Десет милиони шишиња и лименки се собрани во повратните вендинг машини на „Пакомак“ од нивното поставување во 2021 година, соопштија од компанијата, која е првата компанија за управување, селектирање и рециклирање отпадна амбалажа во државава.

„Ова е голем успех на сите наши сограѓани. Среќни сме што ја постигнавме оваа бројка за три години. Собраните шишиња и лименки во вендинг машините се чист отпад, кој потоа може да се рециклира и повторно да се искористи за добивање пластично шише за пијалак. Важно е дека граѓаните ја препознаваат потребата за паметно управување со отпадот и дека одвојуваат од своето време за рециклирање“ , изјавија од „Пакомак“.

Оттаму истакнуваат дека пластичните шишиња и лименки што се одложуваат во повратните вендинг машини може повторно да се рециклираат во амбалажа, додека ПЕТ пластичното шише може да се рециклира и да се искористи тој материјал за производство на исто такво шише, со што се заштедуваат околу 60 отсто од емисиите на јаглерод диоксид.

„Тоа се најновите ЕУ-стандарди на циркуларната кономија и барања што треба да ги практикуваме и ние, односно од пластично ПЕТ-шише повторно да добиеме ПЕТ-шише за истата намена, со цел што е можно помалку да користиме материјали од природата за производство на амбалажа“, додаваат од компанијата.

Пакомак“ е првата македонска компанија што во Република Северна Македонија го воведува светскиот тренд во селектирањето – повратни вендинг машини за собирање пластични шишиња и лименки.

Идејата зад овој проект е да ги мотивираме граѓаните да се вклучат активно во процесот на селекција на отпадот од пакување. За таа цел, со селектирање пластична амбалажа или лименки во машините, граѓаните ќе имаат можност да собираат зелени поени со помош на бесплатната мобилна апликација на „Пакомак“ наречена „Ecomak“. За собирање зелени поени граѓаните пред користењето на машината ќе треба да го скенираат баркодот што се појавува на нивната мобилна апликација и по фрлањето на отпадот, ќе им бидат доделени зелени поени во зависност од количината фрлен отпад во машината. Секој корисник на мобилната апликација има свој личен баркод.

Зелените поени потоа може да бидат заменети со вредни придобивки и поволности како што се: ваучери за попусти во маркети и во други продажни објекти, попусти при плаќање јавни услуги и комунални трошоци, донации итн. Оваа листа на места каде што можат да се користат ваучерите секојдневно се проширува, а може да се види на самата мобилна апликација.

Во наредните неколку години „Пакомак“ планира да постави машини на целата територија на нашата држава со цел машините да бидат достапни за користење од стана на сите наши граѓани.

Со користењето на повратните вендинг машини покрај придобивките за населението, ќе се воспостави навика за постојана грижа за природата, ќе имаме поодговорни и еколошки совесни граѓани, што претставува клучна алка во развојот на свеста за заштита на животната средина во нашето општество.

Од компанијата истакнуваат дека продолжуваат со ширењето на мрежата и со поставувањето нови повратни вендинг машини во земјата, како и со континуираното спроведување едукативни акции и кампањи со цел подигнување на јавната свест и едукацијата за здрави, зелени навики и паметно управување со отпадот.