„Преповрзување на плаќањата за дигиталната ера“ е насловена 16та Конференцијата за плаќањата и пазарната инфраструктура, којашто ќе се одржи на 28 и 29 октомври во Охрид, во организација на Народната банка и Централната банка на Холандија. На Конференцијата за плаќањата и пазарната инфраструктура, ќе учествуваат домашни и странски претставници на централни банки, деловни банки, небанкарски даватели на платежни услуги, финтек-компании и други релевантни институции, како и претставници од меѓународните финансиски институции и телата на Европската Унија.

Конференцијата ќе ја отворат гувернерот на Народната банка, Трајко Славески и директорката на Секторот за плаќања од Централната банка на Холандија, Инге ван Дијк. Конференцијата за плаќањата и пазарната инфраструктура, претставува продолжување на долгогодишната традиција на заедничко разгледување на можностите и предизвиците во областа на платежните услуги.
Централна тема на Конференцијата ќе биде иднината на плаќањата по историскиот исчекор на нашата земја со интеграцијата во Единствената област за плаќање во евра – СЕПА, заедно со Албанија, Црна Гора и Молдавија. Во таа чест, на Конференцијата ќе се обрати генералниот директор на Европскиот совет за плаќања, Џорџо Андреоли. Гувернерот Славески, заедно со гувернерите на централните банки на Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора и Молдавија, како и заменик-гувернерката на Банката на Албанија, ќе дискутираат за придобивките за граѓаните и компаниите од членството во СЕПА, како и за можностите за идниот развој на регионот и за неговото интегрирање во единствениот европски пазар, уште пред пристапувањето кон Европската Унија.
Кон дискусијата на оваа тема ќе се приклучат и претставниците на управните одбори на македонските банки, кои ќе се осврнат на предизвиците во процесот на оперативно поврзување и започнувањето на првите трансакции преку СЕПА на 7 октомври оваа година, ефектите врз надоместоците, конкуренцијата и дигиталната подготвеност, како и на идните чекори на банкарскиот сектор за максимално искористување на придобивките за граѓаните и компаниите.
Во рамките на Конференцијата ќе се дебатира и за воведувањето на инстант-плаќањата, потребната регулатива и инфраструктура, како и за регионалната соработка во оваа област. Поконкретно, ќе се зборува за започнатото воспоставување систем за инстант плаќања во земјите од Западен Балкан, заснован на стандардите на ТИПС на Европската централна банка за сигурно, ефикасно и брзо извршување на плаќањата во кое било време во текот на денот, за викенди и за празници, т.н. клон на ТИПС.
Во услови кога земјите од Западен Балкан се во процес на интеграција во СЕПА, воспоставувањето систем за инстант плаќања со исти процедури и стандарди ќе ја засили регионалната интеграција на платните системи и нивната интеграција во европскиот платежен екосистем. Ќе се разгледа и улогата на новите пазарни чинители, коишто придонесуваат за обликување на новата платежна реалност и трансформација на конкурентноста и квалитетот на платежните услуги.
Преку овие теми, Конференцијата ќе овозможи сеопфатен преглед на иновативните решенија, регулативните аспекти и можностите за поголема интеграција и координација на пазарите, заради забрзување на дигиталната трансформација на платежните услуги во регионот.
Конференцијата, којашто ќе се одвива на англиски јазик, ќе може да се следи во живо, на каналот на Народната банка на „Јутјуб“.