Со истргувани околу 500 мегават-часа електрична енергија по просечна цена од 7 125 денари, заврши првиот берзански ден за 20 компании кои во просек истргуваа по 20 мегават-часа поединечно. Од ваквиот исход на првиот трговски ден, директорот на МЕМО, Симон Шутиноски, фирмата-ќерка за организиран пазар на струја на МЕПСО, не го криеше задоволството.

„Тргувањето беше успешно за сите учесници на пазарот кои истргуваа електрична енергија. Сите си го најдоа својот интерес, оние кои продаваа да продадат, оние што купуваа да купат електрична енергија. Покажавме дека имаме капацитет за спроведување на реформи кои се рамо до рамо со реформите кои се водат во Европа“, рече првиот човек на Националниот оператор на пазарот за електрична енергија (МЕМО), на денешното промовирање на берзата.

Шутиноски објасни дека берзата функционира така што сите оние кои имаат капацитети на електрична енергија и сакаат да ги продадат во часовите во кои планираат да продадат, можат да го прават тоа.

„Тргувањето оди на начин што понудата која ја претставуваат производителите и цените по кои тие сакаат да ја продадат енергијата и онаа побарувачка од трговците и снабдувачите и цените кои тие ги нудат се ставаат во еден систем. Формирањето на цените на берзите на електрична енергија е математички алгоритам помеѓу понудата и побарувачката и создава просечна цена во тој час во кој ќе се истргува одредена енергија“, објасни Шутиноски.

Според него, секогаш постои можноста прво да се продава домашната електрична енергија, бидејќи таа е подобра понуда, затоа што оние кои ја продаваат таа енергија немаат дополнителни трошоци за прекугранични капацитети за да ја донесат таа енергија.

„Но, сепак тука се појавуваат и компании кои се познати во Европа, кои тргуваат на сите берзи на електрична енергија. Тие имаат свои начини како да ја донесат енергијата, да искалкулираат поволни цени за да направат понуда од која би биле и тие задоволни, а и купувачите на таа енергија. Денеска се истргува енергија од цела Европа, вклучително и домашната електрична енергија“, вели Шутиноски.

Управителот вели дека МЕМО го користи системот на европската берза на електрична енергија која е најголемата берза на енергија во Европа.

На првиот ден на работа на берзата тргуваа 20 компании, иако склучени договори со МЕМО за користење на платформата имаат 22.

За тоа колкав надоместок плаќаат оние што сакаат да тргуваат на берзата, Шутиноски рече дека надоместокот е изразен во ценовник кој е јавно објавен на веб-страницата на МЕМО.

„Надоместокот во моментов е најевтин во регионот. Значи имаме најевтина цена за учество, годишна членарина и такса од истргувана електрична енергија во споредба со регионалните берзи. Има посебна цена, а учесниците што денеска ги кажавме имаа 50 отсто попуст за зачленување. Влезот во самата берза чини 5 000 евра, тие платија по 2 500 евра и имаат годишен надоместок врз основа на тоа каков пакет на тргување имаат избрано“,образложи првиот човек на МЕМО.

Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи денешниот ден го оцени како историски за македонската енергетика и економија.

-Географската положба и добрата интерконекциска поврзаност со соседите на Северна Македонија ќе и овозможи регионално поврзување со пазарите на електрична енергија од ЕУ и регионот на Западен Балкан, за поконкурентна цена на електричната енергија на либерализираниот пазар. Преку МЕМО ни се отвораат многу нови можности за развој и просперитет на нашата земја и привлекување на нови инвеститори во производствени капацитети од обновливи извори на енергија како што се сонцето и ветерот, што создава улови за потенцијалните странски инвеститори во делот на производство на електрична енергија од обновливи извори, потенцира Битиќи.

Директорот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски рече дека денес е остварен сонот на сите што работат во енергетиката.

„Берзата ќе обезбеди платформа за транспарентно функционирање на пазарот на електрична енергија. Оваа берза е прв чекор кон понатамошно учество на Македонија во паневропскиот пазар на електрична енергија кој е неминовен и никогаш нема да запре“, рече Бислимоски.

Македонската берза за електрична енергија по првиот ден од стартот на својата работа формираше референтна цена од просечни 115 евра, што е само за 3 евра помалку од денешната цена на интернационалната референтна берза HUPX.

На денешниот прв ден на Берзата тргуваа компаниите: Сентраде, Дуферко, AOT Македонија, Елнор, ЕСМ Продажба, ГЕН-И, ТЕ-ТО АД Скопје, Интеренерго, РЕС, Макстил, ЕФТ, АД МЕПСО, Енерџи Активе, ЕВН снабдување, ЕВН електрани, ОКТА, Универсал Енерџи, ЕДС, ЕТМТ Енерџи и АД ЕСМ.