За какви позиции биле заинтересирани жените во минатото, а за кои се амбицираат сега? Колку жените се застапени во управувачките и сопственичките структури во компаниите, а во колкав процент се лидери во средините каде што работат?

Најважно за жената лидер е да се оддели од стереотипите, како клучен елемент за успех е ставот на извршната директорка на „Унет“, Анета Пешева. Таа смета дека не може секој да ги задоволи барањата и желбите на луѓето во опкружувањето.

„Во 90- тите години станав директор, паралелно и чистев и пишував. Тогаш немаше тренинзи за лидери како сега. Само знаев дека не сакав да работам во државна фирма. Ги поведов моите партнери кои беа мажи и многу успешни на Универзитетот, јас бев иницијатор да почнеме приватно. Моите родители беа лути - како електроинженер ќе зачекори во приватен сектор, тоа беше незамисливо. Но, таа моја храбра одлука тогаш успеа. Во денешно време веќе има и школи за менаџери. Ние тоа го учевме „на живо“. Со примери, со позитивни и негативни сме стигнале до ова што сме сега. Жените подобро ги водат фирмите. Жените имаат интуиција. И она што е многу битно - жените многу потешко влегуваат во криминални води. Не мора да е само криминални. Кај мажите гледам дека дури и кога чесно се работи работата, секогаш би запловиле во непознато, макар загубиле и пари. Жените се постабилни, како што го водат домаќинството, така се и на работата. треба многу да се работиме повеќе жени да има на клични менаџерски позиции. 

Видете каква е состојбата во политиката. Од 82 градоначалници, имаме само две градоначалнички. Тоа е неверојатно. Во принцип, да, мажите доминираат на одлучувачките и менаџерските позиции во компаниите и треба да се поработи на докажување дека компаниите и фирмите ако се водени од жени многу подобро ќе работат. Жените мислат дека не можат да водат бизнис бидејќи ќе го изгуват делот на воспитување на децата или времето поминато со нив. Не е тоа точно. Има простор да се работи тоа паралелно“, смета Пешева.

Според Емилија Спировска, член на Бордот на директори на „ПроКредит банка“, времињата во однос на барањето на работа порано и сега се драстично променети.  

„Отсекогаш за жените кои завршиле економски факултет, работењето во банка беше работа од соништата. Тоа е нешто во перцепција на жените и отсекогаш постоел афинитетот. Она што го гледам како разлика, што ме радува.... Пред 15 години кога доаѓа млада колешка од факултет, аспирациите идеа во насока на продажба, комуникација, контакт со клиенти. Дури и имаше некои стереотипи - јас сум згодна, убава и треба да работам на шалтер со клиенти. Она што во последните неколку години го гледам во интервјуата со млади луѓе, доаѓаат млади и паметни жени кои сакаат ризик, анализа, во оној дел кој бара поголема аналитичност. Имаат поголема самодоверба и бараат за себе посериозни и покомплексни позиции. За 15 години самодовербата на млади жени ќе биде подобро. Одиме на добар пат. Среќавам такви жени во секојдневието, но, многу помалку од тоа што би требало да биде здраво за нашата економија. Ако се навратам на статистика, ако гледаме основачи на жени во претпријатија, само 13% се жени основачи. Ако гледаме управувачка структура, не мора да е жената основач, но барем менаџер, тогаш е нешто подобра статистиката, односно изнесува 19%. Но, за жал, тоа е низок процент и тоа е проблем. Во јавните институции, процентот оди во нагорен тренд и мислам дека тоа ќе го диктираат некои екстерни фактори, Претприемништво не може на сила да се турка, но, тоа е неопходно. 

Овие заклучоци ги темелам на 20 годишно искуство и запознаено преку 1000 претприемачки со кои имам зборувано во детали за нивните бизниси. Ако направам паралела, маж бизнисмен секоја година трча спринт, додека жените претприемачки трчаат маратон. Основна разлика меѓу начин на кој мажите и жените водат приватен бизнис е во долгорочната перспектива. Жените имаат тенденции да размислуваат за следните 10 до 20 години. Жените имаат тенденција да создаваат структура во бизнисот. Немаат толку силно его како мажите. Жените работат на квалитет, на нешто што и после нив ќе опстане. Има тенденција да бидат лидери. Во иднината која доаѓа, треба да зборуваме за тимови градење на структури, натака оди корпоративниот свет. Сите ние сме смртни и после некоја година почнува да опаѓа способноста, а егото е сеприсутно кај лидерите. За корпоративна и здрава култура жените имаат тенденција да се докажуваат како лидери. На македонското претприемништво тоа најмногу му недостига. Долгорочна визија, градење на структура и размислување на долги и одржливи патеки, а тоа жените подобро го прават“, смета Спировска.