По цели 20 години, физичката продажба на носачите на звук лани забележа експлозија!

Прелиминарните податоци за 2021 година, објавени од ЕРА (Здружение на трговци за забава на мало - Entertainment Retailers Association), покажуваат дека пазарите за музика, видео и игри постигнале уште една рекордна продажба од 9,72 милијарди фунти, што е деветта последователна година на раст.

Приходите од физичка продажба на музичкиот пазар се зголемени за 7,3%, нивен прв раст од 2001 година, поттикнат од континуираната продажба на винили со дури 23,2% годишен раст!

Лани во Хрватска продани 100.000 винили, кај нас пола од тоа!?


Според официјалните податоци на Хрватска дискографска удруга, минатата година на подрачјето на Хрватска биле продадени над 100.000 винили, а во споредба со претходната година, продажбата на винили во „Лијепа наша“ е зголемена за неверојатни 87,18%!

Како е во Македонија? Го прашавме Александар Запров од „Зец Електроник“, најголемиот дистрибутер на винили, компакт-дискови, аудио-опрема..., и се што е врзано со аудио, во нашата земја.

- Не ме фаќајте за бројка, но лани „Зец Електроник“ сигурно продаде над 40.000-50.000 винили. Перманентно, секоја година е се подобра и подобра. Нам, за тоа најдобар показател ни беше продажбата на грамофони. Едноставно, кога се продаваат грамофоните, мора да се бараат и винили. И, секогаш ќе биде така, само изборот да биде добар – вели Запров за Анторис.


Домашни наслови, сепак, капка во морето...


Во „Зец Електроник“ дефинитивно постои најдобар избор на винили, не само во Македонија, туку и многу пошироко. Затоа, освен Македонци, во продавницата постојано има купувачи и од Грција, и од Србија.

Сепак, добрата продажба на винили во Македонија не ја поправа големата слика дека дискографијата кај нас како воопшто да ја нема. Домашни наслови се ретки, нивните тиражи се мали, и на некој начин тоа е капка во морето.

Но, секоја иницијатива за објава на нов, домашен носач на звук, топло ја поздравуваме и ја глорифицираме.

Компакт-дисковите не се мртви!


Да му се вратиме на глобалното поле. Накусо, се случува континуираниот пораст на продажба на винилите и забавувањето на падот на компакт-дискови, благодарение на носечките изданија лани - новитетите од Адел, АББА и Ед Ширан.
Ширан, исто така, во последниве месеци продаде значителни количини CD синглови...

Прелиминарните бројки за 2021 година објавени од ERA покажуваат дека пазарите за музика, видео и видео-игри генерирале уште една рекордна продажба на сите времиња од вкупно 9,72 милијарди фунти, деветта последователна година на раст.

Пазарите за музика и видео-игри во Обединетото Кралство би можеле да ја скршат продажната бариера од 10 милијарди фунти оваа година со приходи зголемени за речиси една четвртина, во споредба со 2019 година, последната година пред пандемијата.

Од секоја фунта во Британија, 90% од продажбата е онлајн!


Наспроти стравувањата во однос на стримингот, кога сите бевме „под клуч“, дигиталните преноси и продажбата продолжија да растат во текот на 2021 година, при што приходите од музика се зголемија за уште 8,7%, а видеото за 13,3%. Само игрите забележаа пад на продажбата за 3,3%.


Извршниот директор на ERA, Ким Бејли, неодамна изјави: „Целиот сектор беше подготвен приходите да се „смират“ во 2021 година, но тие пораснаа за неверојатни 18,7%, а истиот продолжи – деветта година по ред. Зачудувачки, овој раст е сè понезависен. Огромното мнозинство од овој раст е поттикнат од дигиталните услуги што ја прават забавата подостапна и поудобна од кога било досега. Ако можеме да го повториме овој успех во 2022 година, пазарот за забава во Велика Британија за прв пат ќе надмине 10 милијарди фунти.


Речиси 90 пени во секоја фунта потрошена на музика, видео и игри сега се онлајн. Вкупните дигитални приходи пораснаа за 8,3% во 2021 година на 8,66 милијарди фунти, повеќе отколку што вредеше целиот пазар на забава пред само две години.

Voyage на АББА – најпродаван винил во Британија


Како поттик за малопродажниот сектор за музика, физичките приходи во музиката пораснаа за 7,3%, нивен прв раст од 2001 година, поттикнат од континуираниот бум во продажбата на винили, зголемен за 23,2% на годишно ниво на 135,6 милиони фунти.

Зголемената цена на изданијата на винили ќе ја одигра својата улога со некои нови наслови кои чинат до 40 фунти. ABBA, со „Voyage“, на пример, беше најпродаваниот винил албум во 2021 година.

За Бејли...: „Враќањето на продажбата на физичка музика по цели две децении, откако почнаа да опаѓаат не е ништо помалку од чудо. Тоа е сведоштво повеќе од било што за истрајноста и издржливоста на физичките трговци на мало. А колку имаше скептицизам кога повторно се врати винилот...“

И стриминг претплатата продолжи да расте


Растот на музиката повторно беше поттикнат од услугите за стриминг на претплата од Spotify, Amazon, Apple и YouTube Music, кои достигнаа 1,33 милијарди фунти во 2021 година - повеќе од целата вредност на снимената музичка продажба во Обединетото Кралство во 2018 година.

Стримингот на претплата порасна за 10,9% во 2021 година, но винилот порасна повеќе од двапати побрзо - до 23,2% - достигнувајќи 135,6 милиони фунти.

Според ЕРА најпродавани се новите изданија од Адел, Ед Ширан и АББА. Класичниот репертоар продолжува силно да расте на винил со Fleetwood Mac. „Rumors (Rhino)“ инкасираше дополнителни 45.082 физички копии во 2021 година.

На музичкиот пазар, седум изданија остварија еквивалент од повеќе од еден милион продажби, а беа предводени од „Bad Habits“ на Ед Ширан со 1,72 милиони...

Иван Беќковиќ