Најголемиот државен фонд на светот станува косопственик на ветерница во Холандија
Најголемиот државен фонд на светот станува косопственик на ветерница во Холандија, една од интересните норвешки инвестиции во обновливи извори на енергија.
Норвешкиот државен фонд вреден 1.300 милијарди долари, најголем во светот, ја потврди својата прва инвестиција во инфраструктурата за обновлива енергија во рамките на диверзификацијата, како дел од глобалните напори за борба против климатските промени. Станува збор за откуп на 50 процентен удел во крајбрежната ветерница Borsel во Холандија од данската компанија Orsted за 1,375 милијарди евра.
Според потпишаниот договор, трансакцијата треба да се изврши во наредните месеци, а Орстед ќе остане косопственик и ќе управува со ветерниот парк. Филијалата на Норвешката централна банка (NBIM) која управува со Фондот, објави дека Борсел е втора по големина оперативна електрана на ветер во светот, со капацитет од 752 мегавати. Може да произведе доволно енергија за годишна побарувачка на електрична енергија за околу милион холандски домаќинства, пренесува Форбс.
Фондот има мандат од норвешкиот парламент да инвестира до два проценти од своите средства во проекти за обновлива енергија. Во 2019 година, парламентот му дозволи на Фондот да инвестира во обновлива енергија за прв пат. Фондот е основан во 1990 година како средство за инвестирање огромни приходи од нафта и гас од Норвешка, а досега инвестираше само во акции, обврзници и недвижнини.
Норвешкиот државен фонд поседува акции во околу 9000 компании ширум светот, вклучувајќи ги Apple, Microsoft i Samsung и поседува околу 1,4 проценти акции во котирани компании ширум светот.
Фото: Снимка на екранот на YouTube
НБИМ наведува дека конкурентската предност на Фондот е тоа што е голем и дека гледа многу можности за напредок во областа на обновлива енергија и диверзификација. Фондот генерираше 123 милијарди долари за поврат во 2020 година.
Фондот ќе инвестира во проекти за чиста енергија во Европа и САД
Другите државни фондови исто така инвестираат во проекти за чиста енергија, а според НБИМ, Фондот има потешкотии да идентификува соодветни обновливи извори на инвестиции поради силната конкуренција и непривлечните цени. Фондот има намера да инвестира во проекти за чиста енергија во Европа и САД.
Аналитичарите, меѓутоа проценуваат дека државните фондови се бавни во преминот кон финансирање на обновливи извори на енергија. Притоа, наведуваат дека во 2020 година, тие директно инвестирале 10,26 милијарди долари во индустријата на фосилни горива и 1,17 милијарди во обновливи извори.
Глобалната конкуренција за енергијата на ветер е интензивирана, бидејќи и светските нафтени компании се свртија кон инвестирање во обновливи извори на енергија.
Инаку, Фондот има одобрение од Парламентот да инвестира 12 милијарди долари во фарми со ветерници и соларни фарми во САД и Европа помеѓу 2020 и 2022 година. Менаџментот на фондот нагласува дека сака да се посвети на големи трансакции, а не да троши време на мали проекти. Новите спојувања со Орстед и неколку други избрани компании се во фаза на подготовка.