Во „Светот на кафето“ почувствувајте ја аромата на кафе со потекло - Доколку кафето е ваша страст и пријател, доколку ви треба момент да уживате во извонреден вкус, релаксиран амбиент повелете во Coffee & friends, дружете се со ентузијастите и познавачи на вистинското кафе во „Academy“, во центарот на Скопје, во редот на билната аптека (спроти УЈП) или пак, ако покрај доброто кафе сакате и патување, истото кафе ќе го вкусите и во центарот на Виена.
Има многу успешни приказни за семејни бизниси, но ретко кои имаат историја зад себе. „Светот на кафето“ е токму една таква компанија, издигната од локален киоск за продажба на мелено кафе до современа кафетерија со микро фабрика за преработка и служење кафе по потекло- компанија посветена на уживањето на кафето. Компанија во која единствено процесот на подготовка на вистинското гурманско кафе се случува пред вашите очи, и ве опива аромата од тазе печените зрна.
Кафето ми е животот
-Ова е место каде ќе вкусите уникатно кафе по сопствен избор или по препорака од кафе –мајсторот. А кафе, само кај нас, можете да видите како се подготвува и само кај нас се пече на уникатен еколошки начин- на топол воздух, вели сопственикот на „Светот на кафето“ Златко Куновски, кој ја раскажа приказната за семејниот бизнис за Анторис магазин.
Во „Светот на кафето“ почувствувајте ја аромата на кафе со потекло
-Кај нас можете да ја научите целата приказна за кафето. Јас со кафето пораснав. Моите родители го отворија првиот дуќан – киоск за мелено кафе на зелен пазар во 1968 година. Сите ја знаеја мајка ми Смиља. Татко ми ја направи и првата машина за печење кафе. Киоскот за кафе беше во функција до пред 10-ина години.
Во еден период се занимававме со трговија на големо преку семејната фирма „Класик кафе“. И тогаш бевме препознатливи по кафето пакувано во лименка. И тој период траеше до 2000 година“, се присетува Куновски.
Меѓутоа, нашиот соговорник вели: - додека работевме со кафето на големо сфативме дека е тоа многу индустрија, а ние во основа сме занаетчии. Имајќи го искуство во оваа бранша, решивме да влеземе во еден нов сегмент на работа. Го смениме начинот на работа, креиравме целосно нов концепт којшто се базираше на патот што го изодевме запознавајќи го светот на кафето.
Во „Светот на кафето“ почувствувајте ја аромата на кафе со потекло
Од зрната во вреќа до филџан со врело кафе
Одејќи по стапките и во чекор со ангажманот во бизнисот со кафето во семејството, Куновски го гради новиот концепт на пиење на кафе или набавка на „тазе“ мелено кафе за дома на самото место на подготовка. Всушност тој креира нов стил на пиење кафе во амбиент на мини работилница, микро фабрика каде гледате како кафето од вреќата со сурови зрна од сортата Арабика, донесена од земји во Централна и Јужна Америка, Африка и Азија, го минува целиот процес на брендирање, печење, мелење, варење на топлиот напиток. Тие се всушност пионери со ваквиот концепт – новиот начин на следење на целиот технолошки процес на подготовка и пиење на свежо подготвено кафе по потекло.
„Или, како што вели Куновски се трудиме да донесеме кафе буквално од секоја нива на која се одгледува оваа билка.“ Практично располагаат со кафиња по потекло од околу 40 земји во светот. Тие сами го увезуваат, но поентата е во технолошката обработка. Суровото кафе треба да дојде до печено, вели Куновски.
Патот на кафето, процесот на работа и подготовката на кафето во оваа мини фабрика е насликана и објаснета на сите ѕидни површини во самиот локал каде се изведува технолошкиот процес, но и каде се служи кафето. За себе тие напишале: Ние сме компанија посветена на уживањето во кафето и дружбата, пријателството. Печеме вистинско гурманско кафе, средно печено и средно темно печено во сопствена печка- иновација на семејството на уникатен процес на печење. Овој особено нежен и еколошки процес на печење ни овозможува да го извлечеме најдоброто од секое зрно. Овде во „Coffee and friends“ се сѐ гледа – целиот процес на работа од суровите зрна – до филџанот со врело кафе. “
Куновски се присетува и на почетниот период кога за првпат почнал да ја спроведува идејата за кафе по потекло. -Пред 10-ина години донесовме кафе од повеќе земји наеднаш, но мали количества. Поради тоа ни направија проблем при увозот- ни ги отворија сите вреќи затоа што се работеше за мала количина од околу два тона, но од различни држави. Практично до тогаш немало вакви случаи, најчесто се увезувало поголема количина од една сорта кафе (цел камион).
Во „Светот на кафето“ - кафето се пече на топол воздух, во семејната иновативна печка
Микро фабрика во малопродажба
Овој сладокусец и мајстор на кафето открива дека усовршувањето на постапката на печењето на кафето ја постигнале со својата иновативна печка за кафе. Всушност, тој низ нашиот разговор неколку пати нагласи дека се занаетчии, но и самиот е електроинженер. „Со татко ми (покоен)30 години работевме на иновација на машина за печење кафе. Таа проработи пред осум години од кога всушност и постои овој локал како работилница, микро фабрика во малопродажба – што можам да речам дека првпат се појавува во светски рамки. Овде во Academy сè се гледа - вреќите со сурово кафе од каде внимателно се мешаат зрната кои се печат. Уникатноста на нашето кафе се состои покрај од умешноста на мешањето на зрната и од начинот на печење-по кој сме единствени. Само кај нас кафето се пече на топол воздух, за разлика од сите други каде кафето се пече во печки на плин или нафта, што секако влијае на вкусот и аромата“ објаснува Куновски. Подготвеното кафе пред вашите очи може да се испие во релаксирана атмосфера во самото кафуле или да си купите и пиете дома. Инаку, во работилницата се произведува дневни серии од само еден килограм кафе, така што секоја серија е уникатна.
Имаме и сопствен сервис, кој за моја среќа го поддржува мојот 16 –годишен син. Тој има голема љубов, интерес и разбирање кон ова што го работиме. Самиот расклопува и составува апарат за еспресо кафе, односно од стар го реставрира во нов апарат. И уште повеќе сега син ми е тој што ги црта машините. Наскоро ќе биде готов и прототипот на нашата машина за печење кафе.
Куновски не го крие своето задоволство од вака воспоставениот начин на консумирање на кафе. Концептот на консумирање кафе по потекло се пласира и по кафетериите овде. Но, како што вели нашиот соговорник, - кога видовме дека навистина постигнавме добар квалитет побаравме пазар во Виена. Таму отворивме подружница со четири локали под брендот „Coffee & friends“. Кафулињата во Виена се отворени веќе пет години и добро напредуваат. А, се одлучивме да ги отвориме токму во овој град, бидејќи таму има култура на пиење кафе. - Значи имаме локали во кои можеш да купиш, но исто така можеш и да го пробаш кафето. Тој концепт таму функционира, но сега планираме да го пресликаме овој со подготовка на самото место- микро фабрика и во Виена.
„Нашиот интерес е вакво кафуле со работилница за технолошка обработка на суровото кафе, копија на скопскиот да отвориме и во Виена. Овој концепт е единствен и во светски рамки поради технологијата на печење, за која како што веќе нагласив, ја вршиме на нашата иновативна машината за печење. Предноста на овој наш патент е во тоа што се разликува од другите по чистотата на обработка на зрното. Се пече на топол воздух, за разлика од другите каде кафето се пече на плин или на нафта. На нашиот начин на печење останува аромата на кафето. Чистота на самото зрно кафе. И печеме килограм по килограм.
Coffee & friends на улица
Дека Куновски живее во „Светот на кафето“ потврдуваат и неговите континуирани идеи околу изнаоѓање нови начини на достапноста на кафето до неговите обожувачи. И самите бевме сведоци на количките-кафетерии на отворено: „Coffee & friends“ на неколку локации на улиците во Скопје. За реализација на оваа несекојдневна идеја обезбедиле 20 брендирани колички- гондоли, кои служеа како малопродажни објекти на отворено за кафето по потекло подготвено по истиот рецепт како и во малопродажниот производен објект од обучен персонал за кафе.
Куновски е целосно посветен на „Светот на кафето“ и постојано креира и бара нови иновативни начин на презентирање на традиционалното кафе по потекло. Во тој контекст во 2017 година направил напори да го организира и првиот фестивал за кафето. За таа цел планирал и начелно воспоставил контакт со амбасадите на сите земји од каде увезуваат сурово кафе. Идејата била сите тие традиционално да се претстават со своето кафе и култура на одгледување. Односно било замислено секоја количка да претставува едно кафе- држава од земјата што потекнува. Меѓутоа, како што појасни нашиот соговорник не успеале да воспостават поддршка од властите. Поради тоа идејата не е реализирана, но не е и отфрлена, овој вљубеник во бизнисот со кафе планира оваа своја идеја да ја реализира во Виена.
Куновски открива и дел од своите планови за уредување на задниот двор од кафетеријата, каде планира да организира забавно – бебешко катче збогатено и со домашни миленичиња.
А меѓу плановите е и присуството на Саемот за кафе во Милано каде планира да ја презентира нивната иновативна машина за печење на кафе на топол воздух.....
Плантажа со кафе - ботаничка градина
Овој посветен човек на кафето раскажува дека уште во 1978 година, неговиот татко пробал и успеал да одгледува насади со кафе во стакларник. Куновски во моментот располага со околу 300 садници на кафе кои самиот ги изртил од суровите зрна кафе. Садниците се веќе четврта година... И планира најдоцна во година да ги посади во стаклени фолии.
-За да успеам со насадите со кафе ни треба и поддршка од државата. Замислувам да биде тоа на ниво на ботаника. На пример во „Паркови и зеленило“ како ботаничка градина, што би било интересно и за посетителите ... Куновски објаснува дека доколку успее овие 300 садници да ги посади ќе го затвори циклусот на набавка.
Академија за кафе
Следниот чекор е Академијата за кафе. – Имаме зрна, средства и машини да ве научиме сè за кафето! Сакам ова наше место- микро фабриката и кафетеријата да профункционира како академија, да можеме да создаваме персонал за иновативниот начин на печење, и на приготвување на кафињата и да ги праќаме во Виена, како и да се шириме во други градови во Италија, Германија“, вели Куновски.
Иновацијата – машина за печење на кафето на топол воздух, ќе си ја чуваме, држиме како фамилијарна – не сакме да ја дадеме во јавноста.
И како крај на својата приказна, додава: „Кај нас, е многу тешко да се дојде или да се обучи соодветна работната рака... Идејата е преку обука во нашата академија да креираме водечки тим од професионалци – познавачи на кафето од плантажа, процесот на обработка, до филџан со кафе. Нашата Академија не е теоретско учење, туку е исклучиво практична. Доколку се работи само за варење кафе, обуката е пократка, но има многу пред и потоа. Инаку, заинтересираните клиенти се стекнуваат со солидно знаење во занаетот за производство на кафе во период од три до шест месеци. Можеме заинтересираниот кандидат да го обучиме до степен да организира сам свој бизнис со наша количка „Кафе и пријатели“.
-Во Виена функционира системот и затоа е полесно да се воспостават односи со градските власти кои ви излегуваат во пресрет за сѐ што е во интерес за побрзо воспоставување на функционалноста на услугата што ја планирате. Овој дуќан овде во Скопје чини исто како локал на иста локација во Виена,“ вели Куновски. Тој ни го пренесува и начинот на организираност на локалните власти во Австрија. „Кога го отворавме првиот локал, само што почнавме да го средуваме, другиот ден пред врата не дочекаа три контејнери за селекција на отпадот и локалот беше заграден со заштитна мрежа, за што не ни бараа надомест, туку тоа го сметаат како обврска на градот. Едноставно функционира системот. Подоцна преговаравме и за гондола за служење кафе на отворено, како можност за збогатување на содржината во еден од виенските паркови.“
Македонка Балдазарска