Џон Мејнард Кејнс (1883–1946) бил британски економист од почетокот на 20 век, најпознат како основач на „кејнзијанската економија“ и татко на модерната макроекономија. Тој проучувал како се однесуваат економиите, пазарите и другите системи кои функционираат во голем обем. Еден од белезите на „кејнзијанската економија“ е дека владите треба активно да влијаат на текот на економијата, особено преку зголемување на потрошувачката за да се стимулира побарувачката во услови на рецесија.

 

Кејнс работеше во време кога беа постигнати правата за 40-часовни работни недели, платени одмори и други отстапки за работничката класа. Но, како и многу влијателни личности тој веруваше дека егалитарниот пристап до слободното време само ќе се зголеми во 20 век.

Најпознатата теорија (предвидување) на Џон Мејнард Кејнс е онаа од 1930 година кога напишал дека технологиите може да доведат до 15-часовна работна недела во 2030 година кога неговите внуци ќе бидат работоспособни. Сето тоа го запишал во есејот „Економски можности за нашите внуци“.

За пристоен животен стандард

Пишувајќи го овој есеј на почетокот на „Големата депресија“ од 1930-тите, Кејнс е полн со оптимизам. „Ние страдаме, не од ревматска старост, туку од растечки болки од пребрзата промена, од болното прилагодување помеѓу еден и друг економски период.“ Накратко, есејот на Кејнс се занимава со она што тој го нарекува „економски проблем“ и тоа не е само проблем на масовна невработеност, туку и, според негова проценка, способноста на капитализмот на сите да им обезбеди пристоен животен стандард.

„Би предвидел дека животниот стандард во прогресивните земји за сто години ќе биде меѓу четири и осум пати повисок отколку што е денес“, напишал Кејнс.

Кејнс верувал дека технологијата ќе ги ослободи сите од тиранијата на пазарот на труд и злото на „бескорисните работни места“. Тоа ќе му даде на човекот слободно време, не како бессмислено, неисполнето, за кое зборуваа античките филозофи, туку како идеја дека слободното време може да биде опција за секого, не само за аристократското малцинство.

Неговите потомци сепак не работат 15 часа неделно

Иако Кејнс предвидел дека неговите внуци ќе работат помалку, актуелните трендови во светот не укажуваат дека тоа ќе се случи наскоро. Особено кога станува збор за неговите потомци.

Токму за тоа, пишува интересна статија новинарот, Дејвид Кастенбаум. Тој интервјуирал некои од потомците на Кејнс и од нив дознал дека тие работат многу повеќе од пропишаните 15 часа неделно. Внукот на сестрата на Кејнс, што е најблизок потомок на Кејнс (самиот никогаш немал деца), работи како професор, не 15 часа неделно, туку 15 часа дневно, како што вели тој. Другата внука на неговата сестра е психотерапевт, која работи 50 часа неделно и тешко наоѓа слободно време за било што.

Еден од неговите соговорници е и економистот Ричард Фримен, кој напишал  дека и самиот Кејнс слабо се придржувал до своето предвидување, бидејќи „умрел од напорна работа“.

„Кејнс во една прилика рекол дека единственото во животот му е жал што не пиел повеќе шампањ, но мислам дека тоа не е вистина. Сакаше да работи“, вели Фримен.

Фримен верува дека аргументот на Кејнс за 15-часовната работна недела е дека луѓето стануваат попродуктивни со текот на времето, благодарение на машините и технологијата и новите идеи.

„Кејнс мислеше дека едноставно ќе решиме да работиме помалку. Меѓутоа, една од работите што Кејнс ја потцени била човечката желба да се натпреварува“, заклучува Фримен.

Уште една грешка во предвидувањето

Интересно е да се додаде една реченица како најголема грешка во предвидувањето на Кејнс. Во време во кое сме сведоци на таложење пари, спојувања, продавања, социјални скали засновани на големината на банкарската сметка, TikTok, реалните шоуа и таблоидниот печат, ја читаме реченицата на Кејнс од 1930 година која за ова, денешно време вели:

„Кога акумулацијата на богатство повеќе нема да биде поголема од општественото значење, ќе се случат големи промени во моралниот кодекс на општеството.(Bonitet.com)