Каков е профилот на жена претприемачка во Македононија? Жена со високо образование, на свои 40 години која раководи со мало претпријатие, мажена и има семејство. Причинатаошто започнува бизнис е да биде самостојна, да остварува самотојно приходи и неможноста да се вработи во јавен сектор. Работи и по 60 часови во неделата. Вакви резултати покажува истражувањето направено на 1 024 испитанички во однос на стратегијата за развој на женско претприемништво во државата. 

Анализите кои ги сподели професорката на Економскиот факултет при УГД, Елена Веселинова, покажуваат дека постојат три индиактори за тоа дали постои родова балансираност во општеството. 

На прашањето колку како држава сме подготвени за женско претприемништво, смета дека македонското законодавство е добро и има Стратегија за развој на женско претприемништво. Но, напоменува дека мерењето на општествените норми, ставови и јавни политики, Македонија има резултати кои алудираат дека кај нас постои мислење дека нема родова неизбалансираност. 

„Очекувањата на поединците се дека мажите и жените се еднакво подготвени за водење бизнис. Дека не треба да постои различен начин за плаќање. Ако едно веруваме и мислиме, зошто тоа не го правиме? Фактите и резултатите не даваат поддршка на тоа што го мислиме. За резултатите каде сме денес е последица на одлуки од минатото. Но, сме одговорни што правиме денеска и треба да донесе резултат во иднина. Стратегијата е важна за она што треба да се промени. Првиот приоритет е дека треба да се поддржи деловната клима за женско претприемништво, создавање на регистар на жени претприемачки. Тоа ќе помогне за вмрежување и поддршка. Потоа, соодветни образовни програми, обуки, вештини кај жените. Ваквите намери се забележуваат како примери и тука сме на добар пат на системската поддршка“, потенцира Веселинова.

Веселинова напоменива и дека во државата постојат поволни предуслови за жените претприемачки, бидејќи по сите статистики, жените имаат подобро и повисоко образование од мажите во Македонија. 

Женското претприемништво во Македонија во глобални рамки 

Најпопуларен индикатор за кој говори Веселинова е Индексот на Обединетите нации кој три децении учествува во пресметките колку постои полова партиципација на пазарот на трудот, образованието, општествени функции и ниво на здравјето. Резултатите во Македонија покажуваат дека државата се наоѓа меѓу 30-40 земји од 150 земји од мерењата. 

Според професорката, загрижувачки е моментот дека позицијата на Македонија се влошува наместо да се унапредува. 

„Според Глобалниот иденкс за родов јаз, пак, таму критериумите имаат економска димензија - мажи наспроти жените во работната сила, колку еднакво се платени во извршување една работа, во законодавни функции, извршни и менаџерски функции. Најдобра позиција на Македонија е 39-тото место во 2006 година. Во 2017-та, има пад на 67 позиција, а во последната година е на 96 место. Тоа се драматични промени. Во суштина, кај нас стагницијата и неменувањето на состојбите е што другите не претркнуваат. Турција на пример, има долго време на традиционално уредување, но, има и најдраматичен пораст“, вели Веселинова. 

Според Индексот на дискриминаторни политики и практики, односно дали се прави разлика во стекнување на наследство, кој е пристапот до одредени финансии.... Македонија е позиционирана на средината на табелата. 

Колку жените се економски активни? 

Според податоците кои ги сподели професорката на Економскиот факултет, мерењата на претприемничка активност кај машката популација во Македонија покажуваат дека вкупната активност е од 8,5 до 20 насто. Кај жените, пак, се движи од 3,5 до 8,6 насто. Тоа значи дека машките иницијативи за претприемничка активност се до три пати поголеми од женската популација. 

Според податоците за нивото на вработеност и плати на жените, бројките упатуваат на тоа дека за исти работни позиции, жените се 18 насто помалку платени од мажите. Математички, тоа значи дека треба да работат дополнителни 65 дена во годината за да можат да заработат исто колку мажите. 

„Овој стереотип треба да претставува основен двигател за жените претприемачки бидејќи преку него се докажува дека ова е неосновано и треба да биде еднакво. Статистиките се на страна на мажите и кога говориме за тоа колку нови потфати се преземени во изминатите години од жени или инвеститори каде една од нив е жена. Од вкупната бројка на бизниси, 28 насто се сопственички или во сопственичката структура се жени. Во суштина, предизвиците се тука околу нас“, говори Веселинова. 

Она што недостасува како податок, вели професорката е колку на ниво на држава  жените учествуваат во акционерските структури или постоечките бизниси за да се добие претстава до кој степен се инволвирани во бизнис процесите. Како заклучок издвојува дека за женското претприемништво треба да има многу поголема промоција и вмрежување.