„Локални ресурси и глобални предизвици: Интегрирани пристапи кон одржлив рурален развој во ерата на климатските промени“ е насловот под кој ќе се одвива „АГРОМАК 2026“ На конференцијата се пријавени 150 научници и професори од академската заедница, јавниот сектор, бизнисот и граѓанските организации од 21 држава. Целта е да се креира поширок дијалог за развој на здрави, одржливи и иновативни практики во агропрехранбениот сектор.

Интересот на младите за развојот на селото, современите земјоделски трендови и науката не може да се мери исклучиво преку бројот на запишани ученици и студенти во средните и високошколските образовни институции. Тој многу повеќе се огледа во внатрешната љубопитност за истражување и создавање, во просторот што им овозможува на младите да се запознаат со тематиката, да експериментираат, да иновираат и да поставуваат прашања, како и во можностите за директна соработка со нивните наставници, професори и научници.
Подеднакво важна е и подготвеноста на државата и институциите да ја препознаат и системски да ја поддржат таквата енергија и иницијатива, објаснува Драган Цветковиќ, Претседател на Организацискиот одбор на АГРОМАК .
Тој вели: „Една од нашите клучни општествени задачи е науката да ја доближиме до аграрот и до младите на начин што е разбирлив, применлив и животно релевантен. Науката не смее да биде доживувана како нешто далечно и недостапно, како свет на лаборатории и формули затворен сам во себе. Напротив, аграрната наука мора да биде живо поврзана со полињата, селата и луѓето – насочена кон решавање на реалните предизвици со кои секојдневно се соочуваат земјоделците, земјоделските стопанства и руралните заедници.“
Токму затоа агронаучните конференции, како оваа што по вторпат се одржува во Куманово, имаат особена вредност. Тие претставуваат место на средба меѓу науката и практиката, простор за дијалог и заедничко учење, како и платформа за интерактивна работа со младите и производителите. Преку отворена комуникација и размена на знаења, ваквите настани придонесуваат науката да стане разбирлива, блиска и препознаена како вистински сојузник во одржливиот развој на земјоделството и руралните подрачја.
На тој начин оваа научна област престанува да биде нешто апстрактно и станува сојузник во развојот на земјоделството, во зајакнувањето на селото и во создавањето одржлива иднина за локалното население, како и можност младите луѓе токму во оваа област да се пронајдат себеси.
На конференцијата, како што стои во агендата се застапени професори и научници од голем број факултети, не само од нашата земја, туку и од државите од регионот. Дополнително, присутни се и научници кои доаѓаат од различни делови на светот, што на оваа конференција ѝ дава посебна тежина и значење.
Или како што вели Цветковиќ, - слободно можам да кажам дека станува збор за навистина релевантен собир кој го обединува самиот „крем“ на струката во областа на аграрот и сродните научни дисциплини.
По првата конференција, која остави силен и препознатлив траг и која беше оценета исклучително високо, како од страна на учесниците, така и од научната и стручната јавност, сега имаме дополнителен мотив, но и обврска. Токму затоа денеска, со голем ентузијазам, но и со уште поголема одговорност, стартуваме со втората конференција, со јасна намера таа да биде подигната на уште повисоко ниво – по квалитетот на содржината, организацијата и меѓународниот углед.
Нашата цел, како што нагласува организаторот е оваа конференција да не биде само уште еден настан во календарот, туку место на средба на знаење, искуство и нови идеи, каде што ќе се раѓаат соработки со долгорочно значење за развојот на аграрот, науката и младите луѓе во целиот регион.
На конференцијата покрај поздравните обраќања на претставници од власта и јавни функции, како и воведни обраќања од еминентни професори ќе се одржат и четири панел дискусии.
Ќе се дебатира на четири теми:
- Спроведување на Законот за работно ангажирање на лица: нов чекор кон фер ангажман за работа и формализација на сезонскиот труд
- Дигитализација и прецизно сточарство-паметни фармери: улогата на технологијата во модерното говедарство
- Математички модели во машинското учење за паметно земјоделство и храна со повисока додадена вредност
- Агротуризмот како одговор на зголемената побарувачка за автентичност, искуство и одржливост.
„АГРОМАК 2026“ ја организира Комора на органски производители на Македонија (КОП) во соработка со речиси сите универзитети од Македонија, Висока економска школа за струкови студии од Белград, Академија за хотелиерство, туризам и велнес од Белград, Универзитет Крагуевац, Факултет за хотелиерство и туризам од Врњачка Бања, Универзитет Бијељина од БиХ , Центар за истражување, наука,едукација и посредување „ЦИНЕП“ Белград и бројни партнери и поддржувачи од земјава и соседните држави.