Cooper Art Dani е брендот под кој се потпишани уметничките дела од бакар изработени од рацете на Данче Наумоска од Охрид. Иако е племенит материјал, Данче смета дека сè уште не е ценет како другите благородни метали, меѓутоа уметничките слики и накит кои таа ги изработува со многу љубов, трпение и посветеност се неверојатни, неповторливи и секоја за себе уникатна изведба.
Оваа млада жена изработува слики на бакар користејќи разни техники, како посребрување, позлата, боење. –Со бакарот се дружам уште од дете. Постојано бев во работилницата на татко ми, занаетчија кој изработуваше тепсии, казани, ѓумови... тој со овој занает започнал како момче од 16 години, а подоцна со преработките од бакар го издржуваше семејството. Јас од кога паметам за себе се плеткав во дуќанот, а кога потпораснав му помагав... Но, сериозно почнав да се занимавам со оваа уметничко –занаетчиска работа по создавањето на своето семејство,“ раскажува Охриѓанката Данче. Иако дипломотрала туризам во Охрид, сепак не започнала да се занимава со оваа професија, туку се посветила на уметноста.
Техниката, односно сите основни работи за изработка на уметнички дела на бакар ги научила од татко си. Од него ги наследила и алатките. Бакарот го обработува механички, а потоа користи хемиски процеси за да добие темна, сина патина, а често користи комбинирани техники за да добие уникатно и неповторливо дело. Наумоска вели дека на почеток изработувала само слики на бакар, а подоцна се надградувала во делот на уметничките техники и изработка на накит: - се наметна потребата од поситни уметнички творби за кои странските туристи беа се повеќе заинтересирани, бидејќи сликите се потешки за транспорт.“ Практично на тој начин со изработка на накит од бакар и месинг комбиниран со полудраги камења (месинг) и сликање на икони, го шири својот асортиман, а пробува и нови техники....
Инаку ракотворбите на оваа уметница се изложени и достапни за љубителите во нејзината продавница во Охридската чаршија, а вљубениците во овој вид на уметност можат да ја сретнат и на традиционалните базари за рачно изработен накит и слики од ваков вид во земјава.
За тоа колку и како се преживува со уметничката професија, уште повеќе со уметност од овој топол метал нашата соговорничка е кратка: Интересот за овие уметнички дела, како и накитот од бакар и месинг во Охрид е поголема во лето, додека во периодот на другите годишни времиња се работи само за преживување. Меѓутоа, токму во тој така наречен пасивен туристички период креативноста на Данче е многу поголема, и вели дека е попродуктивна, работи со часови. Но, затоа пак во летниот период опкружена со своите слики и експонатите од накит во својот дуќан, има повеќе време да се посвети на муштериите, да ја презентира својата работа пред нив, да ги сослуша нивните желби и замисли за тоа што го посакуваат и доколку не одберат од изложените уметнички слики, тогаш да се договорат за изработка на она што тие го сакаат. „Не е лесен занает, бара многу пожртвуваност, многу часови работа, многу посветеност, но го сакам, не можам без мојот основен алат, чеканчето.“
Наумоска ни го објасни и целиот процес на изработка на уметничко дело на бакарна плоча. Таа првичната идеја, замисла, инспирација, најпрво ја црта на хартија, потоа „нацртот од хартијата го пренесувам на бакар, па со часови продолжувам да го обработувам со чеканчето и со други алатки сè додека цртежот што сум го замислила, или сликата или орнаментот што е нарачан се изработи до перфекција. Дури потоа следуваат хемиски процеси на боење, а бакарот секогаш има различна нијанса, што ме фасцинира и што не дозволува делото да се повтори, секогаш е уникат, објаснува нашата соговорничка.
„Сликам и други мотиви- многу вешто ги сликам и иконите, го доловувам ликот на светецот- вдлабнатината на лицето, од друга страна сакав да ги научам и византиските икони, па одвоив многу време и за нив...“
Наумоска претежно изработува традиционални мотиви од Охрид, артефакти и македонски орнаменти, а креира и модерна уметност- апстракција, интересна инспирација и претставува и подводниот свет, баланс, рефлексија ...Инаку охриѓани купуваат персонализирани дела со повод, за родендени, матурски, поклон за убави поводи, за празници, додека туристите најголем интерес имаат за ситни сувенири, охридски мотиви, охридските сокаци претопени во бакарни мали слики...
Во Охрид има многу мали семејни продавници каде се изложени рачни традиционални изработки на накит и уметнички дела, но со бакар Наумовска речиси и да нема конкуренција, има само уште еден колега, што е мотивација плус да се истрае и да се продолжи со работата. Таа вели дека иако е племенит материјал сè уште не е ценет како другите благородни метали. Инаку, меѓу народот од порано е познато дека накитот од бакарот има здравствени придобивки – околу циркулација, за лекување на ревма ...
За една година Наумоска ќе прослави 25 годишно уметничко творештво – изработка на уметнички слики на бакар и по тој повод планира да организира изложба која ќе биде посветена на нејзиното прво дело „Винова лоза“ за која веќе има изработено и концепт со 30 нови креации, слики, дела.