Македонска берза и оваа година на 9. март се приклучи кон Иницијативата „Да заѕвониме за родова еднаквост” (Ring the bell for Gender Equality). Мотото за 2026 година е „Права, Правда. Акција, за СИТЕ жени и девојки” (Rights. Justice. Action for ALL Women and Girls), со коешто по повод Меѓународниот ден на жената се повикува на забрзана акција за отстранување на структурните бариери за родова еднаквост. Иницијативата која е поддржана од над 110 други берзи има за цел подигнување на свеста за родовата еднаквост во приватниот сектор, прашањата поврзани со економијата, финансиите и одржливиот развој.
Во функција на зајакнување на општествената свест за постигнување на поголема родова рамнопраност, Берзата и оваа година објавува ажурирана анализа за состојбите со половата структура на составите на органите на управување кај котираните акционерски друштва.
Од вкупно 543 членови во органите на управување на 84 котирани акционерски друштва, само 26,7 проценти се жени, покажува ажурираната анализа на Македонска берза за структурата на органите на управување кај котираните акционерски друштва.
Структура на учество на мажи и жени како извршни директори или претседатели на УО
Колку и да се зборува за еднакви можности, во македонскиот деловен свет конците се во машки раце. Од сите извршни директори или претседатели на управни одбори на котираните компании, само 16,2 отсто се жени, наспроти 83,3 отсто мажи.
Во МБИ10 компаниите, 29,0 отсто од членовите на органите на управување се жени, а само една компанија е управувана од жена извршен директор или претседател на управен одбор.
Учество на мажи и жени во органи на управување според дејност
Во соодносот на мажи и жени во органите на управување на котираните компании, поделени по дејност разликата е најизразена во дејностите осигурување, угостителство и фармација.
Практично во осигурувањето доминираат мажите со 88,24 отсто за сметка на компании управувани од само 11,76 отсто жени. Во угостителството раководат 83,33 отсто мажи ,а само 16,67 отсто жени и во фармацијата мажите се на управни позиции во 82,35 проценти додека жените раководат само со 17,65 проценти.
Топ пет дејности со најголем број на жени на раководни позиции
Најголем број на жени извршни директори или претседатели на управните одбори кај котираните компании има во дејностите банкарство (42,86 проценти), трговија (30 отсто), земјоделство (20 отсто), услуги( 12,50 отсто) и индустрија (8,82проценти)
Релативно учество на компании кои оствариле добивка во вкупниот број компании управувани од жени/мажи
Нема многу жени на раководни позиции во бизнисот. Но, таму каде што ги има, и тоа на челните позиции, финансиските резултати се повисок.Котираните компании управувани од жени директори или претседатели на управен одбор, во 2025 година, почесто оствариле добивка, во споредба со котираните компании управувани од мажи.
Од вкупниот број на котирани компании управувани од жени (16 акционерски друштва), 81,3 проценти имаат остварено добивка, а само 18,8 покажале загуба.
Од вкупниот број на котирани компании управувани од мажи (68 акционерски друштва), 76,5 проценти имаат остварено добивка, додека 23,5 проценти покажале загуба.
Инаку, годинава ѕвоното на Македонска берза заеднички го заѕвонија министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска и Иван Штериев, главен извршен директор на Македонска берза.
Македонска берза подолг временски период наназад е активна во промовирањето на современи стандарди на корпоративно управување, транспарентност и инклузивност. Таа е дел од оваа прогресивна глобална иницијатива, со цврсто уверување дека поголемата вклученост на жените во управувачките структури на компаниите е важен предуслов за поодржлив економски развој и подинамичен деловен екосистем.
Годинава, се одржа 12-та кампања на глобалната Иницијатива „Да заѕвониме за родова рамноправност“ којашто е партнерство помеѓу Меѓународната финансиска корпорација (IFC), Светската федерација на берзи (WFE), Иницијативата за одржливи берзи (SSE), во која Македонската берза е учесник, Глобалниот договор на ОН, UN Women и Women in ETFs, за промовирање на родовата еднаквост на пазарите на капитал.