Зелената агенда е во полн ек- ќе се гради ветерниот парк „Вирови“. Со овој парк започнува реализацијата на најголемата инвестиција во историјата на македонската економија, вредна 500 милиони евра на германската компанија WPD.
Зелената агенда е во полн ек- ќе се гради ветерниот парк „Вирови“
На потегот Куманово–Старо Нагоричане –Ранковце – Крива Паланка ќе бидат поставени 69 ветерници, кои ќе создадат над 400 мегавати струја од македонскиот ветер.
Ветерниот парк „Вирови” ќе биде најголемиот капацитет од обновливи извори на енергија во нашата земја. Станува збор за капацитет кој може да се спореди со капацитетот што го имаа двата блока на РЕК „Битола” во најдобрите години.
„Вирови” нема да користи никакви повластени тарифи од државата,а ќе снабдува со електрична енергија 290.000 домаќинства.
Оваа историска инвестиција за Крива Паланка и за регионот ќе значи и отворање на нови работни места кои се добро платени и кои ќе ги задржат младите дома.
Ова се придобивките од Законот за стратешки инвестиции. Големите инвеститори ги препознаваат нашите економски можности, безбедноста и стабилноста на земјата и носат храбри одлуки за инвестирање во нашата држава.
Фотонапонските и ветерните електрани се најбрзорастечки технологии во зеленото сценарио
Фотонапонските и ветерните електрани се најбрзорастечки технологии во зеленото сценарио. Владината стратегија предвидува околу 1.500 мегавати фотонапонски електрани и околу 700 мегавати ветерни елекрани.
Како што стои во владиното соопштение, Андреас Бјрон Шолет, овластен претставник на WPD Европа истакна дека потврдувањето на статусот на стратешка инвестиција од страна на Владата на Северна Македонија е важен чекор кон реализација на ветерниот парк „Вирови“ кој ќе има повеќе од 400 мегавати инсталиран капацитет, а инвестицијата се очекува да надмине половина милијарда евра.
„Се одлучивме за инвестирање поради поддршката на Владата и заедничката синергија на целите на WPD и Стратегијата на Северна Македонија за енергетска транзиција. Преку успешното деловно работење, Ветерниот парк „Вирови“ ќе придонесе кон националниот и локалните буџети преку издавање на земјиште и даноци, додека системот од 69 ветерни турбини ќе користи вешти локални работници за техничко и оперативно управување и во текот на проектот, постојано ќе се ангажираат надворешни локални добавувачи во различни сектори. Во текот на градежната фаза, ќе инвестираме во подобрување на инфраструктурата, вклучително и капацитети за пренос на енергија и патишта, овозможување пристап до некои од подалечните области и нивното приспособување на земјоделство и земјоделски развој“, рече Шолет.
Според германската амбасадорка во Македонија, Холштајн со овој проект се зголемува соработката меѓу двете земји. Проект ќе ја потпомогне енергетската транзиција на државата и ќе овозможи пристапна, чиста енергија.
„Владата оди во добра насока: привлекува странски директни инвестиции кои создаваат производствени капацитети за обновливи енергии и паралелно со давањето поддршка и на државниот производител ЕСМ за позелени инвестиции. Дуалниот пристап дозволува зелена транзиција на енергетскиот сектор со давачки кои се прифатливи за македонските потрошувачи.
Инвестициите како оваа на WPD, значително го зголемуваат уделот на обновливите извори во енергетиката, ја подобруваат конкурентноста на јавниот снабдувач ЕСМ во регионот и го намалуваат загадувањето што е од особена корист за граѓаните и сите останати“, рече Холштајн.
Kомпанијата WPD, работи во 28 земји во светот со над 5.000 мегавати на инсталиран капацитет во обновливи извори на енергија.
Инвестициите во зелени, еколошки и обновливи извори на енергија да се надеваме дека ќе обезбедат поевтини извори на енергија, здрава животна средина и почист воздух. Да веруваме дека мерките и политиките за унапредување на квалитетот на животната средина и развој на сите општини во државата непречено ќе се одвива.
М.Б