Повеќе од 250 жени лидерки и бизнисменки од земјава, Португалија, Црна Гора, Хрватска, Србија, Словенија, Австрија, Косово, Турција, Индија и Египет ќе учествуваат на „Eкономски форум на жени лидерки – Women Economic Forum – Balkans 2024“. Настанот ќе се одржи следната недела во Скопје во организација на Здружението на жени менаџери ЕЛИТ, Скопје и Г100 Крилото за комуникација, застапување и медијација за Македонија, под глобалната франшиза на Women Economic Forum (WEF) и мисијата Г100 Милион.

Целата на настанот е поврзување на бизнисите од сите присутни земји и поголема застапеност на жените во сите делови од животот.

Зошто „Женски економски форум“ во Македонија

-Зошто „Женски економски форум“ токму во Македонија?- прашање кое го образложи на најавната прес-конференција за настанот, проф. Македонка Димитрова, претседателка на организациски одбор.

- Тргнавме од постановка дека сакаме Македонија да ја позиционираме во рамките на оваа мрежа и да покажеме дека имаме што да споделиме како жени бизнис лидерки од нашата држава со останатите од регионот.

Пред две години бевме поканети на состанок на кој покрај другите лидерки присуствуваше и основачката д-р Харбен Аурора Раи, која имаше тура на Балконот и посета кај нас во Скопје. По две години ни се наметна потребата повторно да се сретнеме со овие жени лидерки од регионот, имајќи предвид дека Македонија е мала,но сакаме нашиот глас да биде слушнат во сосема поинаква димензија, а тоа би било можност со повеќе претставнички не само од земјите на Балканот туку и пошироко. Подготовката ја почнавме многу ентузијастички уште во мај оваа година, а сега сме горди и среќни што креиравме програма, која зборува за многу издржан и влијателен настан. Верувам дека заклучоците од конференцијата ќе бидат понатаму пренесени, и секоја од нас, од свој аспект ќе може да работи на тие предизвици кои заедно ќе ги идентификуваме во наредните две години до следната ваква манифестација во некоја друга земја од Балканот.

Инаку, Женскиот економски форум постои во рамки на глобалната мрежа Г-100 од 2015 година. Вакви форуми се одржуваат на различни локации во светот и имаат една цел да се унапреди и подобри позицијата на жените и девојките во современото општество, особено во делот на економското јакнење, намалување на родовите нееднаквости и поттикнување женско лидерство. Преку заедничко споделување на најдобрите практики сакаме да ги надминеме заедничките предизвици со кои се соочуваме. Како што вели Индра Ноиј, извршен директор на „Пепсико“ за цел свет: -Јас не сум само директорка на една мултинационална компанија, јас сум мајка, жена, снаа, сите тие функции е невозможно да се направат во еден ден ако не си помагаме и ако не креираме еден систем каде полесно ќе можеме да ги надминеме сите потешкотии  со кои се соочуваме во еден ден, цитира Димитрова.

-Годинава, продолжи таа, имаме чест ние да сме домаќини на преку 50 докажани лидерки, бизнисменки, предводнички на невладини организации, на сопствени бизниси на големи компании не само од Македонија, туку и од Португалија, Турција, Србија, Црна Гора, Косово, Хрватска, Словенија, како и виртуелно присуство од Индија и Египет. Тоа зборува за профилот на самата конференција и се надеваме дека ова ќе биде еден поттик помасовно да се следи настанот, за полесно да ја пренесеме пораката од форумот.

Богата програма

Настанот ќе започне со воведна сесија во која ќе се обрати претседателката на Здружението ЕЛИТ, Ленка Угриновска, претседавачка со Г100 Крилото за комуникации, застапување и посредување за нашата земја, кое стои зад оваа организација. Инаку во Македонија има претставници од повеќе крила, од крило за образование, за еко цивилизација, за МСП и многу други.

 Поздравно обраќање ќе има и проф. Македонка Димитрова, претседателка на Организациски одбор на ВЕФ Балкан 2024 и со-основач на Институтот за одржливост ЕКОС од Скопје.

По нив ќе следува обраќањето на Линда Переира, глобална претседавачка на Г100- Крилото за комуникација, застапување и посредување од Португалија, инаку позната инфлуенсерка, која работи во делот на комуникации, промоција и туризам. Во овој дел присутните ќе ги поздрави и претседателката на Македонија, проф. д-р Гордана Силјановска-Давкова, која безрезервно ја поддржа манифестацијата.

Потоа следи виртуелното интервју со основачката на Г-100 и ВЕФ од Индија, д-р Харбен Аурора Раи, на тема: Зајакнување на жените во бизнисите за долготрајни позитивни промени.

На првиот ден по воведните обраќања следуваат три интересни панели:

  •  Панел 1: Интегрирање на одржливост во бизнисите преку ESG известување
  •  Панел 2: Исчекор напред со жените во СТЕМ професии
  •  Панел 3: Креирање на деловен пејзаж за кариерен успех на жените

Вториот ден со поздравни говори ќе се обратат: д-р Анита Ангеловска-Бежоска, гувернерка на Народна банка на Република Северна Македонија, и д-р. Ирена П. Радовиќ, гувернерка на Централната банка на Црна Гора, која е глобална претседавачка со Г-100 крилото за финансиска инклузија,како и министрката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска. Потоа следуваат уште три панели:

  • Панел 1: Платежна рамноправност и обликување на иднината на жените во бизнисот
  • Панел 2: Жените како катализатори на одржлив развој и зелена транзиција
  • Панел 3: Пристап до финансии и моќ на вмрежување

На панелите ќе зборуваат, дебатираат и ќе ги пренесат своите искуства, мислења и ставови докажани и моќни лидерки, професори, раководители на бројни институции и директори од компании, управители на мали бизниси и водителки на невладиниот сектор од различни струки и позиции. Секоја од свој аспект ќе ги третира и пренесе потребите за унапредување и развој на статусот на жените во општеството.

Настанот ќе заврши со состанок на Г-100- Балкан 2024: Интернационализација на бизнисите.

Одржливост

На овие сесии, како што рече Димитрова, учесниците ќе имаат можност да слушнат што прават самите организации и нивните оддели за човечки ресурси за поттикнување на женскиот кариерен развој, што применуваат за да го постигнат тој баланс меѓу работата и домаќинството. 

Ќе се расправа и за тоа како жените да се изедначат со примањата со мажите од исти позиции, бидејќи светските статистики покажуваат дека жените се помалку платени на исти позиции во однос на колегите мажи. Има само неколку светли примери каде родовата еднаквост не игра улога како што се Шведска и Холандија.

Понатаму,како женитеможат да катализираат промени во процесот на зелена транзиција, постигнување  на целите за одржлив развој. Секако пристапот до финансии и моќ на поврзување, може да одигра клучна улога во развој на женските бизниси и претприемништво, и токму затоа ќе се дебатира во последниот панел.

„Практично, одржливоста провејува во сите панели и тоа е битно имајќи ги предвид заклучоците од актуелното Генералното собрание на ОН. Одржливоста е клучна и треба да биде предводник во развојот, она што денес го направиме не смееме да дозволиме да ја загрози благосостојбата на идните генерации и впрочем сите панели се така ориентирани“, објасни Димитрова.

Меѓу панелистките ќе има и неколку мажи, со кои како што нагласи претседателката: - сакавме да ја уважиме помошта што ја добиваме од мажите, особено од оние кои се на раководни позиции, бидејќи тие имаат можност да креираат култура во организациите која ќе им овозможи на жените полесно да ги пребродат задачите со кои се соочуваат секојдневно и да напредуваат во кариерата и на личен план. 

Системски мерки за поголема застапеност на жените во општеството

Претседателката на Здружението на жени менаџери „Елит“ Ленка Угриновска рече дека Европската Унија пред една година вовела законска обврска со која до 2030 година учеството на жените во управните и надзорните одбори во големите компании кои успешно котираат на берзите треба да биде 50 проценти. Земјава, како што кажа, во моментов е во рамките на европските процеси на тоа поле и додаде дека во банкарскиот систем учеството на жените во надзорните и управните одбори е над 23 отсто. Најголем број на жени во управниот и надзорниот одбор, како што посочи, има во „Алкалоид“.

-Сепак треба да се направат системски мерки за застапеност на жените, а тоа го покажува искуството на Италија каде пред воведувањето на системските мерки учеството на жените било четири отсто. По воведувањето расте за 10-тина проценти годишно и во моментов е повеќе од 30 отсто, рече Угриновска.

Организаторите веруваат дека ќе има голема посетеност, а со самиот настан ќе остават траен доказ за придонес кон повисока цел- поголема застапеност на жените во сите нивоа на општеството.  

Форумот има ротирачка база, и седиштето се менува на секои две години  на иницијатива на членките од одредена земја. Пред две години се одржа во Тирана, а се очекува следната средба во Скопје да биде за 10-тина години.