„Како лидерството може да го зајакне организациското здравје“ е централната тема на 17. меѓународна MHRA конференција што денес и утре се одржува во Скопје. Учесниците на собирот ќе се обидат да дадат одговор и на прашањето дали лидерството во 2025 година претставува решение или пречка за современите работни организации.

Преку експертски излагања, анализи на вистински примери и интерактивни сесии, на ова издание на конференцијата ќе се обработат прашањата поврзани со влијанието на лидерството врз менталното здравје и благосостојбата на вработените, врз организациската култура и отпорноста на тимовите, како и дефинирањето на здраво лидерство во период на трансформации.

Од Македонската асоцијација за човечки ресурси посочуваат дека веќе повеќе од 15 години континуирано вложуваат во развојот на HR професијата и во подобрување на политиките за управување со луѓето во компаниите, со цел создавање здрави организации со задоволни вработени кои ќе придонесат кон подобри деловни резултати.

- Гледајќи ги промените и предизвиците на пазарот на труд, темата за улогата на лидерството во градењето организациско здравје природно се наметна како фокус на 17. меѓународна MHRA конференција, велат од Асоцијацијата.

Претседателот на МАРЧР, Дарко Петровски, нагласува дека денес лидерството е особено сложена задача ако се земат предвид околностите во кои функционираат организациите.

- Се соочуваме со геополитичка неизвесност, војни и конфликти што ги менуваат границите, со прекини во трговијата. Тука е и економската нестабилност, високата инфлација, ранливиот синџир на снабдување и нестабилниот енергетски пазар. Истовремено сведочиме и на длабоки општествени промени каде повеќе генерации споделуваат едно работно место, но со различни очекувања кон лидерството, работата и животот, истакна Петровски.

Како дополнителен предизвик, тој го посочи забрзаниот технолошки развој.
Вештачката интелигенција предизвика револуција во сите сфери на животот. Таа ги менува претставите за тоа што е човекова способност – од креативноста до дијагностицирањето. Иако носи големи можности, таа носи и сериозни ризици, рече тој. Според него, лидерството во 2025 година престанува да биде „бизнис како и обично“ и станува постојана борба во услови на глобална нестабилност и технолошка експлозија.

Дарко Велков, генерален менаџер на Vrabotuvanje.com, смета дека напредокот на една компанија зависи од вистинското управување со човечките ресурси, односно од тоа компаниите да понудат многу повеќе од она што го бара законската рамка.

- Законските обврски се основа, но вистинските придобивки се оние потези што ја прават разликата. Треба да размислуваме како да го подигнеме квалитетот во нашите организации. Многу компании, за жал, се уште го претставуваат обезбедувањето на редовна плата, платен одмор или регрес како дополнителни бенефиции. Тоа не се подароци, туку основни права што секој работодавач мора да ги гарантира. Компанија што сака да биде лидер мора јасно да го каже тоа и секогаш да го обезбедува минимумот, рече Велков.

Тој додаде дека вистинското лидерство се мери со тоа што компанијата прави над основниот минимум, токму тоа претставува реална додадена вредност и автентични бенефиции.

Според него, истражување покажува дека дури 70 проценти од вработените во Македонија никогаш не би ги пофалиле своите работодавачи, што укажува дека лидерството мора многу повеќе да се насочи кон грижата за човечките ресурси во организациите.