Премиерот Христијан Мицкоски не неговиот официјален фејсбук профил објави дека денеска во Владата одржал средба со менаџментот на „Лидл“, на која бил информиран за потешкотиите и административни пречки со кои се соочувал германскиот синџир маркети од претходната Влада.

-Денес имав средба со дел од менаџментот на „Лидл“ кој подолго време превземаат активности за почеток на инвестицијата во државата. Разменивме информации за бројните потешкотии и административни бариери со кои се соочувале од претходната Влада. Инвеститорите кои сакаат да вложат во економскиот прогрес и ќе вработат македонски граѓани не смеат да бидат ставени на страна. На брза трака ќе го откочиме процесот и за брзо ќе ги имаме ланците на маркети „Лидл“, стои во објавата на фејсбук профилот на премиерот Мицкоски.

„Лидл“ е најголемиот европски синџир за малопродажба на храна. Заедно со „Кауфланд“ е дел од групата „Шварц“ (SCHWARZ) чие седиште се наоѓа во Некарсулм, Германија. Присутен е во 31 земјa, каде оперативно работи со околу 12.000 продавници и вработува повеќе од 360.000 луѓе. „Лидл“ од септември 2021 година е присутен и во земјава.

На 13 јуни годинава компанијата објави дека во Скопје започна со подготовки за градежни активности за првиот маркет во метрополата на местото на некогашниот Бриколаж. За таа цел Лидл го купи имотот од 16 000 метри квадратни и ќе инвестира вкупно 14 милиони евра во изградба на маркет. Маркети се предвидени и во други градови во Македонија.

На крајот на јануари годинава Лидл започна со инвестиција – изградба на логистички центар во Куманово, и тој објект треба да се простира на 63.000 квадратни метри и ќе биде опремен со специјализирани машини, системи за автоматизација и логистичка опрема, целосно посветени на оптимизација на работењето.

Во мај годинава во Стопанската комора над 130 компании беа запознаени со можностите за соработка со „Лидл“. Овој тип на соработка со локални компании е еден од основните постулати на „Лидл“ во секоја земја каде работи, беше соопштено од средбата.

Премиерот, како што нагласи по разговорот со менаџерскиот тимод „Лидл“, очекува 50 отсто од производите кои ќе се нудат преку трговскиот синџир „Лидл“ да бидат македонски.

Според него, овој процент компанијата може лесно да го постигне бидејќи наши компании веќе пласираат производи во објектите на „Лидл“ низ Европа.

– Видете, компанијата е тука присутна повеќе години. Од тоа што ни беше презентирано, повеќе од стотина милиони евра веќе се инвестирани и наша цел е од процентот којшто ни беше претставен со кој ќе бидат застапени македонски производи на рафтовите на компанијата, да дојде многу скоро до 50 проценти. Сега не би зборувал кој е тој процент, но е далеку од тоа ние што го очекуваме како Влада. Ние очекуваме минимум 50 проценти македонски производи од македонски компании да има на тие рафтови – рече Мицкоски.

Преку „Лидл Северна Македонија“ овој процес веќе активно функционира. Така македонски традиционални производи се промовирани во „Лидл Србија“ и „Лидл Бугарија“, каде се претставени македонскиот ајвар, пастрмајлијата, кочанскиот ориз, тиквешкото вино, македонското јагне и многу други производи.

 „Извозот кој ќе го реализираме преку Лидл Северна Македонија до крајот на 2024 година само во овие две земји е во вредност повеќе од 2.000.000 евра или раст од четири пати во однос на минатата година. Вкусот на македонското овошје и зеленчук го направивме достапен до потрошувачите на Лидл во Србија, Бугарија, Романија, Полска, Чешка, Словачка и Германија. Од април 2023 до март 2024 година беа извезени преку 3 600 палети овошје и зеленчук. Во рамките на календарската 2024 година со нашите локални добавувачи планираме извозот на овошје и зеленчук да достигне 4 500 палети“, соопштија тогаш од компанијата.