Замислете каков циркус, каква иронија, на погреб да се викне свадбарска музика за да се прослави и да се фали пропаста на еден систем што се оддржува со сила на апарати, не за да функционира, туку во него да се згрижуваат партиски кадри кои не го заработуваат својот леб, туку цицаат од скромниот државен буџет, чиј дефицит за оваа година е проектиран на речиси 5% од БДП.
Ова се однесува на „прославата“ на 151-годишнината од постоењето на македонската железница. Имено, 1873 година во Велес пристигнал првиот воз од Солуна. По 151 години, денес, никаков воз не поминува низ Велес, ни патнички ни товарен и тоа пред неколку дена се прослави како голем успех.
Всушност, Македонија нема железнички сообраќај, иако во живот оддржува две 2 огромни претпријатија, „Транспорт“ и „Инфраструктура“, во кои има огромен број вработени, кои ништо не работат, а замаат солидна плата од буџетот и, ако некогаш таа плата задоцни, тие излегуваат на штрајкови и се закануваат дека ќе го блокираат непосотечкиот сообраќај.
Да бидеме прецизни: за Гевгелија сообраќа само еден патнички воз. Од 2021-ва е укинат сообраќаат од Скопје до Кочани и до Кичево, а од почетокот на ланската година нема воз ни за Куманово и до Табановце.
Несигурноста на македонските возови и железницата е позната надаелку во Европа, па меѓународните возови одамна ја заобиклоуваат нашава земја, поради што остануваме покуси за милиони евра од наплата на железничките услуги.
Затоа, говорот на директорот на ЈП „Инфраструктура“, Зоран Трифуновски, изгледаше гротескно, чаплиновски смешно и неверојатно – како може човек при чиста свест да ги изговори тие зборови на гордост и трумфализам во ваква очајна состојба на железницата. Настрана тоа што одвај го прочита текстот. Триумфалниот Тригуновски труумфално изјави:
„Железницата низ историјата одиграла клучна улога во формирањето, градењето и развојот на македонската држава. Таа овозможува брз и ефикасен превоз на луѓе и стоки кои исто така ја поврзува нашата зема и овозможува развој на регионот… Главниот фокус на нашето претпријатие се инвестициите, бидејќи тие се влогот за подобра иднина. Со задоволство морам да кажам дека инвестираме во изградба на модерна железничка мрежа“!
Медиумите дури не ни беа заитересирани за големата прослава на 151 годишнината од почетокот на железничкиот сообраќај во Македонија, ретко кој медиум го забележа овој настан.
Трифуновски воопшто не спомна дека ова јавно претпријатие има огромни загуби, дека со години не остварува профит и дека вештачки се оддржува во живот со пари од државниот буџет.
Кога едно претпријатие е во ваква состојба, директорот нема никаква оправданост да биде горд на тоа претпријатие, ниту да биде горд со својата директорска позиција. Горд може да биде директор на успешна фирма, која на своите вработени им ги исплаќа заработените пари, чии плати се добри, во кое постои добра организација на работата, мали трошоци, нема загуби во работењето, има напредување во службата на вработените, има интересирање за вработување во тоа претпријатие итн. Оваа фалба на Трифуновски многу личеше на говорите на политичарите во изборната кампања, во кои се ветува се’ и сешто, па дури и правење деца, таму кај што ги нема, за да ги пополнат училниците во иселените села и градови.
Всушност, реалната слика на македонската железница можеме да ја видиме преку немилосрдната реалност на бројките, регистрирани од Државнио завод за статистика.
Поради тоа што, на нашето барање, не добивме никаков одговор од „Инфраструктура“ за моменталната финансиска состојба на претпријатитео, ќе користиме постари податоци, за кои гарантираме дека не се подобрени, туку се само влошени, односно дека јазот во работеењето и загубите е продлабочен. Контакт со ЈП „Транспорт“, пак е невозможен, бидејќи ниеден телефон ниту е-маил, објавен на неговата веб страница не функционира.
ЈП „Транспорт“
Во 2021 година АД „Транспорт“ имало приход од 18,7 милиони евра. Притоа, патничкиот сообраќај донел околу 7 милиони евра, а товарниот сообраќај речиси 11,5 милиони евра. Но, трошоците биле значително поголеми и претпријатието имало загуба од околу 7,5 милиони евра. Според бизнис планот за 2022 година, „Транспорт“ планирало речиси иста толкава загуба и за таа година!
ЈП „Инфраструктура“
ЈП „Инфраструктура“ направило загуба од 1,3 милиони евра. Акумулираната загуба на јавното претпријатие, заклучно со 31.12.2020 година било 54 милиони евра! Притоа, неизмирените обврски на крајот од претходната година биле речиси 38 милиони евра. За одржувањето и доизградба на железничката инфраструктура, јавното претпријатие има позајмено пари од Светската банка, Европската банка за обнова и развој, но и од Агенцијата за државни патишта. Износот на основицата на овие долгорочни кредити е 198 милиони евра, а пресметаната камата изнесува над 4 милиони евра. Според последните податоци од МЖ „Инфраструктура“ биле инвестиции од 250 милиони евра.
Наспроти овие големи загуби, МЖ-„Транспорт“ имало огромни обврски кон странски железници и кон добавувачите. Според тогашните податоци, заклучно со 30.11.2020 година, доспеаните неплатени обврски изнесувале 58 милиони евра, а дел од нив се од минатиот век!
Многу хартија е потрошена во тоа какво е значењето на железницата за секоја економија. Многу текстови се напишани за нашите поврзувања во правец на коридорите 8 (исток-запад) и 10 (север-југ), но нашата железница стои во место, се распаѓа и дури во европските очи добива статус на предисториска егзотика, па не е чудо деновиве да сретнеме групи турусти на нашиме пруги, заинтересирани да видат како изгледала некогаш железницата.
Во последниве 10 години, ЕИБ го поддржа железничкиот сектор на глобално ниво со инвестиции од повеќе од 39 милијарди евра, помагајќи да се изградат или надградат речиси 2000 километри пруги и стотици станици. Во Западниот Балкан, ЕИБ Глобално е водечки финансиер на стратешките железнички линии и давател на техничка и советодавна помош. До денес, банката има инвестирано над 1,6 милијарди евра во железничкиот сектор, поддржувајќи ги регионалната соработка и поврзаност.
ЕБОР е клучниот стратешки партнер на земјите од Западниот Балкан кој ги поддржува нивните напори за обнова на железницата и промовирање на преминот од патишта кон железница, како позелен начин на транспорт. Банката обезбедува финансии и сеопфатна поддршка за политиката насочена кон подобрување на владеењето и управувањето со националните железнички компании. До денес, банката има доделено над 1,6 милијарди евра на земјите од Западниот Балкан за финансирање инвестиции во железничкиот сектор.
Во Македонија ништо од ова не се гледа, ниту пак некој дава информација, особено не во ваков матен предизборен период.