Во јануари, според податоците на Народната банка, просечната каматна стапка на вкупните кредити била намалена на месечно и на годишно ниво и изнесувала 5,21 процент. Просечната каматна стапка на вкупните депозити изнесувала 2,18 проценти и била зголемена за 0,01 и 0,46 п.п на месечна и на годишна основа.

Просечната каматна стапка на новоодобрените кредити, во јануари, забележува месечен раст од 0,28 п.п. и изнесува 4,70 проценти, при годишен пад од 0,52 п.п. Просечната каматна стапка на новопримените депозити изнесува 2,48 проценти и е намалена за 0,30 п.п. на месечно ниво, додека на годишно ниво е зголемена за 0,26 процентни поени.

 

Каматни стапки на корпоративниот сектор

– Во јануари, просечната каматна стапка на вкупните кредити на корпоративниот сектор изнесува 4,85 проценти и забележа месечен пад од 0,11 п.п. Анализирано по валута, надолната промена се должи на намалените каматни стапки на денарските кредити со валутна клаузула (за 0,46 п.п.) и каматните стапки на кредитите во странска валута (за 0,32 п.п.), при раст на каматните стапки на денарските кредити без валутна клаузула (за 0,02 п.п.). Анализирано на годишна основа, оваа каматна стапка е намалена за 0,59 п.п.

Каматната стапка на новоодобрените кредити на корпоративниот сектор,во јануари, е повисока за 0,26 п.п. на месечна основа и изнесува 4,65 проценти. Притоа, промената во целост е резултат на растот на каматните стапки на денарските кредити без валутна клаузула, додека каматните стапки на кредитите во странска валута и каматните стапки на денарските кредити со валутна клаузула се намалени. Каматната стапка на новоодобрените кредити на корпоративниот сектор е намалена за 0,56 п.п. на годишна основа.

Во јануари, просечната каматна стапка на вкупните депозити на корпоративниот сектор е непроменета на месечна основа и изнесува 2,69 проценти. На годишна основа, оваа каматна стапка е зголемена за 0,62 п.п.

 ‒ Каматната стапка на новопримените депозити на корпоративниот сектор, овој месец, оствари месечен пад од 0,03 п.п и изнесува 2,56 проценти. Анализирано по валута, месечната промена се должи на намалените каматни стапки на денарските депозити без валутна клаузула, во услови на раст на каматните стапки на депозитите во странска валута.

Овој месец, кај банките и штедилниците не се евидентирани новопримени денарски депозити со валутна клаузула. Во споредба со јануари претходната година, каматната стапка на новопримените депозити на корпоративниот сектор е зголемена за 0,54 п.п.

Каматни стапки на домаќинствата

Каматната стапка на вкупните кредити на домаќинствата минатиот месец изнесувала 5,55 проценти и била намалена за 0,08 процентни поени, додека на кредитите одобрени во јануари таа изнесувала 4,76 проценти и била зголемена за 0,29 процентни поени. Притоа, падот е резултат на намалувањето кај сите компоненти, и тоа: каматните стапки на денарските кредити со валутна клаузула, каматните стапки на кредитите во странска валута и каматните стапки на денарските кредити без валутна клаузула.

На годишна основа, каматната стапка на вкупните кредити на домаќинствата е пониска за 0,10 процентни поени.

Просечната каматна стапка на новоодобрените кредити на домаќинствата, во првиот месец од годината бележи раст од 0,29 п.п. на месечна основа и изнесува 4,76 проценти. Притоа, растот се должи на зголемените каматни стапки на денарските кредити без и со валутна клаузула, при пад на каматните стапки на кредитите во странска валута. Споредено на годишна основа, оваа каматна стапка е намалена за 0,50 процентни поени.

Каматната стапка на вкупните депозити на домаќинствата, во јануари, изнесува 2,11 проценти и забележа месечен раст од 0,01 п.п. Во споредба со истиот месец претходната година, оваа каматна стапка е зголемена за 0,42 п.п.

– Во јануари, кај каматната стапка на новопримените депозити на домаќинствата е забележан месечен пад од 0,37 п.п. и изнесува 2,46 проценти. Месечниот пад се должи на пониските каматни стапки на депозитите во странска валута (за 0,32 п.п.) и каматните стапки на денарските депозити без валутна клаузула (за 0,29 п.п.).

Овој месец, банките и штедилниците не евидентирале новопримени денарски депозити со валутна клаузула. На годишна основа, каматната стапка на новопримените депозити на домаќинствата е зголемена за 0,16 процентни поени.

Девизните резерви на историски максимум

Од Народната банка информираа и дека на крајот од декември 2024, девизните резерви на земјава достигнале историски максимум од 5,029 милијарди евра, со повеќе од 60 проценти вложени во хартии од вредност, главно државни обврзници од еврозоната.

– Макроекономската состојба кај нас е во согласност со октомвриските проекции, со годишен раст на БДП од три проценти во третиот квартал од 2024 година и показатели за продолжен раст во четвртиот квартал. Просечната годишна стапка на инфлацијата во 2024 година изнесувала 3,5 проценти и целосно е во согласност со последните проекции на Народната банка. Сепак, неизвесноста во однос на идната динамика на инфлацијата и натаму постои, а е поврзана со цените на примарните производи, поради геополитичките и климатските фактори, како и поради одредени фактори од домашен карактер, кои може да влијаат на агрегатната побарувачка –стои во соопштението од Народна Банка.