Најдобар прв квартал на ТИРЗ во последните четири години, покажуваат резултатите на месечната   анализа што вчера ги објави ТИРЗ.

Во технолошко индустриските зони е регистрирана највисока економска активност во првиот квартал во последните четири години и во однос на извозот и во однос на увозот покажува редовната месечна анализа на ТИРЗ.

 

Најдобар прв квартал на ТИРЗ во последните четири години

Имено, во првиот квартал од 2021 годиина извозната активност во индустриските зони под надлежност на Владата достигна износ од 776 милиони евра. Што значи дека извозот е зголемен за 30 отсто повеќе од истиот период во 2020 година. Додека во однос на 2018 година порастот е над 41 отсто, стои во објавата на ТИРЗ.

И на месечно ниво, извозната активност во март годинава е највисока во изминатите четири години. Таа достигна ниво од 260 милиони евра, што е за 67 милиони повеќе од истиот месец во 2020 година.  Компаниите активни во зоните и понатаму се носители на извозот во земјата со над 48 процентно учество во вкупниот извоз што е највисок процент до сега.

Увозот зголемен за 34 отсто


Според анализата на ТИРЗ и во однос на увозот е регистрирано највисоко ниво досега во споредба по квартали во изминативе четири години. Така увозот во првиот квартал од годинава достигна 736 милиони евра и е за 34 отсто повисок од првиот квартал лани. А, дури за 50 отсто повисок споредено со првиот квартал во 2018 година.

Во зоните во март исто така е регистриран највисоко ниво на учество во севкупниот увоз досега – 36 отсто. Исто така, месечниот увоз во ТИРЗ во 2021 година го надминува месечниот увоз за ист период во изминати четири години. И тој се движи на ниво од 243 милиони евра односно 87 милиони повеќе од истиот месец лани.

Зголемена инвестициска активност


Трендот на раст на увозот е поврзан и со зголемената инвестициска активност во зоните. Само во првиот квартал од годинава се потпишани договори со три компании. Нивните вкупни инвестиции се очекува да достигнат 50 милиони евра. Директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски неодамна најави и нови странски инвестиции.

“Изминативе пет месеци успеавме да поттикнеме инвестициски проекти кај 15 компании кои вкупно тежат околу 250 милиони евра. Тие предвидуваат отворање на дополнителни 5.500 нови работни места. Едната е инвестиција во девет цифри, односно повеќе од 100 милиони евра.  Добар дел од овие компании веќе се во фаза на одредени симулации за тоа што компанијата може да очекува како поддршка од државата. Тоа всушност е чекор пред склучување на договор,“ потсетуваат во соопштението од Технолошката развојна зона.

Редовната месечна анализа на Дирекцијата на ТИРЗ за месец март покажува продолжување на позитивниот тренд и во однос на покриеноста на увозот со извозот. Така, во март годинава нето извозот е  пет отсто. Додека на државно ниво (за месец февруари) овој однос беше минус 21 отсто.

Услови за нови работни места


Анализата покажува дека и во првиот квартал од годинава бројот на вработени во зоните останува стабилен. Во овие компании работат околу 14.000 лица, а во дел од нив веќе има постапки за отворање нови работни места.

И во услови на криза бројот на вработени останува стабилен, а кај дел од компаниите континуирано расте. Дури 60 отсто од компаниите имаат зголемен број на вработени. Покрај 14.000 наши сограѓани кои работат во зоните, само актуелните инвеститори, без оние со кои сега разговараме се обврзани да отворат уште дополнителни 7500 работни места во следните неколку години. Наша цел е со посебни мерки да го забрзаме овој процес,“ информира Деспотовски.

Инаку, во 2020 година регистриран е раст на просечната бруто плата од 5,5 отсто и просечната нето плата од два отсто, при стабилен број на работни места.