Работната сила на иднината ќе биде составена од мешавина на вработени од сите генерации, бидејќи луѓето живеат и работат подолго, предвидуваат економистите.

Како резултат на тоа, се предвидува дека компаниите кои се натпреваруваат да привлечат ваков кадар за вработување ќе понудат повеќе бенефиции приспособени на потребите на различните животни фази.

Досега имавме можност да запознаеме различни типови на поволности кои ги нудат компаниите за привлекување нови вработени. Како што се престој за деца, пократки работни недели, термини во спортски сали и спа центри. Во иднина, се чини, тоа нема да биде доволно.

Според економистите вработените во иднина може да ги очекуваат и следните придобивки:

1. Уште пофлексибилно време и место на работа

Ќе се зголеми можноста за работа во странство, а паралелно ќе се зголемуваат и деновите за одмор, предвидуваат менаџерите охрабрени од ставот на милениумците и генерацијата Z, кои тврдат дека патувањата и животните искуства се клучот за нивната среќа.

„Глобалното размислување, емпатија и почит кон различни култури се постигнуваат со испраќање вработени на различни места“, вели стратегот Џенифер Мос.

За оние кои сакаат да патуваат без работа, одморите ќе стануваат  се подолги и подолги, сметаат стручњаците. За помалку време ќе се заработуваат повеќе пари.

 2. Дневна грижа за вашите родители

Се предвидува дека одењето во центар за грижа за родители субвенциониран од работодавецот може да стане составен дел од работниот ден во наредните години.

 „Центри за грижа за постарите во склоп на работното место- можно решение за кое веќе се дискутира на некои универзитети“, вели Жан Асиус, претседател и извршен директор на непрофитната организација „Креирање поздрави заедници“ со седиште во Вирџинија во САД.

Како резултат на тоа, работодавците истражуваат како да ги задоволат не само потребите на работниците, туку и нивните родители. Личните придобивки повеќе не се примарни.

3. Терапевт на работа

Како што борбите за менталното здравје на работниците добиваат се поголемо внимание, компаниите бараат нови начини да одговорат на овој тренд.

Денес, многу работодавци нудат претплати на страницата за онлајн терапија „Talkspace“ или апликацијата за медитација „Headspace“. Меѓутоа, следниот чекор би можел да се фокусира околу помош на вработениот директно и на самото место.

Ова би вклучувало советување или разговор со терапевт или тренер, давајќи им на вработените место да разговараат за прашања поврзани со работата или лични проблеми, велат директорите за човечки ресурси.

 4. Отсуство после отсуство

Денес, кога платеното родителско отсуство е широко распространето, може да се случи некои компании да додадат преоден период на крајот на отсуството, дизајниран со цел да им овозможи на родителите полесно да се вратат на работа.

Работодавците би можеле да им понудат на вработените период на работа со скратено работно време по породилното отсуство или подолга транзиција што вклучува постепено враќање во канцеларијата.

„Компонента на отсуството што е исто толку важна како и самото отсуство е планот за враќање на работа“, посочува Џесика Мартос, PAE HR.

5. Хипер-персонализирани придобивки

Замислете компанија која ги покрива трошоците за скијање како претпочитана форма на физичка активност на вработениот.

Приспособените бенефити кои имаат за цел да ги задоволат потребите на вработените од различни возрасни групи, на различни локации или семејни ситуации ќе ги надминат традиционалните придобивки во наредните години, предвидуваат експертите.