Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) ќе вложи пет милиони евра во проектите за изградба на фотонапонските електрани „Битола 1“и „Осломеј 2“, кои треба да придонесат за енергетската транзиција на Северна Македонија. Договорот за грантот беше потпишан денеска од генералниот директор на АД ЕСМ, Лазо Узунчев, и претставникот на ЕБОР, Фатих Туркменоглу, во присуство на министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, и евроамбасадорот во земјата, Михалис Рокас.

Двете нови фотонапонски електрани – „Битола 1“ со инсталирана моќност од 20 мегавати и „Осломеј 2“ со моќност од 10 мегавати ќе произведуваат околу 46 гигават-часови електрична енергија годишно, што ќе ги задоволи потребите на над 7.000 домаќинства, истовремено намалувајќи ги емисиите на јаглерод диоксид за 40.000 тони годишно.

„Овие фотонапонски електрани ќе придонесат за енергетската сигурност на нашата земја и ќе ги задоволат потребите на над 7.000 домаќинства. Енергетската транзиција е визија за иднина во која ќе имаме чиста енергија, здрава животна средина и економски просперитет. Реализацијата на овие проекти ќе ја намали емисијата на јаглерод диоксид за околу 40.000 тони годишно и ќе овозможи рекултивација на 45 хектари земјиште во кругот на РЕК Битола и на РЕК Осломеј што директно ќе влијае кон поздрава животна средина за Битола, Кичево и нивната околина“ истакна министерката Божиновска.

Грантот во висина од пет милиони евра, можеби не е голема сума, но го надополнува претходно потпишаниот заем од 25 милиони евра од ЕБОР за развој и изградба на електрани од 30 мегавати во Осломеј и Битола, со што повторно се покажува дека Европската Унија и ЕБОР се еден од најсилните партнери во енергетската транзиција на земјава.

„Повеќе пари ширум светот сега одат во фото-електрани и соларна енергија отколку во сите други технологии за производство на електрична енергија заедно. А овој тренд се гледа и со заложбата на ЕУ за поддршка на АД ЕСМ, со преку 30 милиони евра грантови за финансирање за проекти од ветер, хидро и соларната енергија. ЕУ и нејзините партнери ќе продолжат да го поддржуваат патот на Северна Македонија кон декарбонизација, обезбедувајќи диверзификација и безбедност на нејзините енергетски резерви.“ изјави амбасадорот на Европската унија, Михалис Рокас.

Според него, инвестицијата доаѓа во вистинско време затоа што обезбедува чиста и безбедна енергија. И секоја инвестиција во зелена енергија ќе значи дека стануваме поатрактивна земја на можности.

„Мора да ги искористиме овие можности и се надеваме дека ова ќе биде само почеток за повеќе инвестиции во оваа област. Сигурен сум дека приватниот сектор е веќе подготвен да ги искористи овие можности и да инвестира во земјата. Северна Македонија ги исполни сите потребни обврски и треба да ги реализира можностите што ги има“, рече Рокас.

 Континуираната поддршка за декарбонизацијата на енергетскиот сектор 

„Проектот е доказ за континуираната поддршка на декарбонизацијата на енергетскиот сектор во земјата. Тоа е одличен пример како да се обезбеди алтернативно и одржливо користење на локациите за ископ на јаглен до старите и загадувачки термоелектрани. Со задоволство гледаме дека владата и приватниот сектор ги зголемуваат инвестициите во сончевата енергија и остануваме подготвени да обезбедиме дополнителна поддршка доколку е потребно.“ изјави претставникот на Европска банка за обнова и развој (ЕБОР), Фатих Туркменоглу.

„Со потпишувањето на овој грант, имплементацијата на двата проекта влегува во завршна фаза. „Осломеј 2“ со просечно годишно производство од 16 гигават часови и „Битола 1“ со просечно годишно производство од 30 гигават часови ќе го зголемат портфолиото на обновливи извори во сопственост на државата што ќе претставува уште еден чекор кон исполнување на стратешките определби на патот кон зелената енергетска транзиција“, рече Лазо Узунчев по потпишувањето на договорот

Проектите се очекува да бидат завршени до 2026 година,  а според Узунчев тие освен енергетски ќе имаат, и социо-економски и еколошки придобивки. Во процесот ќе учествуваат локални компании, а дел од вработените во РЕК Битола и РЕК Осломеј со преквалификација ќе бидат ангажирани во работните процеси во новите електрични централи. Со намаленото производство на енергија од термоелектраните ќе се намалат и емисиите на јаглерод диоксид од 40.000 тони за вкупниот инсталиран капацитет од 30 мегавати. Фотонапонските електрани ќе бидат проектирани и изградени во согласност со европските и светските стандарди, а постапката за избор на изведувач за проектирање, набавка, изградба како и евалуацијата на понудите ќе ја спроведува ЕБОР.

Владата и Министерството за финансии ја препознаа важноста од спроведување на овој проект и затоа дадоа поддршка преку издавање гаранција за намирување на обврските и исполнување на одредбите од Договорот за заем со ЕБОР за финансирање на Проектот на ЕСМ за транзиција кон соларни фотоволтаици, во износ од 25 милиони евра. Министерството за европски прашања и секретаријатот на Националниот ИПА координатор се задолжени за координација на Инструментот на Инвестициска рамка за Западен Балкан од каде е одобрен грантот за овој проект.

„Нашата земја потврди дека знае да ги искористи фондовите достапни од 2009 година преку Инвестициската рамка за Западен Балакан. Близу 500 милиони евра се добиени во форма на грантови за вкупна вредност на инвестиции од 3 милијарди евра за проекти од областа на енергетика, но и транспорт, животна средина, човечки капитал и дигитализација. Сега имаме нова рамка преку Реформската агенда и Инструментот за реформи и раст да инвестираме во проекти во енергетика кои ќе бидат нашиот генерациски придонес кон зелената иднина на земјата.“ посочи  Евгенија Кирковска, раководител на сектор за координација на ЕУ-фондови во Министерство за Европски прашања.

Фотонапонските електрани ќе бидат проектирани и изградени од најкомпетитивниот понудувач, во согласност со највисоките европски и светски стандарди.

Министерството за енергетика останува посветено на создавањето одржлива енергетска иднина за сите граѓани.