Што имаат заедничко Атина, Дака, Фритаун и Сантијаго де Чиле? Сите овие градови се обидуваат да се заштитат од сè поекстремната топлина, а им помагаат таканаречените главни службеници за топлина (Chief Heat Officers). Станува збор за градски службеници - или како што понекогаш се нарекуваат: „шерифи за заштита од жештината“. Тие им помагаат на локалните власти да ја анализираат ситуацијата на терен, да развијат акциони планови и да спроведат заштитни мерки. Ова вклучува, на пример, планирање постудени тротоари и покриви, но и стратегии за итни случаи.

Во градот Фритаун во Сиера Леоне, службениците за топлина се вклучени во пошумување на урбаните области, бидејќи помагаат градот да се одржи ладен. Луѓето кои се грижат за дрвјата во градот се поврзани преку апликација и за тоа добиваат паричен надомест.

Реациите се потребни пред да започнат жештините

Атлантскиот совет, американски тинк-тенк, го започна концептот за назначување службеници за заштита од жештините во градовите, или „шерифи“, во 2021 година. Според нивните проценки, дури 3,5 милијарди луѓе ќе бидат погодени од екстремна топлина до 2050 година. Половина од нив во урбани средини. Затоа градовите треба сериозно да се подготват, истакнуваат стручните лица за заштита од топлина од Центарот за отпорност на климатските промени на Атлантскиот совет

„Обично, проблемот со топлината се решава само кога има голема криза - топлотен бран, пожар или суша. А кога ќе помине, сè се заборава“.

 Задачата на службеникот за топлина не е само да го подготви градот за вакви ситуации и да ги заштити особено ранливите групи, туку и да им помогне на сите релевантни институции да развијат долгорочни планови за разладување на градовите.

Жештините мора да се земат предвид дури и при планирање на улици, плоштади и згради - односно, во сите важни урбанистички планови. Токму ова како што истакнуваат од Центарот за отпорност на климатските промени на Атлантскиот совет, е најтешкиот дел од работата.

За заштитата од летните топлотни бранови мора да се мисли на време

„Не можам да кажам дека бев целосно успешна во тоа во Атина“, искрено признава таа. „Но, успеав да го променам начинот на размислување и луѓето сега разбираат дека жештините се сериозна закана за здравјето, економијата и општеството“, вели една од членовите на Атланскиот совет, Елени Миривили, која била задолжена за овие прашања во грчката престолнина од 2021 до 2023 година.

На секој град му е потребен службеник за топлините

 Атлантскиот совет досега го поддржа воспоставувањето на осум такви службеници низ целиот свет. Идејата се шири, вели Миривили. „Ако градоначалникот ја препознае важноста на проблемот, службениците за заштита од греење можат да направат чуда - да најдат буџет, да се координираат меѓу различните оддели и навистина да ги започнат работите.“

Во САД, Кенија и градови како Лондон, Женева и Париз, концептот веќе се зацврсти. Индија дури донесе закон со кој се бара од секоја сојузна држава таму да назначи службеник за врелина. Ова, според Елена Миривили, е целосно оправдано.

Бројот на денови со екстремна топлина драматично се зголемува

Помеѓу мај 2024 и мај 2025 година, околу четири милијарди луѓе - половина од светската популација - доживеале најмалку 30 дополнителни дена екстремна топлина. Ова го покажува извештај од неколку институции, вклучувајќи го и Црвениот крст. Во 195 од 247 анализирани земји и региони, бројот на такви денови е барем двојно зголемен поради глобалното затоплување.

Градежните работи се меѓу занимањата кои се најмногу изложени на ризик поради сè почестите топлотни бранови.

Според податоците од Светската здравствена организација (СЗО), околу половина милион луѓе умираат секоја година од последиците од топлотен удар. Повеќето од нив живеат во Азија, но и во Европа, особено на југоисток, 2024 година беше втората најжешка година досега.

Во Германија и низ цела ЕУ, бројот на постари лица - кои се особено ранливи - се зголемува. Германската алијанса за климатски промени и здравје (KLUG), која обединува 100 организации, предупредува дека оваа категорија луѓе е најранлива. „Секој дополнителен степен на зголемување на температурата го зголемува ризикот за нашите животи, економијата и планетата“, предупреди генералниот секретар на СЗО, Селест Сауло, во април, презентирајќи извештај за состојбата на климата во Европа.

Градови кои дејствуваат

Градот Феникс (Аризона, САД) формираше тим од шест члена посветен исклучиво на заштита од жештините. Засолништа за итно ладење се достапни во текот на летото, како и центри и станици со вода за пиење. Во Барселона, музеите и библиотеките се користат и како места за одмор и разладување.

Во Германија, градови како Келн и Фрајбург веќе ги имаат своите први акциони планови, информативни кампањи и мерки за заштита на ранливите групи. Се воведуваат и системи за рано предупредување и зголемено озеленување на градските „жаришта“.

Во Фрајбург, фокусот е на зелените површини и брзо достапната сенка. Келн ги прошири тендите на јавните згради, а Евангелистичката црква во Германија понуди цркви како засолништа за ладење.

Во Базел во Швајцарија, се користат мобилни зелени површини наместо големи градежни проекти. Градот планира да ги отстрани бетонските површини и да ги замени со зелени. И не само овде во повеќето градови, акцентот е ставен на зелените површини

Повик за системска акција

Сепак, според Алијансата за климатски промени и здравје, Германија многу заостанува кога станува збор за сеопфатна заштита од жештините. „Топлината е најголемиот здравствен ризик предизвикан од климатската криза во Германија“, предупреди Алијансата во Берлин на почетокот на јуни.

Претседателот на Германското медицинско здружение, Клаус Рајнхарт, нагласи: „Топлинските бранови стануваат сè почести, подолги и поинтензивни. Општеството мора да се подготви за ова. Врелината влијае на сите, без оглед на возраста или здравствената состојба.“

„ Ние како општество, сè уште не сме сфатиле кога и до кој степен топлината станува опасна“, додава Мартин Херман, претседател на Алијансата за климатски промени. Во Германија, вели тој, повеќе луѓе умираат од топлина отколку во сообраќајни несреќи. Затоа повикува на задолжително спроведување на заштитни мерки на локално ниво и поголема финансиска и персонална поддршка.

Германскиот федерален институт за јавно здравје неодамна лансираше нов онлајн портал со практични совети за тоа како да се однесувате за време на топлотните бранови – да се избегнува излегување  на пладне, проверка на лековите и проветрување на просториите само кога е поладно надвор отколку внатре.

Претседателот на Алијансата KLUG, Херман, заклучува: „Гледаме многу добри индивидуални проекти, но проблемот е во нивното спроведување низ целата земја. Време е конечно да се спроведе сето ова.“ А грчкиот експерт Елени Миривили предупредува: „Жештината што ја чувствуваме сега не е ништо во споредба со она што допрва доаѓа. Ќе биде многу поопасно, а луѓето сè уште не се свесни за тоа. Затоа работењето на решенија е поважно сега од кога било.“