Најголемиот европски производител за литиум – јонски батерии БМЗ Холдинг од Карлштајн на Мајна ги реализира најавите за вложување во Македонија со регистрирање на своја компанија во Скопје.
Денеска во ТИРЗ Скопје беше поставен камен-темелник на оваа нова германска инвестиција БМЗ, на чие одбележување присуствуваше и премиерот Христијан Мицкоски, кој се заблагодари на поранешниот вицепремиер за економски прашања Фатмир Битиќи, кој е заслужен за нивната одлука да дојдат во Македонија.
BMZ Group БМЗ, која својот раст и развој го проектира врз основа на истражување и развој, на напредно знаење, ќе инвестира околу 65 милиони евра во изградбата на фабриката. Директорката Јелица Ивановска при поставувањето на камен темелникот рече дека тие и досега произведувале во Македонија.
- Ние работевме со 110 вработени и досега, но како „браунфилд“ во фабриката на Раде Кончар во сектори со пет линии. Сега ќе градиме нова и модерна фабрика, во која планираме да донесеме 40 производни линии, а вкупниот број на работници да биде помеѓу 700 и 1.000. Планиран е извоз од 35-40 милиони евра во првите години, максиум 60 милиони во првите три години, а извозот понатаму може да достигне и до 130 милиони евра. Извозот ќе биде наменет најмногу за Германија и Полска.
Тоа значи дека и Македонија ќе биде индустриски извозник на литиум – јонски батерии, кои економистите во последно време ги нарекуваат „новото злато“. БМЗ Холдинг во Македонија ќе произведува батерии за помали возила, како тротинети и велосипеди. Според планот се проценува дека фабриката ќе биде пуштена во погон во мај.
За компанијата
BMZ прави батериски системи за широк опсег на апликации, па дури и „сториџи“ за складирање на електрична енергија произведена од соларни панели и турбини на ветер. Баварскиот гигант има околу 2,3 илјади вработени и проценет годишен приход од 460 милиони евра.
Групацијата BMZ развива и произведува високотехнолошки батериски системи, кои се инсталирани низ целиот свет во најразновидните производи на познати брендови. Произведува и батериски системи со свои брендови. Освен производител, компанијата за себе вели дека е брзорастечка компанија и лидер во иновациите, најновите технологии и производствени процеси. Има повеќе од 230 инженери во истражувачкиот центар. Компанијата развива повеќе од 100 нови производи секоја година.
Инаку литиумот за батерии неколку години наназад ја менува геополитичката слика на светот. Неговиот електрохемиски потенцијал го направи стратешки метал за иднината, особено на автомобилската индустрија. Побарувачката за литиум во светот е сѐ поголема. Најголем производител на литиум-јонски батерии е Кина, а најголеми европски потрошувачи се Германија, Велика Британија и Франција.