„Зајакнување на националниот идентитет, развој на таленти, финансиска и спонзорска поддршка од дијаспората, споделување знаење и искуство и меѓународно вмрежувње се клучните елементи за кои говореше претседател на комисијата на Македонската олимписка дијаспора (МОД), Дивна Пешиќ Грозданов на конференцијата на Обединета македонска дијаспора (United Macedonian Diaspora), која се одржа од 7 до 9 март во Њу Џерси во САД. Конференцијата е организирана со цел да се запознаат нашите иселеници во САД со активностите кои ќе бидат преземени на територијата на САД и Канада.

Дивна Пешиќ Грозданов на панелот со наслов “Зајакнување на македонскиот Олимписки дух”, на почетокот се се обратила на македонски јазик. На овој начин, како што сама напиша на својот фејсбук профил: зборувајќи на македонски, сакала да го истакне значењето на употребата на македонскиот јазик кај иселениците поради зачувувањето на македонскиот идентитет и нашето место во светската заедница.
„Ми беше чест да зборувам за моќта на спортот, олимпискиот дух и нераскинливата врска што ги поврзува Македонците заедно – без разлика каде и да сме во светот.
Во своето обраќање таа нгласила: Македонија има горда спортска традиција и иако можеби сме мала нација, нашите спортисти покажаа издржливост, страст и посветеност на меѓународната сцена. Од борење и теквондо до пливање, бокс и ракомет, македонските спортисти продолжуваат да ги поместуваат границите, докажувајќи дека талентот не познава граници. Секогаш кога ќе стапнат на олимписката сцена, тие не само што се натпреваруваат; тие ги носат надежите и соништата на цел народ.
Поврзување преку спортот
На панелот нашата олимпијка ги образложила основните цели на комисијата кои ќе бидат водилка во периодот што следува:
Дел од клучните придонеси се зајакнување на националниот идентитет: Поврзување на Македонците во странство со нивната татковина преку спорт, зајакнување на културната и националната гордост.
Развој на таленти: Идентификување и поддршка на млади македонски спортисти ширум светот кои би можеле да ја претставуваат нашата држава или да придонесат со експертиза.
Финансиска и спонзорска поддршка: Ангажирање на дијаспората во финансирање, спонзорства и инвестиции за подобрување на спортската инфраструктура во нашата држава.
Споделување знаење и искуство: Користење на експертиза од спортисти од дијаспора, тренери и спортски професионалци за подобрување на спортскиот развој.
Меѓународно вмрежување: Зајакнување на присуството на македонските спортисти во глобалните спортски организации и настани преку поврзување со дијаспората.
Македонската олимписка дијаспора може да послужи како мост меѓу татковината и глобалната заедница, создавајќи нови можности за соработка, единство и национална промоција преку спортот, рече меѓу другото Дивна Пешиќ Грозданов пред присутните.
И тоа не е се. Дивна Пешиќ вели :
Зборував за нешто уште поголемо од медалите - нашето единство. Македонскиот дух се протега далеку надвор од нашите граници. Живее во срцата на нашата дијаспора, во заедниците кои гордо ги носат нашите традиции низ континентите и во многуте спортисти со македонски корени кои се натпреваруваат под различни знамиња.
Замислете каква сила би можеле да ја искористиме ако се здружиме - доколку нашите спортисти, каде и да се, ја почувствуваат целосната поддршка од нивните браќа и сестри Македонци ширум светот. Замислете каква инспирација би почувствувале младите спортисти знаејќи дека без разлика каде ги носи животот, тие се дел од глобалното македонско семејство кое верува во нив.
Ова е нашиот повик за акција: да го зајакнеме македонскиот олимписки дух со обединување како еден народ. Мораме да ги поддржиме нашите спортисти, да создадеме можности за соработка и да ги охрабриме оние со македонско наследство повторно да се поврзат со своите корени. Мора да изградиме мрежи, да финансираме програми за обука и да се погрижиме ниту еден македонски спортист да не се чувствува сам на своето патување.
Македонскиот олимписки комитет (МОК) Makedonski Olimpiski Komitet MOK ги поддржува вредностите кои промовираат национална гордост, спортска извонредност и меѓународно претставување и за прв пат во историјата на македонскиот спорт ја обединува македонската дијаспора, а Македонската олимписка дијаспора како составен дел од МОК би можело да донесе дополнителни вредности преку искористување на глобалната македонска заедница за поддршка на националниот спортски развој.
Таа информира и дека веќе се направени првите контакти со наши потенцијални спортски надежи а можеби и идни олимпијци, кои ќе се борат за остварување на главната цел на секој спортист, медал од Олимписките игри.
Моќ и во уметноста и во атлетиката
Да потсетиме:, Дивна Пешиќ Грозданов е двократна олимпијка, двократен балкански шампион во гаѓање со пушка и носител на 37 национални рекорди во машка и женска дисциплина.
Надвор од спортот, таа повеќе пати беше препознаена како најдобра апстрактна експресионистка во светот со бројни светски награди за уметност. Сега служи како претседател на македонската олимписка дијаспора за САД и Канада, и продолжува да се бори за извонредност, издржливост и национална гордост на глобалната сцена.