На Економскиот факултет во Прилеп, студенти, професори, градионачалници од регионот, претставници од јавни институции, бизнис секторот и граѓански организации учествуваа во заеднички настан за меѓусебно поврзување за развој на локалните заедници.

Под мотото „УКЛО И ПРИЈАТЕЛИТЕ – СОРАБОТКАТА НА ДЕЛО“ се одржа вториот отворен ден на Универзитетот во Битола. 

Ректорот на УКЛО, проф. д-р Игор Неделковски и д-р Борче Јовчески, градоначалник на Припек потпишаа Меморандум за соработка со што го зацврстија партнерството и се заложија за „подобрување на претприемништвото, образованието, науката и истражувањето и создавање можности за развој на човечкиот потенцијал за градење на локалната заедница“.
Неодамна УКЛО ги промени актите за да може стручњаци од реалниот сектор да изведуваат практична настава и вежби на Универзитетот, потврди и ректорот, проф. д-р Игор Неделковски 

„Наскоро ќе излеземе со повик до бизнисите. Тие ќе може да испраќаат свои кадри да бидат избрани за држење практична настава, да го надминеме овој јаз и студентите да имаат доволно практична настава и знаења“, рече Неделковски. 
Директорката на компанијата „Комфи Ангел“ од Прилеп, Ирена Јакимоска и директорот за човечки ресурси на „СН Финансии“ од Битола, Бујар Драла сe осврнаа кон можностите кои академијата и бизнисот треба да им ги нудат на младите луѓе за креирање општество на една нова, европска Македонија во која ќе ги остваруваат своите потенцијали.

Оценето е дека треба да се размислува каква и која работна сила недостига на пазарот на труд.

„Ние сите, вклучувајќи ги и јавните институции треба да креираме општество и образование што нудат работна сила која одговара на потребите на приватниот сектор, посочија тие. 

Важна компонента на настанот беше и Изложбениот дел - Ден на кариера. Промовирани се 12 –те единици на УКЛО, со што е овозможено на непосреден начин УКЛО уште еднаш да се претстави во својата вистинска светлост: со хетерогена образовна понуда, можностите за мобилност, проекти, лаборатории, програми и центри на УКЛО. Истовремено, 10 компании од Пелагонискиот регион ја претставија понудата од  околу 350 отворени работни места за вработување во компании во регионот. 

„Заедно со образованието, можеме да направиме преструктурирање на потенцијалната работна сила за потребите на приватниот сектор во овој момент. Тоа може да се работи само со заемна соработка“, истакна Ирена Јакимоска, претседателка на Регионалната стопанска комора од Прилеп.

За првпат во регионот, Универзитетот „Св. Климент Охридски“-Битола започна со организиран процес на препознавање, идентификација, работа и следење на развојот со надарени и талентирани студенти, по иницијатива на професорот Љупчо Кеверески од Педагошкиот факултет – Битола. Кеверески нагласи дека “Надарените и талентираните отсекогаш биле инспирација за светот и затоа е важно  колку надарени и талентирани има една земја, но уште  поважно  е колку остануваат во неа”.

Проректорката за студентски работи, проф. д-р Јасмина Буневска – Талевска ги претстави двата нови проекти: УКЛО Неформално учење  и Талентите на УКЛО. За активното учество во работилниците од Неформалното учење, на академски кадри им беа врачени благодарници, признание за нивната вклученост за подобрување на знаењето, вештините и компетенциите на студентите. Признание им беше доделено и на неколку таленти на УКЛО, благодарение на проектот,

Идентификација и следење на талентираните и надарените студенти. 

Една од нив е Тамара Тасеска од Економскиот факултет. Таа сподели свои видувања за чувството да се биде талент на УКЛО.

„Прилично убаво, особено кога една престижна високообразовна установа каква што е Универзитетот „Св. Климент Охридски“ - Битола, втората најстара државна установа од ваков вид во нашата земја, го препознава тоа во Вас и со гордост го истакнува. Кога го прашале Ајнштајн за неговата талентираност, тој одговорил: „Немам посебен талент. Јас сум само страсно љубопитен.“ Јас, сепак, навистина верувам дека секој од нас има некаков вроден талент, способност или вештина што може да ја искористи во своја полза за да успее во животот. А за успехот велат дека не е ништо друго, туку 1% талент, 1% среќа и 98% напорна работа, посветеност и дисциплина. Затоа ги поттикнувам сите студенти кои имаат јасно одредена цел, да не се плашат да ја реализираат. Сепак, на крајот, секој  вложен труд повеќекратно се исплаќа, на овој или оној начин“, рече Тасеска. 

Неодамна, УКЛО објави оглас за донделување награди за најдобри научници на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола. И тоа во три категории: Најдобар научник во академската 2022/23, најплоден и најкреативен научник. 

Признанијата ќе бидат доделени на свеченост по повод Меѓународниот ден на науката во форма на пофалници за сите кои ќе се пријават на огласот, плакети и парични награди за најдобрите три рангирани научници во трите категории.