Кварталниот резултат на Стопанска банка во позитива од 9, 2 милиони евра. Во првиот квартал од 2021 година Стопанска банка АД Скопје продолжи со остварување успешни финансиски резултати.
И покрај големите предизвици што пандемијата веќе подолго од една година им ги наметнува на сите економски фактори и многу пошироко, финансиските резултати на Стопанска банка АД Скопје за првите три месеци од оваа година претставуваат континуитет на долгогодишното успешно работење. Toa e резултат на здравите фундаменти врз кои е поставена Банката, заедно со успешниот бизнис модел, кој ефикасно се остварува во секојдневното работење, стои во Анализата за финансиките резултати , што Банката ги достави до Македонска Берза.
Кварталниот резултат на Стопанска банка во позитива од 9, 2 милиони евра
Стопанска банка во првиот квартал од 2021 година, во текот на кој здравствената криза сè уште интензивно трае, оствари добивка пред оданочување во износ од 566.310.000 денари (9,2 милиони евра). Во споредба со истиот период од претходната година, кој доминантно може да се карактеризира како период пред ковид-19, бележи намалување од седум отсто. Секако, како последица на пандемијата и, пред сè, резултат на прудентниот пристап на Банката и на повисоката исправка на вредноста за кредитното портфолио во однос на истиот период од минатата година.
Вкупната актива на Банката на крајот на март оваа година изнесува 106.284.545.000 денари. Односно е на исто ниво во однос на крајот на минатата година.
Забележителен раст на нето-приходите
Според Билансот на успех, нето-приходите од камати достигнуваат 918.985.000 денари и се незначително намалени, за еден процент во однос на истиот период од минатата година, пред сè како резултат на намалените каматни стапки. Но затоа нето-приходите од провизии и надоместоци се зголемени за девет отсто во однос на првиот квартал од 2020 година. Нето-приходите од курсни разлики се речиси на исто ниво во однос на истиот период од минатата година и изнесуваат 29.850.000 денари. Останатите приходи од дејноста забележаа зголемување од девет проценти.
Оперативните трошоци (трошоци за вработени, амортизација и други расходи) во првиот квартал од годината се речиси идентични со истиот период од минатата година.
Исправката на вредноста на финансиските средства изнесува 240.618.000 денари и е поголема за 35 отсто во однос на анализираниот период од минатата година. Ова е резултат на прудентниот пристап на Банката во однос на исправката на вредноста за кредитното портфолио во услови на криза и влијае на натамошно засилување на нејзината веќе изградена силна капитална позиција.
Добивката пред оданочување изнесува 566.310.000 денари. Таа е пониска за седум проценти во однос на првиот квартал од минатата година, како резултат на претходно наведените причини, а, пред сè, на прудентниот пристап на Банката и на повисоката исправка на вредноста на финансиските средства.
Зголемување на капиталот
Кварталниот резултат покажува дека вкупната актива на Банката во првите три месеци е 106.284.545.000 денари. Таа е на исто ниво во однос на крајот на минатата година. Паричните средства и парични еквиваленти во споредба со крајот на 2020 година се пониски за 818.200.000 денари, односно за пет отсто. Тоа е резултат на употреба на овие средства во кредитен пораст и зголемување на портфолиото на хартии од вредност.
Кредитите на и побарувања од други комитенти бележат минимален пораст од еден процент. Додека кредитите на и побарувањата од банки бележат зголемување од четири проценти.
Вложувањата во хартии од вредност изнесуваат 14.895.755 илјади денари, што претставува зголемување од еден процент во однос на минатата година. Останатите побарувања се на исто ниво и изнесуваат 1.482.779.000 денари.
Вкупните депозити на други комитенти се на исто ниво во однос на крајот на 2020 година, додека во споредба со истиот квартал од минатата година, вкупните депозити остварија пораст од 3.802.460.000 денари, односно 4,6 отсто.
Банката го зголеми капиталот и резервите за три отсто во однос на крајот на 2020 година. Сега изнесуваат 17.889.800 илјади денари,. Недвижностите и опремата бележат намалување за два проценти.
Обврските по кредити изнесуваат 523.334.000 денари и се намалени за 6.206.000 денари.
Очекувања за претстојниот период
Стопанска Банката, како банка со најголема капитална основа и со најголемо кредитно портфолио во земјата ќе се движи во линија на порастот на пазарот. Очекува да го зголеми пазарното учество во корпоративниот сектор. Потоа, да го задржи водечкото пазарно учество во секторот на население, со понуда на услови и на цени што се во согласност со конкуренцијата. Притоа почитувајќи ги принципите за прудентно работење во својата кредитна политика.
Во делот на депозитното работење, Банката планира задржување на конкурентските услови и понуда на депозити што ќе ги следат потребите на клиентите. Исто така и осовременување на начинот на комуникација со клиентите во овој сегмент. Како и досега, надградбата и осовременувањето на дигиталните канали на комуникација и оператива ќе бидат приоритет во проектното портфолио на Банката. Примарен фокус на менаџментот и понатаму останува грижата за вработените и континуираното функционирање на Банката на услуга на клиентите.