Потребите и на вработените и на работодавците се индивидуални, но науката одамна е вклучена во таквите односи и воспоставила одредени правила за кои е познато дека, доколку се почитуваат, носат добро за мнозинството.

Што бараат луѓето денес?

Што вели науката за моменталната бизнис клима? За кого луѓето сакаат да работат денес?Годинава беа објавени резултатите од големото истражување со цел вработените да се изјаснат и да кажат за кого сакаат да работат. Поточно, каков треба да биде нивниот претпоставен за да биде класифициран како пожелен.

Доминик Меклафлин ги откри резултатите од ова истражување како дел од неговата студија. За сите оние кои сакаат систематизација и бараат прецизност, резултатите јасно покажаа дека мнозинството вработени високо ги ценат овие четири менаџерски особини или квалитети:

  • Сигурност
  • Создавање средина за учење
  • Грижа за луѓето
  • Тенденција за вклучување на тимот во одлучувањето
Најдобар совет

Сигурноста или довербата се на врвот на листата на најбарани лидерски квалитети. Ако сте менаџер во кого вашите луѓе имаат доверба, ако ви веруваат иако не знаете сè и немате секогаш одговор на секое прашање, сигурно сте еден од омилените. Луѓето сакаат да работат со вас. И не само што сакаат, туку се далеку попродуктивни и подготвени да придонесат за развој на бизнисот. На крајот може да се каже дека се и посреќни.

Според Меклафлин, најдобриот совет за менаџерите е да  откријат пред својот тим кој стои зад нивното име, титула и работно место. „И, секогаш е подобро да се каже „не сум сигурен, но ќе откријам“, отколку да давате брзи одговори кои ќе се покажат како погрешни“, напиша Меклафлин.

Приземни и чесни 

Интересно е колку луѓето ја ценат деловната атмосфера каде што грешката е сосема во ред и се третира како можност за учење наместо како можност за казнување. И, пред се, луѓето ценат кога другите без проблем признаваат дека згрешиле, дека се луѓе како и останатите.

Накратко, ова истражување потврди дека вработените високо ги ценат менаџерите кои се „приземни“ и чесни.

Исто така, доколку вие како менаџер јавно признаете дека предлогот е одлична идеја, ќе добиете многу плус. И уште ако издвоите награди за креаторите на ваквите идеи, ќе бидете високо оценети и пожелни како менаџер. Притоа, наградите не мора да бидат скапи или ексклузивни. Картичките за подароци, ручекот, платената обука или поддршката за промоција, исто така, ќе направат одлична работа за мотивација.

Несебичност

Еден од клучните одговори на прашањето: „За каков менаџер сакате да работите?“, најчесто е: „Несебичен“.

Грижата за луѓето е бесценета. Ако, како менаџер, размислувате за потребите на вашите луѓе, ако навистина се грижите тие како поединци да се вклопат во системот на најдобар начин, вие сте на вистинскиот пат вашиот тим да биде сочувствителен и лојален кон вас.

Доколку сте вистински заинтересирани за професионалниот развој на секој член на тимот, за обуки и едукации, истражувањата покажуваат дека вам за ваквиот пристап ќе ви биде возвратено и со задоволството на луѓето и со добри деловни резултати. Што повеќе ви треба?

Само отворено

Еден од најдобрите совети што можете да ги добиете е да ги вклучите вашите луѓе во процесот на донесување одлуки што е можно повеќе. Ваквата отвореност, слушање и ценење на мислењата на луѓето со кои работите ќе изгради однос на доверба и ќе видите неверојатни позитивни промени. Првото нешто што ќе излезе на површина е задоволството на вработените од нивната работа, вашиот однос и атмосфера.

Најдобрата вест е дека сите овие споменати квалитети можат свесно да се развиваат. Не ви треба посебен талент. За почеток, треба секогаш да ги имате на ум, секој ден, цел ден.