За квалитетот на воздухот се одговорни сите

Во 2019 година, во Македонија 3,400 луѓе умреле од последиците на загаден воздух. Ако во земјава се почитуваат стандардите на СЗО за штетни честички во воздухот би можеле да бидат спасени животите на илјадници граѓани секоја година, покажува извештај на агенцијата Europa Luftverschmutzung на ЕУ.

Почитувањето на новите препораки би ја намалило смртноста од загадениот воздух во Македонија за 74 проценти. За овој проблем мислење побаравме од една од трите акредитирани организации за испитување на квалитетот на воздухот „Еуромак-контрол“, односно од нејзиниата директорка Сузана Темелкоска дипл. хемиски инженер.

За квалитетот на воздухот се одговорни сите


  • За што е специјализиран „Еуромак-контрол“?


-      „Еуромак-контрол“ е регистрирана организација за контрола на квалитетот и квантитетот на стоките и  консалтинг. Организацијата е регистрирана 1999 година, што значи дека 22 години  е активна на овој пазар. „Еуромак-контрол“ располага со три сектори и тоа:

- консалтинг (сектор што врши имплементација на меѓународни стандарди што се практикуваат во нашава држава, почнувајќи од ИСО 9001, базичен стандард  за документирано управување со  квалитетот во една организација),


  • ИСО 14 001 (стандард за управување со заштитата на животната средина од нејзините  влијаниа  врз околината) и сега

  • најактуелен стандард - ИСО 45 001 (стандард за здравје и безбедност при работа, што подразбира проценка на работните места, опасности и штетности што влијаат врз вработените во текот на работниот процес.  ЕУРОМАК -КОНТРОЛ  поседува овластување   за  изработка на елаборати  за проценка  на ризикот на работните места, мерење на микроклиматските услови, хемиските штетности, од страна  на Министерство  за труд и социјална политика

  • Акредтирана лабораторија согласно стандардот ИСО 17 025, акредитирана од страна на Институтот за акредитација на РС Македонија. Лабораторијата е акредитирана за испитување на квалитетот на воздухот, на водата, на отпадот, на текстилот, на житарките, на овошјето и на зеленчукот.

  • Секторот инспекциско тело: исто така е акредитирано од Институт за акредитација на РС Македонија согласно стандардот ИСО 17020. Инспекциското тело има акредитација за контрола на квалитетот и на квантитетот на нафтата и нафтените деривати.


Сето тоа што го работиме, го верификуваме преку нашите надлежни институции. Нашиот институт за акредитација е член на Европската акредитација, така што нашите резултати се признаени и во Европа. Тоа значи дека нема потреба организациите, за кои сме направиле анализа овде, да ја повторуваат анализата и во европските земји. Ова  ги штити фирмите од двојни трошоци.

  • Што покажуваат резултатите од контролата на воздухот?


-     Законска обврска на организациите е  да имаат еклошки елаборати и интегрирани еколошки дозволи во зависност од обемот и од аспектите што ги вршат врз животната средина. Во согласност со тие елаборати, организациите се задолжени во одреден временски период да вршат испитувања, односно мерење на сите делови од животната средина, како што е основниот – воздухот. Но, тоа не се почитува секогаш. Најголеми загадувачи се големите комбинати и тоа со рударски активности, електраните, транспортот итн. Министерството за животна средина ги задолжува - во одреден временски период да ги доведат надминатите гранични вредности до дозволените, но за таков вид активности се потребни финансиски сретства кои организациите тешко ги одвојуваат. Исто така  и малите домаќинства, кои се затоплуваат на цврсто гориво, се загадувачи на животната средина. Тие често пати, освен дрва и јаглен, горат пластика, опасен отпад, отпадни масла, старо дрво премачкано со лак итн. За Битола се смета дека најголемото загадување доаѓа од РЕК „Битола“. Но, една година во Битола вршевме летни и зимски мерења  на  концентрацијата на суспендирани материи ПМ 10, при што  се испитуваше и нивниот состав . Се покажа дека најголемо загадување има во зимските месеци, кога се ложи и кога сообраќајот е многу погуст. Во летниот период загадувањето беше многу помало, а РЕК „Битола“ и во зимскиот и во летниот период работи со ист капацитет. Може да се заклучи дека загадувањето доаѓаше од домаќинствата и од сообракајот во зимски период , кои, како што реков, не користат само дрва, туку и други материјали што при согорувањето најчесто испуштаат токсични материи.

Министерството за животна средина има поставено мониторинг-станици низ цела Македонија. Врз основа на резултатитие од тие станици се регистрираат загадувачите во согласност со европската табела по која се мери загадувањето и во градовите. Овие вредности можат да се следат на страницата на Министерството за животна средина и тоа дневно. Освен загадувањето на воздухот мора да се следи и загадувањето на водата, која исто така има влијание врз квалитетот и здравјето на лјуѓето.


  • Каква е „задачата“ на вашата фирма?


-     Ние вршиме испитувања на квалитетот на воздухот. Нашата улога е да ги измериме вредностите на испуштените гасови, во согласност со акредитираните методи и важечките закони и правилници. Инспекторатот, ги признава резултатите само од акредитираните фирми и лаборатории, како што е нашата. Често пати се случува да вршиме мерења и во присуство на инспектор. Ако станува збор за оџаци, се мерат издувните гасови од оџаците со соодветан опрема која е специфична и мора да гарантира голема точност на резултатите. Во случај во кој имаме пречекорување на дозволените вредности, ние тоа го наведуваме во извештајот. Тогаш инспекцијата дава налог организацијата  да направи подобрување со соодветни филтри и тоа во одреден временски рок. По тој рок се врши второ мерење со кое ќе се види дали тие го почитувале тој рок. Интересно е тоа што фирмите-загадувачи, според Уредбата за 24 часовно мерење за суспендирани  материи  ПМ 10,  можат во рок од 365 дена, 30 пати да ги надминат тие вредности. Дури по оваа толеранција, инсепкцијата казнува, не казнува само за едно пречекорување на вредностите пропишани со Правилникот.

  • Како ги доживуваат фирмите казните за загадување на воздухот?


-     Тоа за нив е многу непријатно. Освен тоа исто така забраната за работа ја доживуваат многу тешко. Но, тоа е основно, за да може една фирма да работи би требало прво да ги обезбеди еколошките дозволи за работа.

  • Што е „интегрирана еколошка дозвола“?


-     За интегрирано спречување, односно контрола на загадувањето се добиваат еколошки дозволи и тоа „А“  дозвола и „Б“ дозвола, во зависност од активностите што се одвиваат на инсталацијата и влијанието што го вршат врз околината. Целта на овие дозволи е преку интегрален пристап со една дозвола да се регулира и контролира  влијанието на околината

  • Дали имате проблем во соработката со државните институции?


-     Со институциите немаме проблеми при соработката, бидејки имаме иста цел во односите.

  • Можат ли граѓаните да дадат придонес во заштитата на „својот“ воздух?


-     Да. Им советувам да внимаваат што употребуваат за огрев и да внимаваат на домашните инсталации. Помала потрошувачка на енергенси, помала потрошувачка на вода,  правилно постапување со отпадот и селекција  на отпадот.

 

Бране Стефановски