„We Green, Youth goes clean“, е втор насатан на Младите европски амбасадори  што ќе се одржи  денес, онлајн во 18 часот, на тема: „Заштита на околината и климатските промени“.

Настанoт, како што соопшти проектниот тим на младите европски амбасадори, ќе биде посветен на зелената агенда на Западниот Балкан, стратегија за справување со загадувањето, како и се она што младите можат да сторат за да го направат нашиот регион „зелен”, а воедно и поздраво место за живеење.

– Нашите млади европски амбасадори ќе ве запознаат со некои од најреномираните и најинтересни говорници од цела ЕУ и Западен Балкан. Со нив ќе воспоставиме интерактивна комуникација за некои од најактуелните проблеми, се вели во соопштението.

Иницијативата „WeBalkans – млади европски амбасадори” е дел од Стратегијата за регионална комуникација на Европската Унија за Западен Балкан. Мрежата на млади европски амбасадори e основана во август 2020 година, откако над 400 млади луѓе од целиот регион се пријавија да учествуваат. Tие тогаш собраа повеќе од 80.000 гласови поддршка од цела ЕУ и регионот.

Како што стои во соопштението, – финалните 60 победници, денес познати како „Млади Европски Амбасадори”, се дел од креативната мрежа на идни инфлуенсери од целиот регион на Западниот Балкан (Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Србија, Северна Македонија и Албанија ). Исто така, тие се и лица кои се заинтересирани да споделат и поддржат различни теми како интеркултурно учење, заеднички регионални и локални иницијативи, уметност, култура, спорт, дигитални технологии, заштита на човекови права.