
Отсекогаш било пријатно да си во друштво на Зоран Предин. Се едно – дали го слушате, читате, или сте неговиот соговорник. Заради него го засакавме словенечкиот. „Нај ти пољуб нарише...“ Мислам дека и денес го знам секој акорд на „Тиха вода“, додека „Свједоци/ Приче“, што ги сними со Арсен, дефинитивно е во моите најомилени албуми, на вечната топ-листа. Колку го слушавме, едно лето, некаде далеку. Бевме деца, и уживавме во еден сериозен албум за љубовта, минливоста, другата страна на животот... И за една татковина. Нечија... Некогаш... Кога го запознав Зоран, како да го познавав цел живот. И, секогаш кога има нешто ново, знае да јави... Како да се знаеме сто години... „Анторис“ веќе објави - негогашниот фронтмен на „Лачни Франц“, Зоран Предин, со песната „Без трагова и сјене“ најавува два нови албуми. Еден на словенечки – “Takšnih več ne delajo”, а друг на хрватски – “Gastarbajter trubadur. Поминувајќи ја изолацијата од короната креативно, создавајќи нови песни, Предин најавува дека Croatia Records, двата албума ќе ги објави исклучиво на винил.
– Првиот сингл од мојот нов авторски албум во нас обично буди и насмевки и солзи. Песната за минливоста е моја типична горчливо слатка балада за која навистина не е потребна посебна најава – објасни Предин.
Секако, сувишно е да потенцирам дека беше задоволство да зборуваме за „Анторис“...

Кога почнувавте, дали сонувавте дека еден ден ќе прославите 30, 40 години од вашата кариера?
- Не сум. Но, денес знам дека нема пензија за мене. Меѓу ѕвездите, ќе патувам директно од сцената.
Кога би ги одбрале најубавите моменти, што беше најдобро во вашата кариера?
- Секој нов албум е нов најубав момент, секој концерт е момент за кој сум роден. За среќа ги имаше многу.
Иако сите сме фрустрирани од оваа чума, каква е короната, сепак мислам дека таа им овозможи на уметниците, работохолиците, да работат во мир. На пример вие…
- Па, не е баш така. Живеам исклучиво од концерти, така што карантинот беше навистина тежок за мене. Особено во депресивна смисла. И депресијата не е емотивна состојба за создавање. Дури кога се извлеков од црното, повторно почнав да пишувам.
Од друга страна, таа однесе многу важни и големи луѓе, како и вашиот најблизок соработник во последните години - Дамир Кукурузовиќ. Тешко е тоа да се разбере, да се издржи...
- Короната однесе мене многу блиски луѓе. Прво, првиот тапанар на „Лачни Франц“ - Андреј Пинтарич, кој беше душата на првата постава, а потоа и Дамир, мојот музички брат, со кој имавме уште многу планови. Сè уште не сум се помирил со фактот дека ги нема повеќе. И на двајцата им ја посветив песната „Pjesma o novoj zvijezdi“.

Нова песна на хрватски јазик „Без трагова и сјене“ најавува два нови албума - на хрватски и на словенечки јазик. Дали е тешко да се создава паралелно на две патеки?
- Не е многу едноставно, особено затоа што половина од песните не се преводи од хрватски на словенечки јазик или обратно, туку се сосема различни теми. Хрватската „Трубадур Гастарбејтер“, во словенечка верзија пее за тоа како се чувствувам кога мојата девојка е расположена.
Еден факт за новиот албум ми привлече внимание – тој ќе биде само на винил! А, знам дека не сте „старомоден тип“.
- Винилен албум е сосема поинаков медиум од компакт-диск. Слушањето бара внимание и нуди многу поголемо задоволство. А за слушање преку компјутер или мобилен телефон, вклучено е стриминг-кодот.
Какви се новите песни, кои се темите за кои пишувате овој пат? Со нова песна и ја честитавте годишнината на бракот на Вашата Барбара?
- Личен, лирски, но и весел и зајебантски. Десет различни по тематика, но слични во атмосферата. Мојата честитка, песната „Без трагова и сјене“е одлично прифатени од публиката, која ја запеа веднаш по првото слушање. Задоволен сум...
Актуелната книга „Главом кроз зид“ не е преведена на македонски јазик, како што тоа беше „Втората жена во харемот“...
- За жал, не е. Но, постои можноста да се преведе мојот роман „Монголске мрље“.
Настапувате, пишувате песни, романи… Во кое опкружување сте најмногу Зоран Предин?
- Јас сум текстописец, композитор, кој пишува песни за жанровите што ги сака, што значи за Indie rock, Gypsy swing и шансона.
Што се случува со „Лачни Франц“. Кога повторно, како порано, како пред неколку години?
- Снимивме двоен албум во живо „Tu smo - vaši smo“, по повод 40-годишнината од формирањето на бендот, кој не можевме да го промовираме поради короната, па едвај чекаме да се отворат концертните сали, да започне со промотивните гостувања.
Ајде малку да го приватизираме овој разговор - вашиот син Рок е успешен во дизајнот. Работел за најголемите музичари, како што се Ролингстонси. Каде е сега, што прави во моментов?
- Тој направи одлично лирик-видео за групата U2, насловено „Levitate“.
А, за тато и неговиот „Лачни Франц“, го направи ова...
Иван Беќковиќ