„Консумираме храна со лице“ преку „Добра земја“, првата Задруга на потрошувачи на органска храна во Македонија. Ова е мотото на Задругата, која цели шест години го пренесува својот концепт на здрав начин на исхрана, од малите семејни земјоделци преку нивната продавница до потрошувачите на органска храна.

-Јас сакам кога нашите потрошувачи пазаруваат во „Добра земја“ да се чувствуваат како сами да си ги набрале производите од нива. Кога некој од нашите консументи ќе се фати за кој било производ во „Добра земја“, јас точно знам на која нива е произведен, како е произведен, кој го копал, како го наводнувал. И знам дека вчера е набран, а денес од кај нас вие го ставате во торба, небаре како сами да сте ги собрале- е тоа е храна со лице.“ Вака го опишува мотото на Задругата, Иво Бару еден од нејзините косопственици.

„Консумираме храна со лице“ преку „Добра земја“

Ова мото подразбира дека органскиот производ што можат граѓаните  да го најдат во нивната продавница  во Тафталиџе во Скопје се всушност производи одгледани и негувани со многу љубов на нивите на нашите локални индивидуални земјоделци.

„Еден од принципите на Задругата „Добра земја“ е да не се увезува свежа храна. Сите производи во нашата продавница се локално произведени или се преработки на наши мали производители. Ние не сме класична земјоделска задруга, туку ПРВА Задруга на потрошувачи. Не произведуваме самите, туку откупуваме  органски производи од сертифицирани производители од нашата земја. Лично ги познаваме сите производители од кои откупуваме зеленчук и овошје. Имаме директен контакт и не работиме со посредници,“ раскажува Иво Бару.

Тој раскажува дека засега најмногу свежи производи набавуваат од Источна Македонија, а полека започнале соработка и со производители од Западна Македонија , пред се од Ресен и од Охрид.

Неделна органска  кошничка


-Инаку, „Добра земја“ не е обична продавница, таа функционира преку  интересен модел на членство, објаснува нашиот соговорник. Поинаков начин и тип на пазарење. Покрај тоа што секој може да купи свежи производи, во продавницата за членовите на Задругата секоја недела се подготвува неделна органска  кошничка.

 

„Сите членови на задругата, а моментно ги има над 100-ина, секој четврток доаѓаат да си подигнат органска кошничка. Станува збор за збир од 10- ина свежи сезонски зеленчуци и овошје во вредност од 500 денари, што е отприлика неделна потреба за едно семејство. Изборот на составот во кошничката го правиме ние од задругата во консултација со производителите – во зависност од сезонските количества на производи. Идејата е преку неделната кошничка да им помагаме на производителите. Воедно им правиме реклама од една и ги информираме потрошувачите за свежите производи од друга страна.

При класично пазарење потрошувачот гледа и купува она што го интересира од секој изложен производ, а она што останува се фрла. Но, кај нас преку подготовка на органската кошничка, имаме целосно користење на актуелниот род. Го прашуваме производителот од кој род има созреано, па откупуваме поголеми количества и индиректно со тоа го поддржуваме него, да не креира загуби и да не се откаже од нас.

Бару вели дека производителите имаат интерес да ги пласираат производите преку нив. - Но ние треба да работиме повеќе на другата страна. На освестување на потрошувачите за значењето на органската храна. За свесноста за здрава, хемиски нетретирани градинарски и овошни производи. Колку повеќе има интерес за органска храна, колку побарувачката е поголема тоа индиректно значи натамошно зголемување на производството кај малите производители.


Градина на зелените идеи за подобар и похуман свет


„Добра земја“ покрај тоа што промовира органска храна, таа е еден поширок еколошки концепт кој подразбира и еден вид едукативен центар за одржлив развој и еколошки начин на живот. Освестување на луѓето за значењето на органска храна и поддршка на локалното домашно производство. Градина на зелените идеи за подобар и похуман свет. Нашата задруга е една од првите компании која и објави војна на пластиката. Прва продавница во Скопје која не користи пластични кеси и каде се залагаме за рециклирање и за реупотреба.“. Членовите ги подигнуваат кошничките спакувани во гајби, па ни ги враќаат празни, вели Бару. Токму со ваквата практика „Добра земја“ ја стави Македонија на картата на зелени идеи.

Покрај тоа младите ентузијасти собрани во „Добра земја“ освен што функционираат како задруга работат и на солидарен принцип. Имаат солидарен ангажман што е предност во однос на здравата животна средина.

Важно  е да се напомне дека храната што не се троши навреме не се фрла. Таа се донира на социјално загрозени лица. Преку „Ајде Македонија“ ,„Ретвити оброк“  (секој понеделник  ја донираме храната). Додека преку здружението на самохрани родители „Една може“, кошничките кои остануваат неподигнати од членовите поради различни причини ги добиваат самохраните родители.

И на крај она што ќе остане, во соработка со производителите се компостира.  Значи од органската храна на „Добра земја“ ништо не се фрла, дури и остатокот се претвора во хранливо ѓубриво. Или како што вели Бару, „гледаме да го минимизираме тој еколошки отисок“.

   Новина- отворена првата органска е-продавница


Новина во „Добра земја“  е што свежите и сезонски органски овошја и зеленчуци, како и сите други органски производи отсега покрај од продавницата може да се  нарачаат и онлајн.  Станува збор за првата е- продавница за локални органски производи: shop.dobrazemja.mk.

Нашиот соговорник вели дека отворањето на е- продавницата  е помогнато од Асоцијацијата за е-трговија на Македонија, додека со поддршка на Швајцарската програма за зголемување на пазарната вработливост „Добра земја “ го зголеми капацитетот за складирање со цел поголем откуп и подобар пласман на органски производи, како и зголемена промоција на органските производи.

 

ПАЗАР. ОРГ во Јавна соба  три саботи по ред


Сите приврзаници на здравиот начин на живеење, и корисници на органска храна , денес 19 јуни и наредните две саботи ќе имаат можност да се запознаат со органските производи од малите земјоделци на ПАЗАР. ОРГ кој ќе се организира во ЈАВНА соба. Домаќини  на трите настани, фестивал на домашно произведена органска храна се Јавна соба,  „Добра земја“ и „Бакалница“. Промоција на земјоделски производи, пред се на зеленчуци и овошје, преработени млечни и сувомесни производи, печурки, мед и други слични производи.

Инаку, идејата за организација на овие настани е на Александар Велинов од  Јавна соба, вели Бару. -Идеја за промовирање на органското производство од домашни мали локални производители, односно сите мали компании кои ја следат Слоу фуд идеологијата . Мали производители кои немаат можност да имаат маркетинг за себепромовирање. И затоа ние преку овој настан сакаме да се промовираат сите тие со кои ние директно соработуваме како „Добра земја“.

„Консумираме храна со лице“ преку „Добра земја“

 

М.Балдазарска