Асоцијацијата за е-трговија на Македонија – АЕТМ  направи анализира на најновите објавени податоци за безготовински платежни трансакции на виртуелните места на продажба на Народната банка на Република Северна Македонија, за првото тромесечие од 2023 година, според кои продолжува растот на онлајн трансакциите со тренд на намалување на темпото.

 

Вредноста на вкупните трансакции направени кон интернет продавниците од Македонци дома и во странство, како и од иматели на странски картички во  Македонија во првите три месеци од 2023 година изнесува 10,3 милијарди денари или 167.7 милиони евра, што претставува пораст од 20.7 проценти во однос на истиот период 2022 година. Притоа, вредноста на направените вкупни е-трансакции од правните лица растe со побавно темпо, односно има пораст од 20.2 отсто во однос на вредноста на направените е-трансакции од физичките лица чиј раст е 20.9 отсто во однос на истиот период минатата година.

Зголемен е и бројот на вкупните онлајн трансакции, со истиот тренд односно 13.1 отсто во однос на истиот период во 2022 година. При тоа кај правните лица е забележан раст од седум проценти, додека кај физичките лица за 15 проценти.

Поголемиот пораст на вредноста на направените онлајн трансакции од бројот на трансакциите укажува на понатамошен тренд на зголемување на просечната вредност по транскација.

Со домашни картички кон домашни е-трговци во првите три месеци од оваа година остварени се 116.5 милиони евра, што претставува раст од 14.1 отсто во споредба со истиот период минатата година. Оваа сума е остварена преку  3.3 милиони трансакции што преставува пораст од 9.3 проценти во однос на бројот на остварени трансакции во истиот период минатата година.

Трендот на поголем раст на вредноста на направените трансакции кон странски е-трговци, како и од странски картички кон домашните е-трговци продолжува. Поголем пораст има кај купувањето во странство со домашни картички со кои во првите три месеци од 2023 година се остварени 44.6 милиони евра, што преставува раст од 42 проценти во споредба со истиот период минатата година. Оваа вредност во странство Македонците ја оствариле во 1.1 милион трансакции, односно остварениот пораст во однос на истиот период минатата година изнесува 25.4 проценти.

Странците кон домашните трговци направиле онлајн трансакции во износ од 6.6 милиони евра. Тоа е раст од 21.9 отсто во првите три месеци од годинава во однос на истиот период лани. Странците кон домашните трговци направиле 161.8 илјади е-трансакции, при што е остварен пораст на бројот на е-трансакции од 17.4 отсто во однос на истиот период  минатата година.

Кон македонските е-трговци се слеале 123.1 милиони евра остварени од домашни и странски картички во разгледуваниот период преку 3.5 милиони транскции. Тоа е пораст од скоро 14.5 отсто во однос на истиот период минатата година. Поголемиот пораст на вредноста на направените трансакции од бројот ни покажува дека со платежните картички се купува поголема вредност по трансакција.

Што се однесува до структурата, според резидентноста на е-трговецот и издавачот на платежните картички може да се забележи дека кон македонските е-трговци од македонски и странски иматели на платежни картички се слеала 73.4 отсто од вкупно остварената вредност.

И во текот на првиот квартал од 2023 година се забележува пораст на новотворени интренет продажни места. Односно за првото тримесечие се отворени 54 нови интернет продажни места.

– По реализираните високи порасти по 2020 година на вредноста на онлајн трансакциите, особено кон домашните е-трговци, позитивно е што трендот на раст продолжува и понатаму, а очекувано е да тој раст се движи со намалено темпо. Растот во вредноста на вкупните онлајн трансакции во првите три месеци од годинава изнесува 20.7 отсто во споредба со истиот период минатата година. Очекувано со отворената можност за движење и патување остварен е поголем пораст на онлајн трансакциите кон странство, како и од странци кон домашните е-трговци. Но учеството на вредноста на направените е-трансакции остварена од Македонците и странците кон македонските е-трговци изнесува 73.4 проценти, што значи дека побарувачката за македонски производи е на задоволително ниво. Остварениот пораст на вредноста на онлајн трансакциите кон домашните е-трговци во првиот квартал од оваа година како и зголемувањето на понудата до март оваа година со 54 нови интернет продажни места ни дава основа да кажеме дека домашната е-трговија забележува нагорен тренд како на страната на побарувачката така и на страната на понудата. Продолжуваме будно да го следиме прогресот и развојот на е-трговијата, како и да преземаме соодветни активности и иницијативи за унапредување на климата за македонската е-трговија,“ вели Нина Ангеловска, претседателката на АЕТМ.