-Или ќе се прилагодите или ќе умрете - тоа е мантрата ширум светот кога станува збор за усвојување на дигитализација, вклучително и криптовалутите, од страна на традиционалните банки, пишува Euronews на англиски јазик.
Всушност тоа е одговорот на прашањето: зошто е добро криптовалутите да влезат во традиционалните банкарски системи?
А Европа, во моментов води во глобалната трка,и тоа со Швајцарија на врвот: не само поради фактот што некои нејзини жители сега можат да плаќаат за кафе користејќи криптовалути, туку и нивните даноци.
Еуроњуз потсетува и дека од 1 јануари 2025 година ќе стапи на сила регулативата за крипто-средства (MiCAR), така што ќе биде полесно да се следат трансакциите и од тој ден давателите на услуги мора да го добијат името на оној што испраќа и оној кој добива крипто средства, без оглед на износот што се пренесува.
„Европа стана еден од лидерите овде, особено кога зборуваме за оваа регулација на крипто средства “, вели Илја Волков, член на одборот на Здружението Crypto Valley, на симпозиумот на невладината организација „Veb3“ што неодамна се одржа во Женева.
Симпозиумот ги собра претставниците на традиционалните и дигиталните банки и давателите на блокчејн услуги за да разговараат за усвојувањето на технологијата и криптовалутите.
И на прашањето дали биткоинот би можел да заврши на редовна банкарска сметка, Волков одговори - „сигурно“.
„Клиентите на традиционалните банки веќе ги прашуваат за пристап до криптовалути“, рече Волков, објаснувајќи дека еволуцијата на оваа технологија е слична на преминот од плаќање со кредитни картички кон плаќање со Apple или Google Pay.
Волков смета дека оваа технологија ќе стане не само очекувана, туку и потребна за корисниците на традиционалните финансиски институции.
„Мислам дека тоа е многу важно, бидејќи е потранспарентно и поисплатливо“, рече тој, мислејќи на тоа како технологијата зад криптовалутите, наречена блокчејн, е децентрализирана.
Тоа значи дека не и се потребни посредници, што ги намалува трошоците, додека криптографијата во блокчејн - мрежата на компјутери што се користат за водење евиденција на трансакциите - се гледа како гаранција за заштита на имотот на клиентите.
Забрзан курс за криптовалути
Пазарната капитализација на криптовалутите неодамна се искачи на повеќе од 2,6 трилиони долари (2,4 трилиони евра) ширум светот, што е приближно половина од номиналниот БДП на Германија.
Тие функционираат надвор од воспоставените финансиски системи и не се врзани за материјални средства како злато или со нив да управуваат централни финансиски институции. Меѓутоа, како резултат на тоа, криптовалутите имаат тенденција да бидат понестабилни од традиционалните валути.
Криптовалутите се креирани преку компјутерски процес наречен рударење, што е исто така начин на кој трансакциите официјално се внесуваат блок синџирот, односно во блокчејнот.
Нивната децентрализирана природа, која ја евидентира секоја трансакција во оваа мрежа, обезбедува транспарентност.
Инвеститорите и аналитичарите се повеќе сметаат дека криптото е „дигитално злато“ затоа што се смета за безбедно, поради употребата на криптографија која ветува 100 процентна сигурност од прекршување на идентитетот.
Популарни примери на криптовалути вклучуваат Ethereum и Bitcoin, кои деновиве достигнаа нова највисока редност на сите времиња. Меѓутоа, критичарите на концептот тврдат дека неговата суштинска вредност - всушност е на нула.
„Биткоинот не го исполни своето ветување дека ќе биде глобална децентрализирана дигитална валута и сè уште едвај се користи за легитимни трансфери“, напишаа во неодамнешниот блог пост двајца функционери на Европската централна банка (ЕЦБ), Улрих Биндзеил и Јирген Шаф.
Според нив, биткоинот не е погоден како средство за плаќање или како инвестиција, бидејќи трансакциите со него се сè уште бавни и скапи.
Платете го своето утринско кафе со акции
Додека учесниците на банкарскиот симпозиум „Veb3“, исто така, признаваат дека има многу да се направи за да се овозможи криптовалутите да го исполнат својот целосен потенцијал, тие веќе предвидуваат каде би можеле да се искористат сите криптовалути, вклучително и плаќања и вложувања. Според експертите, употребата на криптовалути веќе се шири по претпријатијата и клиентите во Европа.
„За малопродажните купувачи, блокчејн може да донесе поголема транспарентност бидејќи кога плаќате, навистина можете да ја следите трансакцијата каде одат вашите пари, од каде доаѓаат и каде одат, што е навистина добра предност“, смета Волков.
Иако криптото ќе служи како алтернативна форма на плаќање во иднина, тој верува дека традиционалните локални валути ќе продолжат да бидат силни во наредните децении.
Еднаш, кога блокчејн технологијата ќе биде широко прифатена и споена со традиционалните финансиски технологии, токенизацијата може да биде една од најатрактивните придобивки. Процесот претвора различни средства, вклучувајќи акции и податоци, во дигитални токени кои на крајот може да се користат за плаќање - дури и за работи како вашето утринско кафе.
Што се однесува до инвестициите, „гледаме се повеќе и повеќе реални средства кои доаѓаат во блокчејнот - утре ќе тргуваме со токенизирани хартии од вредност на блокчејнот“, рече Волков.
Здружението Crypto Valley, исто така, верува дека во иднина, Биткоин и слични криптовалути би можеле да послужат како основно средство за чување на вредноста.
„Сега, со блокчејновите, мислам дека во одреден момент ќе имаме некаква побарувачка од купувачите за управување со средствата на децентрализиран начин каде што финансиските институции нема да имаат директен пристап до средствата без конкретна дозвола или конкретно барање од клиентите“, рече Волков.
Што е потребно за да стане реалност?
Криптовалутите станаа популарни со тоа што работат надвор од контрола на владите и регулаторниот надзор. Меѓутоа, за тие да бидат широко користени за плаќања и вложувања, сега треба да се воведат во традиционалниот систем со флексибилни регулативи кои обезбедуваат безбедност. Задачата, сепак, е огромна.
Не само што има повеќе од 13.000 криптовалути, од кои речиси 9.000 се активни или вредни на пазарот, туку има и околу 420 милиони корисници, од кои 31 милион се во Европа. Приближно 18.000 бизниси ширум светот почнаа да ги прифаќаат со надеж дека ќе стекнат конкурентна предност.
Сепак, крипто светот сè уште се соочува со нерамномерна регулација, додека ветува придобивки од трансконтиненталните плаќања за краток временски период по ниски трошоци.
„Се работи за барањата за усогласеност. Кога станува збор за традиционалните финансиски институции, традиционалните банки, тие следат некои сложени регулаторни барања за спречување на перење пари или процедури „запознајте го вашиот клиент“, рече Волков и додава:
„Значи, ваквите работи се всушност скапи кога станува збор за блокчејн, бидејќи зборуваме за многу трансакции од различни блок синџири, различни монети и само големи вложувања за правилно поставување на системот во традиционалните институции.“
За да се изгради безбеден и транспарентен систем, потребно е усогласување на прописите. Европската унија веќе постигна напредок со усвојување на потребната регулатива (MiCAR).
„Криптовалутите ќе бидат регулирани со регулатива (MiCAR) како традиционалните финансии. Значи, всушност, сега се прави чекор за да може традиционалното банкарство да се спои со крипто финансиите и крипто средствата“, вели Сесилија Перегрина од PwC во Швајцарија, водечко ревизорско и консултантско друштво.
Швајцарски пример: Плаќање даноци со крипто
И да се вратиме на Швајцарија. Тоа е таканареченото „игралиште на Европа“, земја чија регулатива ја следи целата ЕУ. Регулативата во Швајцарија бара крипто бизнисите да бидат лиценцирани во согласност со прописите за спречување на перење пари.
Швајцарскиот кантон Цуг е едно од најпрометните места преполни со нови крипто стартапи, каде што жителите и претпријатијата можат да плаќаат даноци во криптовалути. Мартин Бури од PwC Швајцарија изјави за Euronews Business на англиски дека даноците на приход во Цуг може да се платат во Bitcoin или Ethereum до 1,5 милиони швајцарски франци (1,56 милиони евра).
„Сепак, даночната основа се одредува во швајцарски франци, а потоа се претвора во криптовалути“, рече тој и додаде дека очекува ова правило да остане долго време.
Друг пример е градот Лугано, во кантонот Тичино, каде што градскиот совет неодамна ја прошири листата на даноци и општински такси што може да се платат во криптовалути (тие прифаќаат Bitcoin BTC и Tether USDT).
Конкретно, Лугано усвои систем каде жителите скенираат QR код на фактура и потоа избираат кој мобилен паричник сакаат да го користат за плаќање. Ваквите мерки се неверојатно корисни за крипто-популацијата во градот: околу 15 отсто од жителите користат криптовалути во нивниот секојдневен живот, бидејќи има повеќе од 300 продавници и места во градот кои прифаќаат крипто плаќања, вклучително и ресторани.
Токму регулативата за криптовалутите што постои во Швајцарија служеше како регулатива на ЕУ.
Според Перегрини од ревизорската куќа, според швајцарскиот закон, кога се префрлаат биткоини меѓу поединци, владата има овластување да одреди кој ја поседува криптовалутата и на кого ја пренесува. Дополнително, законите регулираат како Биткоинот се наследува, од родителите на децата, доколку нивниот сопственик почине.
„И што е уште поважно, ако финансиска институција банкротира, што ќе се случува со вашиот Биткоин? Дали Биткоинот ќе банкротира и ќе исчезне? Или всушност ќе можете да ги вратите и да ги земете од компанијата? Сепак, ова се прашањата на кои регулативата не даде одговор“, заклучува Перегрини.