Во Европа  со месеци опаѓа продажбата на електрични автомобили, делумно и поради тоа што владите ги намалија финансиските стимулации за нивно купување. Падот на побарувачката ги тера производителите на автомобили да ги намалат и да ги забават плановите за постепено укинување на моторите со внатрешно согорување.

 

Иако, регистрациите на нови автомобили,според Европската асоцијација на производители на автомобили се зголемија за само 0,4 отсто од пред една година додека продажбата на електрични автомобили со батерии (ЕВ) порасна во некои земји (Франција и Велика Британија), тие добивки не се доволни за да се компензира падот од 37 отсто во Германија.

Фолксваген бара подлабоко намалување на трошоците надвор од потенцијалното затворање на фабриката за електрични возила на марката Audi во близина на Брисел. Главниот извршен директор на Stellantis, вториот по големина производител во регионот, извести за лошите перформанси на брендовите на компанијата откако нето профитот речиси се преполови во првите шест месеци од оваа година.

Групацијата Mercedes-Benz, исто така, ја намали прогнозата за маржата за оваа година и ги поддржа своите среднорочни цели за продажба на електрични возила, велејќи дека преминот од автомобили со внатрешно согорување ќе трае подолго од очекуваното, пренесуваат медиумите.

И додека во Европа опаѓа побарувачката во Република Кореја  во последно време се шири стравот од електричните автомобили. Таму, на 1 август во градот Инчеон беа хоспитализирани 23 лица, а уништени и оштетени 140 автомобили кога на паркинг ненадејно се запалил електричен седан Мерцедес-Бенц. Дошло и до прекин на струја и вода  во станбената зграда, а повеќе од 200 семејства биле евакуирани.

По неколку дена подоцна се појавил уште еден инцидент во провинцијата Чунгчонг, каде на сличен наин се запалил електричен автомобил KIA од домашно производство додека бил паркиран во подземна гаража.

Минатата недела е снимен уште еден инцидент - овој пат се работи за автомобилот Tesla од американско производство.

Протерување на електрични автомобили

Овие инциденти довеле до забрана за паркирање на електрични автомобили во болниците и подземните гаражи, особено оние што се наоѓаат под станбени згради, но и на некои паркинзи на отворено.

Електричните автомобили се генерално популарни затоа што штедат гориво и придонесуваат за квалитетот на воздухот во урбаните средини, но тие страдаат од проблеми како што се релативно ограничен опсег и навидум спонтано палење, а во многу земји и од недостаток на мрежен систем за полнење.

Сепак, треба да се каже дека статистиката во САД, на пример, покажува дека возилата со класичен мотор со внатрешно согорување, а особено хибридите трпат неколку десетици, па дури и стотици пати повеќе пожари од чисто електричните - фреквенцијата на пожари за ЕВ е 25 на 100.000 возила, додека истиот показател за бензинот 1.530, а за хибридите 3.475 на 100.000 возила.

Меѓутоа, трговците на половни автомобили во Јужна Кореја сега тврдат дека сопствениците на електрични автомобили прават напори да ги продадат своите возила, но дека едноставно нема купувачи кои сакаат да ги откупат, не само поради стравот од штетата што можат да ја предизвикаат, делумно поради очекувањата дека нивната цена би можела дополнително да падне поради гореспоменатите несреќи.

Според податоците на Корејската национална агенција за пожари, во 2023 година се регистрирани вкупно 72 инциденти во кои електрични автомобили се запалиле, некои додека се движеле, некои додека се полнеле или додека биле паркирани на паркинг. Особено голем број инциденти се бележат во летниот период, односно на повисоки температури.

Во Јужна Кореја има над половина милион електрични возила, што претставува околу два отсто од сите регистрирани автомобили во таа земја. Повеќето од нив, се верува, се опремени со батерии на најголемиот кинески и светски производител CATL, иако многумина користат и производи на домашните компании „Самсунг“, Ел-Ги и СК, јапонски „Панасоник“ и други.

Владата во Сеул има намера да го заостри надзорот со цел да ја зголеми безбедноста, што првенствено се однесува на следење на типот на батерии и акумулатори што ги користат производителите за своите возила, како и подобрување на системите за заштита од пожар на паркинзите.

Мерцедес-Бенц Кореја понудил отштета од три милиони евра на жителите на станбениот комплекс во Инчеон кои се здобија со повреди и беа принудени привремено да ги напуштат своите домови поради нејзиниот запален автомобил. Тој, откри компанијата, бил опремен со батерија од кинескиот производител Фарасис.