според Боривоје Јовановиќ, еден од основачите на ова кафуле, има многу места како Cat-caffe во светот, но дека концептите се малку поинакви, просторите се поголеми.

„Ние овде решивме да направиме малку поинаква приказна, да има помалку луѓе, односно примаме толку гости колку што имаме мачки, такашто секој може да воспостави контакт со нив во вид на галење, дружење и слично. Досега ваков концепт нема заживеано, едноставно никој не сакаше да се занимава со тоа. Ние сме пионери“, ја започнува приказната Боривоје.

И додава: -Иако веќе е практика  во повеќе кафулиња покрај гостите да бидат угостени и нивните миленици, во нашата приказна е поинаку. Овде имаме шест мачки кои постојано се овде, живеат тука и секој што ќе дојде на пијачка може да се дружи со нив. Не е дозволено носење други животни од безбедносни и здравствени причини“, објаснува Јовановиќ.

 

Мачките едвај чекаат друштво

Мачките се секогаш расположени за игра и едвај чекаат некој да им прави друштво, забележува Боривоје, луѓето не им се туѓи.

„Што се однесува до гостите, тие знаат каде доаѓаат, правилата се објавени на вратата и на Инстаграм каде најчесто правиме резервации, секој што доаѓа е љубител на мачки и сака да поминува време со нив. Тие често се разнежуваат кога ќе видат дека мачките се пријателски расположени, што не е вообичаено бидејќи мачката е независно животно кое има свој специфичен карактер. Реакциите се многу позитивни“, вели сопственикот на овој локал.

Во Cat-caffe живеат шест мачки, три се од одгледувачница, а три се вдомени и од почетокот живеат во локалот. Боривоје вели дека добро се адаптирале и дека процесот на адаптација траел долго, но дека се навикнале на концептот и дека запознаваат многу луѓе. Шест гости можат да бидат во кафулето во исто време, тие најчесто доаѓаат попладне, по напорниот ден за да се ослободат од стресот дружејќи се со мачките“, посочува тој.

Правила за однесување со мачкиte

На влезот во локалот јасно се означени правилата на однесување, а Боривоје напоменува дека тоа е неопходно бидејќи мачките се тие на кои треба да се прилагодат посетителите. Исто така, таксата за мачки е задолжителна.

„Правилата се прилично едноставни, не ги вознемирувајте мачките, не правете ништо против нивна волја, не ги повредувајте и слични работи“. Што се однесува до таксата за мачки, тоа е начин на плаќање со кој им обезбедуваме најквалитетна храна, нега, ветеринарни услуги и се друго што е потребно. Таа изнесува 800 динари и се плаќа пред поаѓање“, објаснува нашиот соговорник.

Боривоје нагласува дека љубовта и претприемачкиот дух се подеднакво важни за водење на вакво место.

„Ако не ги сакате мачките, не можете да го правите ова, сепак го поминувате цел ден со нив, се грижите за нив, а од друга страна, се друго е математика и тие претприемачки вештини се неопходни“, посочува тој.

Според него, во ваквите видови на кафулиња нема компромиси, „мачките се домашни и прво се води сметка за нив, тие не се играчки и мора да се почитува нивниот мир, ако спијат нема будење заради игра“. (BIZLife)