„Зелен картон“ по примерот на Канада, подготвува и германската влада, која се соочува со милиони отворени работни места, а демографијата е неумолива. Едно око е вперено во работната сила од Западен Балкан, пишува „Дојче веле“.

„Воведуваме ’карта за шанса’ со транспарентен систем на бодување, за луѓето што ѝ се потребни на нашата земја полесно да дојдат до нас“, вели министерот за труд Хубертус Хајл (СПД) за неделното издание на таблоидот „Билд“.

Таканаречената карта за шанса (Chancenkarte) е многу слична на американската или канадската зелена карта (Green Card). Работодавците во Германија веќе подолго време бараат вакво нешто.

Затоа што на земјата и недостасува работна сила. Неумоливата демографија вели дека до 2035 година ќе има седум милиони луѓе помалку на пазарот на трудот - освен ако имиграцијата значително не се зголеми.

Социјалдемократскиот министер, Хајл признава дека е тешко да се бара работа во Германија ако физички не си присутен, па затоа смета дека треба да го олесни и начинот на доаѓањето.

Како што сега стојат работите, секој што го завршил школувањето во Германија - од кој било степен - автоматски ќе добие ’шанса за картичка’.

Ако не, тогаш мора да исполни три од четири критериуми: образование (квалификација) од странство, работно искуство од најмалку три години, познавање на германски јазик или претходен престој во Германија и да е помлад од 35 години.

„Потребна ни е вселување“, вели Хејл. „Од година во година во согласност со потребите би утврдиле контингент колку луѓе можат да добијат ’карта за шанса’ за да можат одреден временски период да бараат работа или да посетуваат пракса. Во тој период ќе треба да се грижат финансиски за себе“.

’Шансата за карта’ треба да го олесни доаѓањето во Германија, дури и без работно место - како можност тоа работно место да би се побарало.

Иако во Владата на канцеларот Олаф Шолц сѐ уште не е расчистена работата, нема дилема дека тоа ќе биде оваа есен. Затоа што сите три коалициски партнери - социјалдемократите, зелените и либералите - се за олеснување на имиграцијата.

Поглед кон Балканот

Релативно новиот германски закон за доселување дозволува работа за секој што ќе најде работодавец кај кого ќе работи - под услов да е стручен за што  било. Може да бидат сметководители или возачи, важно е да имаат хартија- доказ за квалификација или степен на образование. (диплома).

Исклучок е таканареченото „Правило за Западен Балкан“, усвоено во екот на бегалската криза, кога на мигрантите од Сирија и од Далечниот Исток масовно им се придружија баратели на азил од Србија, Македонија или Косово.

Тогаш беше прецизирано дека годишно 25.000 лица од земјите на Западен Балкан можат да добијат работни дозволи во Германија, дури и кога станува збор за неквалификувани работници.

Но, ова лето се покажа дека и тоа не е доволно. „Во земјите од Западен Балкан има многу работна сила која би работела во хотели и ресторани во Германија“, вели Гуидо Челик, шеф на здружението на угостители и хотелиери DEHOGA.

На таа гранка, по брзото закрепнување по ерата на локдаунот, одеднаш и недостасуваше многу работна сила. Слично се случи со аеродромите и авиокомпаниите кои отпуштаа луѓе за време на периодот на кризата. Затоа ова лето во Германија било хаотично за многумина кои сакале да одат на одмор.

Додуша, прашање е колку луѓе сѐ уште се подготвени да ги пакуваат куферите во исушениот Западен Балкан. Тоа, ова година добро го почувствуваа и во хрватскиот туризам, каде келнери и собарки, наместо од Србија и Босна и Херцеговина, се повеќе доаѓаат од Непал и Филипините.

Со населување против катаклизмата

„Никогаш досега немало толку многу слободни работни места во Германија како денес“, пишуваше неодамна магазинот „Шпигел“ во насловната тема. „Недостигот од персонал ги задушува аеродромите, рестораните или базените - а сепак тоа е само мала работа во споредба со она што и се заканува на земјата.

Статистиката покажува дека 1,74 милиони работни места се слободни, иако веројатно има многу повеќе.

Така, работните места за грижа за стари лица остануваат празни во просек по 239 дена - односно работодавците не можат да најдат старател речиси осум месеци. Тешко дека е подобро со лимари, техничари за греење и климатизација, каде што чекањето за нов вработен е по 224 дена. Во високоградбата работник се бара во просек 221 ден, додека за медицински сестри, акушерки и болничари просекот е 188 дена.

Сето ова може да доведе до хорор сценарио за германската економија, во која до 2060 година би имало само 1,7 работници по пензионер. И денес тој сооднос не е голем (2,7), што доведува до релативно ниски пензии.

За да се избегне ова, експертите пресметале дека Германија има потреба од 400.000 доселеници секоја година.

-Затоа, како што велат од владејачката коалиција, - потребна е промена на парадигмата – односно Германија конечно да се прогласи како „земја за доселеници“ како Канада. Против тоа со децении се спротивставувала Христијанско-демократската унија па дури и за време на четирите мандати на канцеларката, Ангела Меркел.

Колкави промени бара ова работа, убаво говори еден од предлозите на либералите: тие бараат англискиот да се воведе како втор јазик во германските институции кои работат со граѓаните. Така може да биде, додека гастарбајтерите учат германски, а германските државни службеници учат англиски.