Луѓето често се наоѓаат во финансиски проблеми затоа што не биле искрени за својата парична ситуација. Но, штом ќе ги препознаете најголемите лаги за парите, веќе сте чекор поблиску до поискрена и побогата иднина.
Кога станува збор за личните финансии, чесноста е најдобриот начин. Бидете искрени со банката, со вашето семејство, а пред се со себе. Лагите за парите можат да не повлечат на дното.
Еве неколку најголеми заблуди за парите кои си ги повторуваме:
1. „Тој долг е добар“
Финансиската литература често прави разлика помеѓу „добро задолжување“и „лошо задолжување“. Таканаречениот „добар долг“ вклучува заеми за недвижен имот или за започнување бизнис. „Лошиот долг“, пак, вклучува задолжување на кредитна картичка со високи каматни стапки. Иако оваа разлика има смисла, го олеснува рационализирањето на задолжувањето. По правило долговите треба да се избегнуваат во широк дијапазон, а тоа единствено може да го постигнете само со следниов став „секој долг е лош“.
2. „Ќе добијам поврат во одреден процент“
Кога инвестираме пари во акции, често претпоставуваме дека ќе добиеме одреден принос врз основа на претходните перформанси. Добро е кога инвестирате да бидете свесни за сите претходни ценовни движења на акцијата, но важно е да разберете дека успехот од минатото не гарантира иден успех. Исто така е исклучително важно да се разбере текот на вашите инвестиции. На пример, Thornburg Investments објави извештај во 2014 година дека индексот S&P 500 заработил годишен принос од 11 проценти во текот на 30 години, но таа добивка всушност била шест проценти кога се земале предвид даноците, таксите и инфлацијата.
3. „Ќе почнам да штедам подоцна“
Пензионирањето секогаш изгледа далеку. Си повторуваме дека имаме многу време, и многу години да уживаме пред да почнеме да штедиме. Но, пензионирањето одеднаш ви доаѓа пред врата, и многумина немаат речиси никакви заштедени пари. И поради чекањето ја пропуштаме и придобивката од каматата. Лесно е да се изнајдат причини зошто да не се штеди, но малкумина имаат смисла. На штедењето гледајте како на сметка за струја што треба да ја плаќате секој месец. Со текот на годините, ќе ви биде мило што сте се одлучиле на тој потег.
4. „Во иднина повеќе ќе заработувам“
Кога планираме за иднината, често добро ги предвидуваме трошоците, но погрешно претпоставуваме дека нашите приходи ќе се зголемат - нема гаранција за тоа. Вашата компанија може да пропадне, а вие да добиете отказ. Можеби во одреден момент ќе одлучите да престанете да работите за да се посветите на семејството. За да постигнете финансиска слобода, настојувајте да трошите помалку отколку што заработувате. Така, секое зголемување на вашиот приход ќе биде бонус.
5. „Немам доволно пари за инвестирање“
Ако имаш пари за кафе во кафуле, тогаш имаш и пари за инвестирање. Ако имаш пари за телевизиска претплата, нови чевли, шише вино, тогаш имаш пари за инвестирање. Финансиската независност најмногу зависи од нашите одлуки на што да трошиме пари. Така, ако долгорочните заштеди ви се поважни од несуштинските материјални работи, ќе сфатите дека имате многу повеќе пари за инвестирање отколку што мислите.
6. „Јас го заслужувам ова“
Луѓето често трошат премногу, а потоа бараат објаснувања за работи кои не им се потребни. На пример, после скапа вечера, или некое патување, ќе си речете „напорно работев оваа година“, или „заслужувам да се почестам“. Иако годишните одмори се корисни, и сосема е во ред да прославувате некои големи настани, ако ова однесување стане рутина, ќе ви ја испразни банкарската сметка. Затоа, кога ќе го промените размислувањето и ќе избегнете импулсивно трошење, ќе бидете финансиски посигурни.
7. „Заштедив пари со ова купување“
Невозможно е да заштедите пари ако ги потрошите. Ако го рационализирате купувањето со фактот дека некој артикал е на распродажба, го игнорирате фактот дека парите сепак излегле од вашиот паричник. Не заборавајте дека продажбата во основа се трикови кои трговците ги користат за да ги натераат луѓето да трошат. Можете да „штедите“ при купување само ако тоа купување ви е неопходно, на пример, ако ви се расипе машината за перење и мора да ја смените.
8. „Кредитната картичка не ми е одбиена, значи долгот не ми е толку голем“
Ако компаниите за кредитни картички ви испраќаат опции да отворите нова картичка, тоа сигурно значи дека сте финансиски одговорни, нели? Погрешно. Дури и кога имате лош кредитен рејтинг, можете да добиете одобрение за кредитна картичка. Исто така, ако веќе имате долг на кредитна картичка, во никој случај не треба да отворате нов што би ве втурнал подлабоко во финансиска пропаст. Иако кредитните компании не сакаат да банкротирате, тие се среќни кога ќе им платите пари со високи камати.
9. „Не ми треба дополнително здравствено осигурување“
Ако сте во дваесеттите години, ретко се разболувате и сте вработени, дополнителното осигурување изгледа непотребно. Но, што ако ја скршите ногата на пријателски фудбалски натпревар. Без дополнително осигурување, може да платите неколку илјади евра за престој во болница, особено ако останете малку подолго. Значи, дополнителното здравствено осигурување е корисно и може во голема мера да го олесни вашиот финансиски товар.
10. „Платата ми е добра, па ќе останам на оваа досадна работа“
Многу луѓе остануваат на своите работни места што ги мразат, чисто затоа што тоа им обезбедува финансиска сигурност. Не сфаќајте погрешно - финансиската стабилност е ужасно важна и не е попаметно да работите нешто што го сакате, а од што не можете да живеете. Меѓутоа, ако живеете рационално и трошите паметно, можете да најдете златна средина - кога работите работа од која сте задоволни, а во исто време ги плаќате сметките. Запомнете, добро платените работни места понекогаш толку ги зголемуваат вашите стандарди што купувате скапи работи само затоа што можете. И тоа може да биде опасно.
Извор: Каматица