Кризната 2021 година се покажа како бериќетна за голем број граѓани. Во однос на 2020 година вкупниот приход на граѓаните во 2021 година е за 35,4 милиони денари повисок, следствено на тоа и данокот на личен доход е 2,7 милиони повисок во 2021 година

Според податоците на Управата за јавни приходи највисока бруто-плата за цела 2021 година во вкупен износ од 122,3 милиони денари или два милиони евра била исплатена на граѓанин на Скопје во дејноста трговија на големо со производи од тутун. На врвот на листата со пријавен бруто доход 244,2 милиони денари (3,97 милиони евра) се наоѓа Скопјанец, кој најголемиот дел од примањата ги добил од плата и дополнителни примања од странство по основа на други лични примања. 

Како што соопшти на денешната прес-конференција директорката на УЈП, Сања Лукаревска, во текот на 2021 година вкупно 19.211 граѓани ги потврдиле даночните пријави, а 732 граѓани ги коригирале и потврдиле пријавите, додека за 607.743 граѓани УЈП автоматски односно службени ги потврди даночните пријави.

Според анализата од Годишната даночна пријава  за 2021 година, 49.902 граѓани имале бруто доход над еден милион денари, додека најголемиот број граѓани 623.690 лица оствариле бруто доход кој се движи од 100 илјади до еден милион денари.

Во однос на 2020 година, лани бил зголемен бројот на граѓани кај врвните прагови, односно 25 граѓани во 2021 година оствариле приход над 100 милиони денари, а 757 граѓани од 10 до 100 милиони денари.

Лукаревска појасни дека на листата на највисоко рангирани бруто плати се најдоа и платите исплатени во дејностите производство на метални производи, одгледување на свињи, болници, трговија со фармацевтски производи управувачки дејности и компјутерско програмирање.

Највиска дивиденда, исплатена во Велес

„Највисокото лично примање по основа на извршена работа изнесува 121,8 милиони денари на годишно ниво, доходот е остварен во странство“, рече Лукаревска.

Граѓанин од Скопје во 2021 година ја остварил највисоката капитална добивка во износ од 130,1 милион денари од продажба на сопственички удел, додека највисоката исплатена дивиденда во износ од 203 милиони денари е исплатена на граѓанин на Велес од исплатувач чија што дејност е трговија на мало во неспецијализирани продавници претежно со храна, пијалаци и тутун, посочи Лукаревска.

На врвот на листата за исплата на  највисок доход од самостојното вршење на дејност повторно се скопјани, а највисокиот износ е 102,4 милиони денари. Во 10-те топ рангирани на листата се наоѓаат адвокати, нотари,  угостители, одгледувачи на жито и мешункасти растенија, производители на амбалажи од хартија, и од дејностите трговија на мало со делови за моторни возила и малтерисување.

Во Ресен -највисок доход од продажба на земјоделски производи

Жител на Ресен  со 12,6 милиони денари, остварил највисок доход од продажба на земјоделски производи.

Скопјанец остварил највисок бруто доход од закуп и подзакуп на имот (издавање на земјиште, станови и деловни простории, превозни средства и друг вид на имот) кој изнесува 37  милиони денари од издаваање на деловен простор.

Скопјанец е прворангиран за остварен бруто доход од авторски права и други стварни права во износ од  22 милиони денари. По основ на права од индустриска сопственост исто така е граѓанин на Скопје кој остварил  бруто доход во износ  5,5 милиони денари.

 По основ игри на среќа на Скопјанец му се исплатени  41,1 милиони денари  од   Државната лотарија,  а второрангираниот кој е исто така од Скопје остварил добивка од игри на среќа главно од обложувалници во износ од 31,3 милиони денари.

Најмладиот милионер има осум години

Пензионер од Скопје со пријавена странска пензија во износ од  5,8 милиони денари на годишно ниво е Прво-рангираниот во групата пензионери.

Највисок годишен бруто доход по основ на уплатени премии и исплатена осигурана сума во износ од 2,9 милиони денари, остварило лице од Тетово, посочи Лукаревска.

Во  категоријата ,,Најмлад и Највозрасен милионер“, во 2021 година најмладиот милионер е  на осум годишна возраст со остварен доход од 1. 020 508 денари, по основ на семејна пензија. Додека, најстариот е на возраст од 96 години, лице кое остварило доход во износ од 1,2 милиони денари. И кај двете лица најголемиот дел од приходот е остварен по основ на пензија.

Категоријата друг доход  вклучува доход од различни извори како што е доходот кој не е конкретно опишан во законот за данокот на личен доход и не е изземен од оданочување,  доходот остварен од продажба на корисен цврст отпад,  доходот остварен со електронска трговија преку интернет, доходот од маркетиншки интернет услуги, износот на неискористената финансиска помош, износот на неискористените донирани финансиски средства, како и кусоци кои не се предизвикани од вонредни настани (кражба, пожар или други природни непогоди), и  не се на трошок на платата на одговорното лице.

Во оваа категорија жител на Тетово  пријавил годишен бруто доход од 171,3 милиони денари,  тетовчанка е второрангирана со пријавен годишен бруто доход во износ од 155,1 милиони денари исплатени од компании кои работат со мрежни социјални и видео платформи,  а скопјанец е на трето место со пријавени  78,5 милиони денари доход  од откуп на корисен цврст отпад.

Инаку, за 2021 година, УЈП изготви и достави пополнета Годишна даночна пријава за 788.643 граѓани. Овие лица искажале  годишен бруто доход  од  близу 366, 6 милијарди денари во пријавите, а пресметаниот данок на личен доход е во износ од 22, 3 милијарди денари. Во однос на 2020 година, вкупниот приход на граѓаните во 2021 година е за 35,4 милиони повисок, следствено на ова и данокот на личен доход е за 2,7 милиони денари повисок во 2021 година, истакна Лукаревска

Директорката Лукаревска рече дека Годишните даночни пријави се параметар што дава слика за приходите на граѓаните, кои ги оствариле во 2021 година, и истакна дека деновиве ќе започне генерирањето на годишните даночни пријави за 2022 година. Таа апелираше до граѓаните да направат увид дали ги пријавиле приходите со цел оданочување. Кога ќе биде генерирана ГДП, да ја потврдат или ако имаат забелешки да ја коригираат.