Македонските винарии Стоби и Бовин постигнаа нов голем успех на 32-от реномиран интернационален вински натпревар Mundus Vini, што се одржува во Германија.
„Best of Show” за Стоби
Водечката македонска винарија, „Стоби” освои награда “Best of Show” – награда за најдобро бело вино од Македонија и три златни медали. Победничките вина се Вранец Селекшн 2020, Веритас 2017 и Мускат – Темјаника Македон 2021, како и специјалната награда за „Best of Show” за бело вино зa Мускат –Темјаника Македон.
Винаријата Стоби е посветена на зачувување и промовирање на винарското наследство на Македонија преку производство на одлични вина кои ги отелотворуваат уникатните карактеристики на регионот. Успехот на винаријата помогна да се стави Македонија на мапата како земја за производство на вино од светска класа.”, велат од винарија „Стоби”. Нејзините лозови насади зафаќаат над 500 хектари и тие годишно произведуваат 4,5 милиони литри високо квалитетно вино. Од тоа 76 проценти се наменети за извоз во регионот и светот, во европските држави Холандија, Данска, Белгија, но и во Кина, Сад и Русија.
Злато за Бовин
Престижното признание Gold оваа година Бовин го доби за две вина, вранецот “2012 My Way” и белото вино “2020 Platinium Chardonnay ” во конкуренција на вина од целиот свет.
Вината на Бовин беа оценети како екстра квалитетни, со специфична арома, хармонизиран богат вкус, како вина со карактер кои оставаат силен впечаток кај консументите.
Вранецот со етикета My Way од Бовин е направен од касна селектирана берба од 2012 година од сопствени дехидрирани гроздови од специфична локација на надморска височина од 700 метри. Од лозови насади стари повеќе од 50 години, кои со годините мутирале и успешно се прилагодувале на сите временски услови, за да преку контролирана ферментација се добие полно вино, робусно, кое веќе на прво мирисање предизвикува експлозија од комплексни ароми на црно зрнасто овошје, кое стимулира веднаш да се проба. Го карактеризира вистинска топлина на овошје, во комбинација со чоколадни тонови, на вино одлежано во дабови буриња. Поради комплексноста се препорачува да се комбинира со силни црвени меса, и десерти од црно чоколадо.
Вообичаено вината кои стекнуваат признанија на Mundus Vini, важат за високо квалитетни вина, и по добиените награди стануваат барани на светскиот пазар. За производителите тоа претставува силна препорака за освојувањето на конкурентниот вински пазар.
Престижните награди за македонските вина на овој реномиран интернационален вински натпревар во светот е потврда дека и во Македонија можеме да создадеме врвен вински производ, кој може да биде конкурентен на светскиот пазар, па дури и повеќе од тоа.
Натпревар со над 11.000 винарии од светот
Пролетната дегустација на „Мундис Вини” е еден од најзначајните светски вински натпревари, со над 11.000 винарии од целиот свет. Вината се оценуваат врз основа на нивниот вкус, арома, изглед и севкупен квалитет. Всушност според категоријата во која припаѓаат, потеклото, нивото на квалитет и вкус кои се евалуираа во согласност со стандардите за оцена на Меѓународната организација за вино (OIV), која е признаена и од Интернационалната Унија на Енолози (UIOE).
Меѓународното жири е составено од вински експерти од целиот свет, енолози, винопроизводители, професионални трговци со вино, сомелиери и стручни новинари од 40 различни земји, кои повеќе дена, на “слепо” дегустираат, евалуираат и оценуваат вина од различни делови на светот, вина од познати вински региони од Австралија, Аргетина, Чиле, САД, Франција и многу други земји.
Натпреварот се одржува двапати годишно од 2001 година и го организира Meininger Verlag, водечка германска издавачка куќа за вино. Целта на натпреварот е да го промовира квалитетот и разновидноста на вината од целиот свет. Промоција која им овозможува на производителите, лозарите, увозниците и потрошувачите да учествуваат на еден интернационален форум, каде ќе можат да ги споредат своите вина, и да добијат вредно признание за вложениот труд.